Со европско знаменце пред пратениците ќе се најдат и други закони од сферата на правосудството – една од областите кои се приоритетни за реформирање заради усогласување со европските политики. Во тој сет се Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, Предлог законот за прекршоците, Предлог законот за Судскиот совет на Република Македонија, Предлог законот за управни спорови…
Европската комисија реши да воведе нов пристап во преговорите каде што овие две поглавја ќе се отворат најпрво, ќе бидат отворени цело време и ќе се затворат последни за да се осигура постојан напредок без крупни назадувања.
Предпристапните преговори за членство во Европската унија Македонија официјално би требала да ги отпочне по ратификација на Договорот од Преспа од страна на грчкиот Парламент, односно откако кон средината на јанури во македонското Собрание ќе бидат усвоени уставните измени, за кои е потребно двотретинско мнозинство.
Сепак, на 17 јули 2018 година, Македонија ја посети комесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан со што и официјално почна скрининг процесот на земјата за отпочнување на преговорите за членство во Унијата. Скрининг процесот или аналитичкиот преглед на усогласеноста на домашното законодавство со европското законодавството е процес кој вообичаено трае од една до две години, по што и официјално почнуваат пристапните преговори за членство во Европската Унија, кои во случајот на Македонија треба да почнат во јуни 2019 година.
Скрининг процесот за Македонија започна со отворање на поглавјата 23 и 24, кои ги опфаќаат правосудниот систем, фундаменталните права, безбедност, судство, па се до оние кои се однесуваат на слободно движење на стоки, капитал, услуги, формирање на претпријатија, преку земјоделие, животна средина, до безбедност на храна. Самиот скрининг процес вообичаено одзема помеѓу една до две години, во зависност од околностите, динамиката и од расположливоста на стручните служби на Европската комисија, бидејќи тие се оние кои им го објаснуваат европското законодавство на нашите служби
Овие процеси значат дека на Македонија пред сѐ и престојат реформи, а отворањето на овие две поглавја значи рефомри во судството, јавното обвинителство, начинот на управување со предметите, одговорност на судии и обвинители, судскиот совет, совет на јавни обвинители.
Министерката за правда Рената Дескоска на првиот ден од преземањето на функцијата најави дека нејзина првенствена заложба ќе биде подобрување на состојбата на граѓаните во остварувањето на нивните права и реформите во судството.
Еден од првите приоритети, како што посочи, а и се реализира, беше измената на Законот за извршување со цел да се овозможи поправеден систем со помали трошоци во постапките пред извршителите.
Со измените се намалуваат трошоците во постапките пред нотарите и извршителите и тоа за најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити.
На крајот од 2018 година во македонското Собрание беа донесени повеќе закони по скратена постапка, меѓу нив и измените во Кривичниот законик со образложение да се забрза процесот на реформите.
Интервенцијата во Кривичниот законик наиде на реакции во јавноста, тврдењата одеа во насока дека се подготвува нова амнестија, се намалуваат казните и оти сето тоа ќе влијае одредени дела кои ги води СЈО да застарат или пак обвинетите во нив да поминат со помали казни. Владата пред неколку дена со соопштение демантираше дека планира нова амнестија и обрзложи дека измените одат во насока на реформските процеси.
Со измените кои поминаа во Собранието меѓу другото се интервенираше во членот 275-в, со кој се регулира злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Измените се во ставот 3, каде казната затвор за сторителот, кој со извршување на делото остварил за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или предизвикал штета од поголеми размери од најмалку пет години се намалува на четири години.
Незадоволство предизвикаа и интервенција и во членот 279, кој се однесува на даночното затајување.
Пред народните избраници во 2019 година ќе се најдат и повеќе закони со европски знаменце, меѓу кои и Предлог законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Владата го повлече овој Предлог закон, кој беше во собраниска процедура, а пратениците на 24 декември го усвоија во прво читање. Во образложението на Владата се наведува дека на последната седница е донесена одлука за повлекување на Законот за антикорупција од собраниска процедура со цел тој да добие европско знаменце и да се забрза постапката на неговото донесување, а со тоа и постапката за избор на нова Државна комисија за спречување на корупцијата според новите критериуми, утврдени со законското решение.
Со европско знаменце пред пратениците ќе се најдат и други закони од сферата на правосудството – една од областите кои се приоритетни за реформирање заради усогласување со европските политики. Во тој сет се Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, Предлог законот за прекршоците, Предлог законот за Судскиот совет на Република Македонија, Предлог законот за управни спорови…
Основната цел на Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за судовите, кој помина во прво читање, е натамошно негово усогласување со забелешките дадени од страна на Венецијанската комисија за законите за дисциплинска одговорност и евалуација на судиите од декември 2015 година и со насоките содржани во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор со кој се врши подобрување на текстот на законот.
Со измените се врши ревидирање во делот на организација и надлежност на судовите, се предвидуваат нови поостри критериуми за избор на судија, се врши редефинирање на основите за разрешување и за утврдување на одговорности се предлага основање на Центар за координирање со информатичко-комуникациски технологии во правосудството во рамките на Министерството за правда чија основна надлежност е утврдување приоритети, политики и координација на правосудните органи во информатичко – комуникациската технологија.
Со Предлог законот за Судскиот совет на Република Македонија, кој помина во прво читање се предлага се редифинираат условите за избор на судија во повиско суд, се воведува обврска на Судскиот Совет за следење на работата на судот и судијата, се редифинираат квалитативните критериум и наспрема квантитативните и се внесува одредба за одговорност на член на Судскиот совет на Република Македонија во вршењето на неговата функција.
Во владина постапка влегува и Законот за прекршоци, во кој се предвидуваат измени за намалување на висината на казните за правните и физичките лица, со што се воведува разумна казнена политика.
Со предложеното законско решение се предвидува подобрување на ефикасноста на прекршочната постапка, додека изрекувањето на опомена пред да биде изречена глоба се воведува како правило.
Процесот на скрининг, а подоцна и преговорите започнуваат со поглавјата 23 и 24 како резултат на научените лекции на Европската комисија од преговорите со Бугарија, Романија и Хрватска. Овие држави направија сериозни реформи во областите: владеење на правото, судството, корупцијата, но тие реформи во некои држави забележаа назадување и неодржливост. Заради тоа, ЕК воведуваше посебен механизам за владеење на правото кој ги мониторираше Бугарија и Романија и по влезот во ЕУ. За тоа да не се повторува, ЕК реши да воведе нов пристап во преговорите каде што овие две поглавја ќе се отворат најпрво, ќе бидат отворени цело време и ќе се затворат последни за да се осигура постојан напредок без крупни назадувања.