На 34-от Совет на Европската зелена партија, што поради Ковид-19 пандемијата се одржа онлајн, се усвои Резолуција за поддршка за интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Во дефинирањето и усвојувањето на оваа Резолуција активно придонесе зелената партија ДОМ, која е полноправна членка на Европската зелена партија.
Во Резолуцијата, Европските зелени потенцираат дека важен приоритет на надворешната политика на ЕУ треба да биде интеграцијата, демократизацијата, стабилизацијата и помирувањето на земјите од Западен Балкан. Истакнуваат дека интеграцијата на сите држави од овој регион е историска одговорност и геополитичка стратешка потреба за да се обезбеди демократска и мирна иднина на европскиот континент.
Европските зелени инсистираат на забрзување на политиката на проширување на ЕУ и силно ја поддржуваат трансформацијата на земјите од Западен Балкан кон одржливи, демократски и граѓански општества во кои се почитуваат индивидуалните права и слободи, владеење на правото и борба против корупцијата, слободни медиуми и почитување на правата на малцинствата и се против било какви промени на границите, особено врз основа на етнички поделби.
Со оваа Резолуција, Европските зелени ја повикуваат Бугарија да го отвори патот за првата меѓувладина конференција и да ги решава спорните прашања со Северна Македонија билатерално, отстранувајќи го тоа како предуслов за започнување на пристапните преговори. Го повикуваат Европскиот совет да одржи меѓувладини конференции за директно отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, најбрзо што е можно.
Исто така, со Резолуцијата се повикуваат земјите од Западен Балкан да ја подобрат соработката во борбата против организираниот криминал. Се апелира на поинтензивна соработка со Зелените, граѓанското општество и експертите, за да се заштити природата и биодиверзитетот во регионот, итна замена на термоцентралите на јаглен со обновливи извори на енергија и поддршка на борбата против климатската криза и обезбедување зелена и праведна транзиција во регионот
Заменик-помошникот државен секретар на САД, задолжен за Западен Балкан во Стејт департментот, Габриел Ескобар, вели дека Северна Македонија може да помогне за решавање на отворените прашања во регионот, како што се српско-косовскиот проблем и состојбата во Босна и Херцеговина (БиХ).
„Вие сте извонреден пример за мултиетничка хармонија, вие сте одличен пример за мирно и ефикасно интегрирање во евроатлантските институции и, исто така, сте модел за спроведување слободни, фер и мирни избори. Затоа, вие ни требате тоа да го извезете“,
порача Ескобар во интервју за „360 степени“.
Прашан за оценка за тоа дали е можен пробив во дијалогот Белград-Приштина и во состојбите во БиХ, високиот американски дипломат рече дека за да одговори на ова треба да се каже контекстот во кој се наоѓаме.
„Важно за јавноста да знае е дека оваа администрација не гледа на Балканот со очите од 1990-ите, а тоа е низ политичките проблеми. Реалноста, вистинската приказна за Балканот е извонредниот економски раст и извонредните економски можности што постојат тука. Ако гледате економски каде сме 25 години подоцна, ќе видите дека од територијата на поранешна Југославија, во делот на Западен Балкан, имаме три земји членки на НАТО, кои ги нарекуваме сојузници и пријатели. Економијата има просечен раст од 7 проценти. Регионот нуди извонредни можности во енергетиката, транспортот, обновливи извори, па дури и ИТ. Оваа економска регионална интеграција го трансформира Балканот во навистина возбудливо место – да се видат и политичките и економските прашања. Тука Северна Македонија ќе ни помогне да ги решиме проблемите – не само во вашата земја, туку и во регионот. Оттука, да, мислам дека во контекст на оваа регионална интеграција има големи можности за надминување на прашањата меѓу Србија и Косово, како и Босна и Херцеговина. Ќе очекуваме Северна Македонија да придонесе за решение на овие проблеми“ – рече Ескобар во интервјуто емитувано во понеделникот вечер на ТВ Алсат.