Иако петочниот докторант Груевски не е поранешен студент на скопскиот Економски факултет а зад него е некаква магловита претстава за деновите на неговото образование, за некои елементи од темата – текот на парите – нема сомнение дека Груевски може на своите ментори и членови на комисијата навистина да им биде предавач
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Петокот што е зад нас има навистина симболичка вредност за земјава. Поранешниот премиер на земјава Никола Груевски се појави во Кривичниот суд на редовната пријава на своето присуство во рамки на државните граници. Тоа е вообичаена процедура, бидејќи, истиот е во процедура како обвинет за пет-шест најтешки дела според кривичното право. Со оглед на тоа што нему не му беше одреден притвор – му беше одземен пасошот и му беше одредено да се пријавува во Судот еднаш неделно. Факт е дека е тоа формализирање со оглед на тоа дека сите тв станици кај нас вестите постојано ги исполнуваат со слика и евентуално изјава на Груевски додека влегува секој ден во Судот и секако додека излегува од зградата во која му се суди.
Но петокот за кој говориме Груевски немаше само формални обврски – тој после визитата на Судот го мина булеварот Гоце Делчев и влезе во аулата на Економскиот факултет. Причината сите ја знаеме – ја бранеше и ја одбрани во 4-часовна експликација својата докторска тема со наслов „Економските ефекти на различните видови меѓународни текови на капитал, со посебен осврт на Република Македонија“. Како обвинет и за дела кои секако имаат врска и со оптекот на парите во и вон земјава, Груевски покажа дека тие сознанија или знаења можат да се материјализираат и меѓу професорите (експертите) на споменатиот факултет при државниот Универзитет.
Иако петочниот докторант не е поранешен студент на овој Универзитет, туку зад него е некаква магловита претстава за деновите на неговото образование, за некои елементи од темата нема сомнение дека Груевски може на своите ментори и членови на комисијата навистина да им биде предавач.
Всушност, булеварот Гоце Делчев во петокот напладне можеби и не го мина премиерот туку преправениот Плутос, античкиот бог на парите!
Да се потсетиме дека според комедијата на Аристофан („Плутос“) уште тогаш парите биле центар на светот а оној кој управувал со нив бил директен ривал на самиот Зевс, врвното божество од Олимп, кој наводно му се осветил на споменатиот сајбија на парите.
Според оваа претстава двајца жители на древната Атина заминале за Делфи, да побараат од пророчката одговор како тоа лошите луѓе брзо се богатат, додека вредните и чесните остануваат сиромашни цел живот? Пророчката им советувала дека одговорот ќе го добијат кога ќе се враќаат назад – треба да го земат со себе првиот човек кого ќе го сретнат и со него да поразговараат, веројатно ќе го добијат и одговорот.
Човекот кого го сретнале бил валкан, во исканата облека и – слеп! Но се изненадиле дека тоа бил Плутос, богот на парите и лагодниот живот Тој им рекол дека го ослепел богот Зевс кога во една прилика се карале за поделба на парите (во времето на Аристофан немало цензура!). Атињаните од ова заклучиле дека неправедната поделба е резултат на тоа што Плуто е слеп и решиле да го излекуваат. Но, не излегло како што мислеле: со подобрен вид Плуто бил поалчен а прашање е – во контекстот – дали воопшто бил слеп или само се преправал!?
Како и нашиот Груевски и античкиот Плутос има двојно значење. Едниот лик бил омилен а тоа е оној за слепиот дарител на богатството, што го споменавме и кој бил од интерес на неговите професори, како извор на драгоцени сознанија, но и за членовите на МАНУ, да не заборавиме, кои во една од мрачните епизоди на неговото институционално постоење имаше идолопоклонски рефлекси кон магистерскиот труд (!) на тогашниот премиер. Што е секако разбирливо, бидејќи од џебовите на Плутос испаѓале докази на неговата милост и имало од таа содржина и за тогашните патриции.
Постои и втор пол на богот Плутос, кој по легендите имал палата на Елисејските полиња, а опишан во Илијадата на Хомер е што истиот е истоврмено и бог на подземјето, на Адот, што разбирливо било актуелно во битките под ѕидините на Троја во десетгодишната војна. Неговото споменување предизвикувало страв ама грчката митологија тие спротивставености не ги гледала така – златото, на пример, се копа од под земјата а семето се фрла под површината на тлото и дава плодови. Земното богатство се раѓа од невидливи извори.
Во современата митологија подземјето има друго значење а одговорот за тоа се гледа и треба допрва да се открие во својата целина во кривичниот суд, каде освен што речиси секој ден наминува сега веќе докторот по економски науки Груевски, постојани гости се и членовите на она што се нарекува Фамилија, некои веројатно и поважни во хиерархијата на алчноста.
Нашите противречности, оние од едната и другата страна на булеварот Гоце Делчев, текот на парите во подземјето и надземјето, треба да ги нивелираат нашите Аристофани, обвинителите и судовите. Овие последните во тој митолошки ареал треба да бидат со превез преку очите.