Советот на јавни обвинители едногласно одлучи да почне постапка за разрешување на шефицата на СЈО во оставка, Катица Јанева. Власта со европско знаменце ита кон усовјување на измените на Законот за обвинители а Будимпешта изгледа е шокирана
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев соопшти дека на денешната седница Советот едногласно донесол одлука да почне процедура за разрешување на Катица Јанева, шефицата на СЈО во оставка. Извештајот за Јанева ќе биде испратен во Собранието на Република С. Македонија. Тој, како што истакна Штерјев, ќе содржи делови од исказите кои пријавувачот и сведоците ги дале пред Обвинителството. Тековната истражна постапка, нагласи Штерјев, не дозволува изнесување опширни информации во Извештајот, но овој документ сепак содржи доволно податоци за пратениците во законодавниот дом да можат да имаат увид во фактичката состојба.
Денешната одлука на Советот на јавни обвинители е донесена по завчерашната седница, која траеше осум часа, а на која обвинителката Вилма Рускоска од Обвинителството за организиран криминал реферирала за случајот „Рекет“ и одговарала на прашања на членовите на Советот.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја осомничи Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување и му овозможила на осомничениот Орце Камчев да излезе од притвор и да добие времен пасош во предметот „Империја”. Јанева се наоѓа во притвор, исто како и двајцата осомничени во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски и Зоран Милевски.
По притворањето на специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева, целосно е блокирана работата на Специјалното јавно обвинителство.
Законските празнини не му даваат можност на Советот на јавни обвинители да избере в.д. шеф на СЈО, туку само да започне постапка за разрешување на Јанева. Таква одлука треба да биде донесена денеска, откако Советот завчера седум часа го разгледуваше извештајот на Обвинителството за гонење организиран криминал што ја води истрагата за случајот „Рекет“, а во кој е осомничена Јанева. Дури и ако Советот денеска донесе одлука за започнување постапка за разрешување на Јанева, таа процедура, која се одвива на релација Совет на јавни обвинители-Собрание, може да потрае со месеци. Во меѓувреме, без шеф на СЈО во прашање ќе биде доведена тековната работа на таа институција и на судските процеси, од кои голем дел може и да застарат.
Решението не е на повидок ни по прашањето на новиот предлог закон за Јавното обвинителство кој неделава влезе во собраниска процедура, а треба го инкорпорира сегашното СЈО во редовното обвинителство. До денес не се надминати разликите помеѓу власта и опозицијата за клучните прашања – што со предметите кои ги води СЈО? Власта предлага тие предмети да бидат трансферирани во Обвинителството за гонење организиран криминал и да продолжат од точката во која се стасани во СЈО, со цел да нема застој во постапките и губење на докази. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која има голем број членови и поранешни функционери засегнати со истраги и обвиненија на СЈО, своите забелешки ќе ги преточи во амандмани.
Доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство за усвојување на Законот за јавно обвинителство, министерката за правда Рената Дескоска најави дека се размислува за „План Б“, со кој би се надминале пречките што ја кочат работата на СЈО. Станува збор за измени на сегашниот Закон за јавни обвинители кои се носат со обично мнозинство, а со кои ќе му се овозможи на Советот на јавни обвинители да избере вршител на должноста Специјален јавен обвинител. Таква можност нуди членот 19 од подзаконскиот акт – Деловникот за работа на Советот на јавните обвинители, во кој е предвидено: „Ако на јавниот обвинител на РМ му престанала функцијата или е разрешен, Советот со одлука ќе определи јавен обвинител од редот на јавните обвинители во Јавното Обвинителство на РМ, кој ќе ја врши функцијата до именување на јавен обвинител“. Планот е оваа одредба од Деловникот да влезе во законот, и да важи за шефовите на сите обвинителства. Од ресорот правда потсетуваат дека токму врз основа на оваа одредба од Деловникот, на 28 -ми август 2017 година обвинителкатата Лилјана Спасовска беше назначена за вршител на должноста јавен обвинител на РМ, на местото на Марко Зврлевски, кого Собранието десет дена претходно го разреши од должноста. Спасевска беше в.д. јавен обвинител сѐ до изборот на актуелниот републички јавен обвинител, Љубомир Јовески. Ваквата постапка може да важи и за првиот човек на СЈО, согласно со одредбата од законот за СЈО во која се вели дека „за сѐ што не е регулирано со тој закон, се применуваат одредбите од Законот за јавното обвинителство и другите позитивни законски прописи“.
По најавата на „Планот Б”, мнистерката за правда беше остро нападната од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Партискиот лидер Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, планот го оцени како израз на „одмазда и омраза кон ВМРО-ДПМНЕ (…) наместо да искористи прилика да се извини на граѓаните поради непримерни моменти на прегрнувања со Боки тредичи и да даде неотповиклива оставка”.
А дали на сцена ќе стапи „Планот Б“, зависи токму од опозицијата. Време за усогласување на ставовите се уште има, но ако на крајот не гласа за Законот за јавно обвинителство, нема да остави друг избор. Дескоска завчера во Собранието ги повика пратениците „да стиснат зелено копче за да го изгаснат пожарот во кој се наоѓаме повеќе години, што ќе значи продолжување на постапките на СЈО во кои има индиции и обвиненија за сериозен криминал направен од претходната власт”.
