Скок на цените на производите и раст на трошоците на живот повлекуваат и раст на инфлацијата. Државниот завод за статистика за декември пресмета 4,4 проценти инфлација во однос на истиот месец во 2023 и повисоки цени на мало за 4,3 проценти
ОГНЕН ЧАНЧАРЕВИЌ
Трошоците на живот кај храната и безалкохолните пијалаците се зголемени за 2,9 проценти на годишно ниво додека на месечно се намалени за минимални 0,3 отсто во однос на ноември минатата година.
Од извештајот на статистичарите може да се види дека минатата година најголемо поскапување има кај минералната вода, соковите и безалкохолните пијалаци од 15,8 проценти, потоа зеленчукот кој сега се продава поскапо за 12,7 отсто споредено со истиот период во 2023 година, маслото и мастите кои поскапеле за 11,7 проценти, кафе, чај и какао кои сега се поскапи за 11,5 проценти, а млекото, сирењето и јајцата се продаваат со 7,5 проценти повисоки цени од 2023 година.
Дали и каков ефект ќе има т.н. „новогодишна кошничка“ која завршува на 15 јануари ќе се знае до крајот на идната недела?
Синдикалната кошница е патоказ на креаторите на политиките велат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и додаваат дека се покажало на дело дека трговците придонеле на дополнително осиромашување на граѓаните и работниците и дека тези за раст на инфлација поради раст на платите паѓаат во вода.
„Цените се зголемени во изминатиот период и за 30 проценти на основните прехранбени производи што го потврдија и од Владата. Неразумните добивки кои ги имаат трговците во претходната па и за 2023 година покажуваат дека сите тие се богателе на грбот на граѓаните и работниците користејќи го вакуум периодот меѓу мерките или изигрувајќи го законот за нефер трговски практики. Се случи токму тоа што ССМ го зборуваше – цените неоправдано се зголемуваат а главниот изговор беше дека цените и инфлацијата растат поради растот на платите што не е точно. Платите не пораснаа за 30 проценти како цените и маските на трговците паднаа“, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов за Гласот на Америка.
Премиерот Мицкоски е на ставот дека во втората половина на декември цените се стабилизирале.
„Годинава би требало да се заврши со 3, 5 проценти годишна инфлација. Информацијата ми е дека полека но сигурно во втората половина на декември се стабилизираа цените на оние основни производи“, изјави премиерот Мицкоски неодамна во Штип.
Последните податоци на статистика покажуваат дека има раст на цените и во угостителството и тоа од 5,6 проценти споредено со 2023 година и 6,1 процент за месецот декември спореден со декември 2023 година. Најголем скок на цените има кај салатите од 8 проценти и варивата од речиси 11 проценти.
(VOA news)
Бизнис секторот се соочува со проблеми поради рецесијата во Германија, најголемиот трговски партнер на македонските компании. Во периодот јануари – ноември 2024 година извозот е намален за шест отсто а трговскиот дефицит изнесува 2,9 милијарди евра. Најмногу се извезувале катализатори и проводници за палење а најмногу се увезувале нафтените масла.