Оружјето се огласи на некогашната зона на прекинот на огнот меѓу Ерменија и Нагорно Карабах, практилчно Азербејџан. Додека сите гледаа кон Егејот топовите згрмеа на границите на некогашните советски републики: стар конфликт кој одново се разгоре
Во регионот Нагорно-Карабах, во неделата наутро избувна судир меѓу ерменските и азербејџанските сили,. Првите вести говорат за 16 убиени војници а над 100 се ранети. Во текот на ппрвиот ден на судирите ерменската влада прогласи воена состојба и општа мобилизација поради ескалацијата на конфликт, а Азербејџан го стори истото, пренесува Ал Џазира, повикувајќи се на Ројтерс.
Според одлуката донесена на вонредниот состанок, одредени уставни права и слободи, како и имотните права ќе бидат делумно и привремено ограничени на граѓаните на Азербејџан и странците во таа земја, пренесува Анадолија.
Претходно, претседателот на непризнатата република Нагорно-Карабах, Араик Харутијан, објави воена состојба и ги мобилизира сите граѓани на возраст над 18 години.
Ерменскиот премиер Никол Пашинијан изјави дека азербејџанските вооружени сили започнале офанзива во насока на регионот Нагорно Карабах и дека одбраната успешно ја држи ситуацијата под контрола. Тој ја повика меѓународната заедница да осигури дека Турција нема да се вклучи во конфликтите меѓу Ерменија и Азербејџан околу Нагорно Карабах, оценувајќи дека однесувањето на Турција може да има деструктивни последици за Јужен Кавказ и соседните региони.
Министерството за одбрана на Ерменија соопшти дека нивните сили собориле два азербејџански хеликоптери и три беспилотни летала како одговор на нападите, за кои рекоа дека започнале во 04:10 часот по Гринич. Цел на нападот биле цивилни населби, вклучително и регионалниот центар на Степанакерт, пренесува Хина, повикувајќи се на Ројтерс.
„Нашиот одговор ќе биде пропорционален и военото раководство на Азербејџан носи целосна одговорност за ситуацијата“, се вели во соопштението на ерменското Министерство за одбрана.
Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека започнало воена операција долж „линијата на контакт“, ничија земја што ги одделува силите поддржани од Ерменците од азербејџанските сили во регионот, објавија руските новински агенции.
Министерството соопшти дека азербејџанскиот хеликоптер бил соборен, но дека екипажот преживеал. Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев рече дека има мртви и ранети меѓу цивилното население и меѓу војниците и рече дека „Азербејџан нема да молчи за постапките на Ерменија“.
“Ерменските сили утрово започнаа да пукаат врз позициите на азербејџанската армија и населбите во различни насоки долж линијата на раздвојување. Оган беше отворен од разни оружја, вклучително и од оние со голем калибар. Ова е уште една воена провокација од Ерменија”, рече Алијев, цитиран од Спутник.
„Во моментов, нападите врз непријателските позиции се во тек, воената опрема е уништена“, додаде тој.
Државната служба за мобилизација на Азербејџан соопшти дека општата мобилизација не е неопходна, бидејќи армијата е целосно опремена, пренесува Танјуг, повикувајќи се на ТАСС. Азербејџанската служба посочува дека се појавуваат и голем број волонтери.
Двете поранешни советски земји веќе долго време се водат меѓусебни расправии околу отцепениот азербејџански регион Нагорно-Карабах со мнозинство Ерменци, а граничните судири се интензивираат во последните месеци.
Ерменското Министерство за надворешни работи ја осуди „агресијата на воено-политичкото раководство на Азербејџан“ и рече дека ерменската страна ќе одговори соодветно воено и политички.
Етничките Ерменци во Нагорно Карабах прогласија независност за време на конфликтот што избувна по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.
Иако се согласија за прекин на огнот во 1994 година, Азербејџан и Ерменија меѓусебно се обвинија за нападите околу Нагорно Карабах и по должината на државната граница меѓу двете земји.
Иран ги повика Ерменија и Азербејџан итно да го прекинат конфликтот во Нагорно Карабах, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзаде, изразувајќи подготвеност на Техеран да помогне во воспоставување на примирје. „Иран внимателно го следи конфликтот со загриженост и повикува на итен прекин на конфликтот и почеток на разговорите меѓу двете земји“, рече Хатибзаде. Тој додаде дека Техеран е подготвен да ги искористи сите свои капацитети за да помогне во започнувањето на разговорите меѓу двете страни, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
Турција остро ги осуди нападите извршени од ерменските сили врз азербејџанските населби во зоната на демаркационата линија и рече дека тие напади се грубо кршење на меѓународното право, пренесува Анадолија.
Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи Хами Аксој рече дека Ерменија „уште еднаш покажа дека тоа е најголемата пречка за мирот и стабилноста во регионот“.
„Се разбира, Азербејџан ќе го искористи своето право на одговор“ – сметаат властите во Анкара, кои, не е чудо да гопомогнат Азербејџан во овој конфликт.
НАТО побара итно прекинување на конфликтот а слично реагираше и Москва, со тоа што Путин имал телефонски разговор со раководството на Ереван.
Судирот започна во 1992 година кога регионот Нагорно Карабах се отцепи од Азербејџан, заедно со седум други региони.
(продолжува во следниот број)