Тевдовски: Растот на платите е најочигледен во текстилната индустрија
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, и шефицата на кабинетот на Министерството за труд и социјална политика, Санела Шкриељ, како претставници на Владата на Република Македонија, неодамна учествуваа на дебатата „Иднината во нашите очи“, во организација на фондацијата „Фридрих Еберт“, која се одржа во рамките на „Текстилијадата“ во Штип.
Како што информираат од владината прес-служба, Тевдовски истакнал дека целта на Владата е да обезбеди подобар живот за граѓаните и развој на економијата, а тие две цели, како што рекол, се заемно поврзани. Министерот додал дека токму поради тоа, Владата истовремено го поддржува и растот на платите преку мерки како минималната плата, но и техничко-технолошкиот развој на компаниите за зголемување на продуктивноста.
На дебатата во Штип, Тевдовски посочил дека растот на платите најмногу се гледа кај секторите за производство на текстил, облека и преработка на кожа, како области што порано, како што посочи министерот, имале плата под минималната, но сега прагот кај нив е изедначен со другите сектори.
Министерот за финансии на трибината на манифестацијата „Текстилијада“, која се одржува вторпат и која им овозможува на работниците и на работодавците да ги споделат нивните теми од интерес, нагласи дека растот на платите влијае на покачувањето на продуктивноста на компаниите бидејќи подобро платените работници се помотивирани и попродуктивни.
Во име на Министерството за труд и социјална политика, шефицата на кабинетот на министерката, Шкриељ, нагласи дека изминатата една и пол година МТСП интензивно работело на законски решенија со кои се унапредуваат работничките права.
„Една од тие мерки е поддршката за раст на плати со кои на работниците им се исплаќа повисока минимална плата, а работодавците добиваат поддршка за неа и од оваа мерка веќе се гледаат резултатите“, посочила Шкриељ.
На дебатата учествуваа и Благој Бочварски и Николчо Илиев како градоначалници на Штип и Кочани, градови со доминантно текстилна индустрија.