БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Кога би го ставил овој ракопис во машина за претворање во музички форми, мислам дека од другата страна би се појавил фадо. Или некаква џез партија пред фајронт. Дона Каран која со благата отсутност и забавеност, всушност, интензивно ти влегува под кожата. Не знам, не е исклучено да се појави и некаков блуз, но не од типот на Џон Ли Хукер, тоа е сепак прежестоко ниво кое нема адекватна суровина во текстовите на Рамадани, но нешто од лигата на Били Холидеј или, можеби, Пеги Ли. Чат Бекер, што да не!?
Јас и кога пишувам барам музичка потврда за секоја реченица и за секој пасус, па така и читам и врз основа на музичките еквиваленти носам заклучоци за тоа што го читам.
Ритамот и јазикот на Рамадани се единствени.
Затоа што не се жртва на ефектите, туку се функција и израз на неговата слобода. Тоа е така различно од идејата и ставовите на повеќето колумнисти кои во потрагата по ефекти ја прикриваат својата плиткост и ограниченост со себе или со контекстот. Ми се допаѓа благоста, топлината, мекоста, добрината, добронамерноста, благородноста, неизнасиленоста, во изразот на Рамадани, неговиот стил кој на крајот се оформува како огромна возбудлива бонаца на мислата, ставот, борбата, ангажираноста.
Највозбудлив феномен кога сум на море или езеро за мене е бонацата, не брановите. Се сеќавам кога од пионерското летувалиште “Сутјеска” бегавме во Свети Стефан и изнајмувавме сандолни за пловење по зејтинлестото езеро, со возбуда што и денеска ја паметам. Денеска читањето на Рамадани ми е како пловење со сандолината на нашата љубопитност низ возбудливата бонаца на неговиот ракопис, низ таа низневеројатна смиреност која возбудува преку откривањето или различното дефинирање на хоризонитете или преку огромните валери кои едвај забележливо се бркаат кон копното. Без пена. Таа благост не е работа што тој ја договорил со себе за да ја импресионира јавноста, туку е тоа тој самиот, неговиот карактер и душа, во изразот тој е во фантастична хармонија со себе и со стварноста што сака да ја менува. Тоа е многу редок пристап затоа што кај повеќето автори амбицијата оди пред моќта на нивните чувства и карактерот на нивните карактери.
Тоа е мојата прва импресија.
Втората извира од образовната и културна кондиција на авторот, од солидната начитаност, од знаењата кои не се пабирчени по рубриките дали знаете или големите мисли на уште поголемите луѓе, туку се аспект на зреењето низ образовниот процес и континуираното културно и општествено и политичко и интелектуално воздигнување. Таа кондиција му овозможува лесно да плива во темите без да плиска многу наоколу. Да користи цитати не за да ја истакне својата начитаност туку за да го илустрира својот став и да ја разврзе приказната, да и даде троа шарм, не за да ја крене како некаква висока амплитуда на паметта. Ерудицијата и длабочината не одат заедно, вели Сјоран, затоа што ерудицијата не и остава време и простор на длабочината, но кај Рамадани мислам дека е остварена, имено, таа хармнонија меѓу длабочината на погледот и знаењето кое ја отвора таа длабочина и ја прави видлива.
На тоа се надоврзува вкоренетоста на Рамадани во албанската, пред се, култура и традиција, но и во македонската, во турската, во српската… Тоа се покажува многу важно и во политичката ориентација на авторот и во неговиот стил во кој има не малку референци од тие традиции.
Трета работа се темите. Може да се каже дека нема ниту еден феномен ниту еден настан ниту еден процес или субјект што не се нашол како цел на опсервациите на Рамадани. Дуи, Дпмне, нивната власт, Албанците во Македонија, Македонците во Македонија: Верските прашања; односите меѓу верското, националното и државното. Изборите. Нивните, на сите тие теми, меѓусебни односи, природата на основниот конфликт, тој од меѓуетнички карактер….Итн. Се е тоа обработено низ јазик кој е така спротивен на количеството на злото и безобразлукот со кое се соочувавме во последните петнаесетина години. А, сепак, категоричен јазик на осуда, исмејување, борба, секогаш на страната на доброто кое не е и не може да биде работа на арбитража затоа што е дефинирано во културното наследство и во моралната вертикала на човекот и на неговите заедници и во перспективите на луѓето и на нивните заедници, на целата заедница и на државата, во Европа.
Во филозофијата која вели дека победата не е во поразот на другиот, туку во слободата.
Најлошиот вид на неписмен е политички неписмениот. Тој не изгледа како да знае дека цената на живеењето, цената на гравот, на брашното, на киријата, на лковите, зависат од политичките одлуки. Тој имбецил не знае дека од неговата политичка невклученост доаѓаат проституцијта, напуштеното дете, крадецот и најлошото од се,корумпираните политичари потрчковците на експлоатативните мултинационлани компании.
Ова е Брехт, се разбира, но не само како цитат поместен кај Рамадани, туку како еден од основните вредносни постулати во неговото пишување.
Тоа четвртата работа на која се осврнувам, вредносниот императив, ова што пред малку го споменав, но не само во однос на тематската определба, туку како став кој е и над пишувањето и над темите и се однесува на самиот живот. Јас го познавам Рамадани од поодамна но вистински го запознав пред десетина-петнаесет години. Патиштата ни се споија во рамките на граѓанските активности на борбата против нацифашистичкиот и клерофашистичкиот режим на чипираните идиоти од вмро- дпмне и дуи.
Тука сакам да истакнам две работи: прво, настојчивиот, бескомпромисен ангажман на Рамадани против злото низ сите можни форми, колумни, книги, трибини, фестивали, демонстрации, револуции и така натаму, преземајки хо притоа сиот ризик на борбата, бескорисна борба за слободата ако самата слобода не ја сметаме за најголем дострел и неппсредна корист. Второ, тоа е застанувањето на страната на доброто тогаш кога е тоа најтешко односно кога злото е многу силно, моќно и исплатливо. Не кога е јасно дека односите на историските тасови се менуваат во корист на доброто, тогаш е лесно да си против злото. Ова е многу важен момент. Не сум сигурен дека општеството во таа смисла има чувство да ги препознава своите херои.
И сосема на крајот: има луѓе кои велат дека нема никаква смисла да се издаваат книги со колумни. Не се согласувам, нормално. Јас дури мислам дека најдобрата колумнистика е подобра од најдобрата белетристика кај нас но, тоа е веќе една друга тема.