„Исто така, имаме и ситуација во која е отворен сериозен случај, а тоа е случајот ‘Рекет’ за кој треба да има постапка и ефикасна правда за сите, без оглед на која политичка гарнитура припаѓаат, без оглед дали се политичари, или не“, рече Дескоска.
Таа нагласи дека голем дел од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ дадени во изминатиот период се интегрирани во законскиот текст, но дека имало ретерирање од одредени решенија кои биле ставени токму на нивно барање.
„За жал преовладува мислењето и впечатокот дека на ВМРО-ДПМНЕ поважно им е да ги спасат оние коишто се обвинети во постапките на СЈО, отколку да овозможат ефикасно водење на судските постапки, а со тоа и обезбедување на отворање на преговори за пристап кон ЕУ. Се надевам дека во наредниот период кога ќе бидат доставени нивните амандмани ќе можеме да седнеме и да разговараме околу амандмански текстови. Се надевам дека осумдесет пратеници ќе смогнат сила да поддржат закон којшто се носи заради обезбедување ефикасна правда, но и ќе значи отворање на вратата на Европската Унија“, порача министерката за правда.
Непосредно по заминувањето со пленот од еден милион евра, еден од осомничените само за неколку дена во странство потрошил околу 180.000 евра. Се стега обрачот и околу други осомничени.
Можно е наскоро и други лица да бидат опфатени во истрагата што се води за случајот „Рекет“ дознава ДВ. Наводно станува збор за соработници на еден од осомничените, а чии имиња биле посочени во некои од досегашните сведочења за случајот. Засега нема одговор дали ова е можеби поврзано со исказот што пред една недела го дала пензионерката Лилјана Тодоровска, чија авторска идеја за изградба на Европски комплекс за возрасни лица била пласирана преку невладината организација „Меѓународен сојуз” на Бојан Јовановски. Врз основа на договор со организацијата, на Тодоровска на банкарска сметка ѝ биле префрлени 720.000 евра, кои по подигањето веднаш ѝ биле одземени од лица соработници на Јовановски. Откако случајот „Рекет“ ја извади на виделина и оваа епизода, Тодоровска за медиумите изјавуваше дека е ограбена.
И од исказите на сведоците зависи во колкав обем ќе се шири истрагата за случајот. Обвинителката Вилма Рускоска (по вчерашниот состанок во Советот за јавни обвинители кој расправаше, но за в четвроток ја одложи одлуката дали ќе утврди причина за разрешување на Јанева од функцијата), рече дека сѐ уште се работи на финансиската истрага и дека за дел од парите знаат каде се, а за дел работат на тоа.
Како што дознаваме,вештачењето на компјутерите и на телефоните одземени од осомничените сѐ уште не е завршено, а се очекува од нив и од други докази обезбедени во рамките на истрагата точно да се утврди каде завршиле парите што во два наврата биле изнудени од оштетениот.
Според досегашните сознанија, првата сума од 500.000 евра била исплатена во два наврата, за разлика од втората од еден милион евра која осомничените ја земале веднаш спакувана во луксузна торба, како што беше прикажано и на снимка објавена од онлајн изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“.
До овој момент имало докази дека еден од осомничените два-три дена по земањето на милионот од домот на оштетениот, заминал во странство каде што за неколку дена време на луксузирање потрошил околу 180.000 евра.
Советот на Јавни обвинители за в четвроток ја одложи одлуката дали ќе утврди причина за разрешување на Јанева од функцијата
Во Обвинителството за гонење организиран криминал за овој случај досега исказ дале неколку бизнисмени, чии имиња не се откриваат. Покрај оштетениот Камчев, кој завчера дополнително сведочеше за случајот, вчера дополнителен исказ дал и Жарко Луковски, поранешен главен извршен директор во „Т-мобиле“. Наводно, тој сам побарал да го дополни исказот кој претходно го дал во случајот „Рекет“. Неговото име се споменува од страна на Јовановски во еден од разговорите со Камчев што ги објави „Ла Верита“, како човек кој „завршил работа”.
Според Рускоска, Камчев во исказот не спомнал имиња на политичари, освен премиерот Заев, како човек на кој најпрво му го пријавил случајот.
Имињата на други бизнисмени кои сведочеле за случајот засега не се знаат, но се претпоставува дека како сведоци биле повикани лица осомничени во предметите на СЈО – „Империја” и „Поштенска банка”, двата случаја кои се поврзуваат со мотивацијата за „Рекет”. Дел од нив, наводно негирале дека им биле барани пари.
Обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот „Империја“, уште пред да даде исказ во Обвинителството, во соопштение објасни дека Јанева наложила најдоцна до 16-ти мај 2019 година да ѝ бидат доставени писмени извештаи за штетата во тие два предмета која осомничените траба да ѝ ја платат на државата, по што предметите „да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“.
По минатонеделното протекување на записник од исказот на оштетениот Камчев во еден портал, повторно се објавени наводни искази на сведоци со назнака за датуми на нивно сведочење и страници во записникот, поставени во прашална форма – „дали е точно дека на третата страница од дополнувањето на исказот на кривичната пријава, даден на 20.05.2019, пишува…?”
До денес Обвинителството не утврди како и од каде протекле записници во фаза на истрагата.