Клисура на Зрновска Река – помеѓу заштитено подрачје и уништена природа
Клисурата на Зрновска Река е редок природен бисер вгнезден во срцето на планината Плачковица. Поради високите стрмни падини обраснати со густа столетна шума и карпестото корито на кристално чистата река, овој предел отсекогаш бил тешко достапен и речиси непрооден, па низ времето успеал да го зачува својот девствен природен амбиент од влијанието на човекот. Подрачјето на клисурата е значајно поради присуството на стари шумски заедници, но и поради присутството на македонската пастрмка и поточниот рак во водите на Зрновска Река. Значајни фаунистички видови се регистрирани и во притоките на реката, но и на камењарите околу врвот Лисец. Токму поради овие карактеристики предложено е ова подрачје да добие соодветен степен на заштита како Парк на природата „Зрновска Река – Лисец“.
За жал, процесот на заштита на овој простор стана неизвесен откако во најатрактивниот дел од подрачјето започна изградбата на две мали хидроцентрали. Иако во еден период од околу седум години работите беа стопирани, од оваа година изградбата продолжи со полна пареа. За потребите на изградбата уништена е голема површина под шума, природниот амбиент е целосно изменет, а самиот градежен процес предизвикува големо заматување на водите на реката и нејзино загадување.
Се чини дека и овој пат Македонија трајно ќе загуби значајно природно богатство, а за возврат, користа од тоа ќе биде речиси никаква.
Зрновска Река (или Зрновка како што ја нарекуваат локалните жители) е река во источниот дел на Македонија и лева притока на Брегалница. Долга е 23 километри и во најголем дел тече низ падините на планината Плачковица, а само во еден мал дел пред вливот (нешто помалку од четири километри) низ Кочанско Поле. Изворишниот дел ѝ е под високите врвови на Плачковица, на надморска височина од 1.420 метри и сè до селото Зрновци има карактеристики на планинска река. Во Брегалница се влева на надморска височина од 325 метри. Нејзиното сливно подрачје зафаќа територија од околу 70 квадратни километри. Во горниот дел тече кон запад под името Ломија, а потоа кон север како Зрновска Река.
Карактеристичен дел од течението на Зрновска Река е нејзината клисуреста долина која на одредени места (во делот каде што Ломија се спојува со Џамиска и понатаму тече како Зрновска Река) има карактеристики на кањон. Долината на оваа наша река ја дели планината Плачковица на два речиси симетрични делови, источен, со највисокиот врв Лисец (1.754 м.н.в.) и западен со највисокиот врв Туртел (1.689 м.н.в.).
Клисурата на Зрновска Река е длабока помеѓу 600 и 800 метри, страните и се доста стрмни и обраснати со столетна густа шума што ја прави многу тешко достапна, па поради тоа целиот овој простор има карактеристики на „дивина“ и остава впечаток на недопрена природа. Вдлабена е во рифеј-камбриумски шкрилци, долга околу 12 километри, а на нејзиното дно е всечено карпестото корито на Зрновка.
Коритото на Зрновка се карактеризира со голем број брзаци и мали водопади во чие подножје се создале вирови, или таканаречени лонци. За најимпресивен се смета Девичин Вир кој се наоѓа на околу 3,5 километри јужно од селото Зрновци. Вирот е со пречник од околу 8 до10 метри и длабочина до 4 метри, а се формирал под Девичиниот Водопад кој е висок околу 5 метри. Уште неколку вакви вирови, врежани во подлогата од цврсти карпи, се формирале низводно од Девичин вир кон селото Зрновци, од кои најпознати се Колев Вир, Змијарнико и Суљов Вир.
Во долниот тек на Зрновска Река, над селото Зрновци, постои мала хидроцентрала која е пуштена во употреба во 1950 година и е една од првите хидроцентрали изградени во Македонија. Хидроцентралата во голема мерка го нарушува водотекот на Зрновска Река, а во периодите на полнење на цевководот со вода драстично го намалува нејзиниот водостој. Дополнително, Зрновска Река служи и како извор на чиста вода за пиење за жителите на селата Зрновци и Мородвис, а нејзините води се користат и за наводнување на 250 хектари земјоделски површини
Водата на Зрновска река е исклучително чиста, со висок процент на кислород кој варира помеѓу 7,1 мг/л во лето и 15 мг/л во зима и со богат животински и растителен свет. Во горниот тек реката е застапена речната пастрмка Salmo macedonicus, која опстојува при оптимална концентрација на кислород помеѓу 9 и 11 мг/л и речниот рак Astacus astacus. И двата вида се карактеристични за студени планински потоци и реки и претставуваат индикатори за водотеци со чиста и бистра вода
. Во 1997 година од страна на локални еколози, а во соработка со професори на Институтот за биологија при Природно – математичкиот факултет од Скопје, е вршено испитување на водите на Зрновска Река, при што за првпат во Македонија е констатирано присуство на вид алга Diploneis petersenii, која се смета за нордиско – алпски вид (најраспространет во Исланд, Финска, Норвешка како и високите планински масиви на Алпите и Пиринеите) што повторно укажува на високиот квалитет на водата.