Барем во јавноста се добива впечаток дека на Северна Македонија не и треба „мал Шенген“ со Србија и Албанија, што води кон дополнителна изолација, туку структурни реформи за влез во ЕУ. Оа секако не е единствен став меѓу коморџиите а се чини и во Владата имало дилеми ама иницијативата деновиве тргна, по средбата на лидерите од Србија, Северна Македонија и Албанија во Нови Сад

До крајот на 2021 година граѓаните на Македонија, Србија и Албанија ќе можат да ги поминуваат сите граници само со лични карти, предвидува договорот за таканаречениот мал Шенген потшишан во четвртокот во Нови Сад, меѓу премиерите Заев и Рама и претседателот Вучиќ. Српскиот претседател вели дека камионите на Западниот Балкан губат 26 милиони часови годишно чекајќи на границите, и овој договор ќе предизвика големи заштеди. Малиот Шенген не е замена за Европската унија додаде Вучиќ.
– Ќе воспоставиме правила и кога ќе постои систем ќе можат да се приклучат и другите земји од балканската шесторка, со сите разлики кои постојат околу статусот на Косово. Ова е од суштинско значење, бидејќи ако луѓето ги остават емоциите на страна ќе имаме исклучителни резултати за нашите граѓани. – Александар Вучиќ, претседател на Р.Србија.
Македонскиот премиер Заев вели дека не било тешко да се разговара со партнерите од Европската унија, но дека е време и земјите од регионот да направат нешто сами за својот интерес.
Премиерот на Албанија Еди Рама вели дека иницијативата е направена без влијание на Брисел, бидејќи, во целиот регион треба да се забрза развојот.
– Јасно ставивме до знаење дека нема да стоиме во место и да не правиме ништо, ќе направиме се што е во наша моќ за сите земји во регионот а не само за овие три. Цел ни е да бидеме дел од поголемото европско семејство, но додека тие имаат свои проблеми ние не може да бидеме заложници на минатото или на некои несогласувања. – Еди Рама, претседател на владата на Р.Албанија
Но, не се сите во земјава воодушевени од договорот, посебно стопанствениците.

Во писмената изјава, Даниела Арсовска од т.н. „мала Комора“ ја отфрли иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ за „малиот Шенген“ на трите земји од Западен Балкан како „ретрограден став што не се нуди долго време“ и истакна дека идејата „треба да се изгаси пред да се роди“.
„Во време кога сме условно пред вратата на НАТО и со можност за започнување преговори со ЕУ, чудна е идејата да влеземе во економска „дива градба“ односно „мал Шенген“ со Србија, кој има различни ориентации од македонските во надворешната политика, особено при влегувањето во евроатлантскиот сојуз“ – истакнува Арсовска.
Од друга страна, додаде таа, Албанија е чекор зад Северна Македонија во сите извештаи за напредокот на ЕУ, така што заедничкото економско дејствување нема да придонесе значително за македонскиот развој.
„Не беше доволно што бевме ’во гетото’, во Западен Балкан, да се изолираме во помал формат сега во мал Шенген со некоја илузија дека ќе цветаме? Зошто би правеле такви економски микро сојузи кога нашата цел е да биде да се спроведат структурни реформи за да станат дел од единствениот економски пазар на ЕУ, а не да се чека вечно на вратата на ЕУ. Не благодарам“, вели Арсовска.
Според неа, под изговор дека економското здружување е важно и дека е чист економски интерес за нашите држави да ги отстранат обичаите и трговските бариери, се залага за нова изолација во микро регионот, каде Белград ќе ги води Скопје и Тирана на економска хајка.
„За Србија, имаме одлична геостратешка позиција кон Грција и албанските пристаништа. Но, каква врска има Македонија со овој концепт, освен пристапот до затворен систем на три држави, кои наместо да се интегрираат во ЕУ, ќе бидат убедени дека ова решение е одлично. граничи со земјите на ЕУ на југ, би било логично да дадеме приоритет за зајакнување на таа соработка и интеграција во единствениот економски пазар на ЕУ “, рече Арсовска.
Иницијативата на Србија за создавање т.н мал шенген е решение само како инклузивен процес за сите држави од Западен Балкан, смета Дриљон Исени од Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Мини шенгенот, потенцира Исени, треба да биде инклузивен за сите држави од Западен Балкан. Не сме за тоа да се почне иницијатива која ќе дава некои бенефиции на одредени држави преку грбот на трети држави.
– Ние сме за тој пристап. Мини шенгенот или регионалната соработка била почетна точка и за основање на Европската унија и треба да имаме предвид дека во ЕУ нема расположение за проширување и нашата држава во најоптимистички рок може да очекува членство во 2025 година. Значи ќе чекаме минимум пет години, најоптимистички. На оваа иницијатива треба да се гледа од таа призма, дали може со мини шенгенот инклузивно да се решаваат проблемите што се јавуваат меѓу државите иако постои спогодбата ЦЕФТА. Тоа го гледаме како решение, но само ако е инклузивно со сите држави од Западен Балкан – изјави Исени, одговарајќи на новинарски прашања на презентацијата на извештајот за Глобалниот индекс за конкурентност.
Истовремено од Асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните трговски друштва „Макматранс“ оценија дека иницијативата е за поздравување затоа што на овој начин се отвора голем пазар за пласман на стоки и услуги во трите држави подеднакво, со целосно укинување на сите нестандардни мерки кои важат за најголем кочничар во растот и развојот на државите.
Нема алтернатива за зачленувањето во Европската Унија. Ниедна регионална или локална иницијатива, па ни „мал шенген“ не може да биде замена на тоа што ние го имаме како таргет, а тоа е Северна Македонија да стане членка на ЕУ, посочи денеска вицепремеирот за економски прашања Кочо Анѓушев.
-Тука нема алтернатива. Секоја иницијатива која што може да биде локална, а е за да ја подобри регионалната соработка, ние ќе ја поддржиме, но мислам дека има сосема доволно простор во рамките на постојните иницијативи. Треба да се види што тој „мал шенген“ подразбира иако е убаво кога ќе го кажеме популистички, но сепак треба да бидеме претпазливи, бидејќи ниедна локална и регионална иницијатива не смее да биде препознаена како замена на нашето членство во ЕУ, рече Анѓушев во одговор на прашање при посетата на средното електро-техничко училиште „Михајло Пупин“ каде беше пуштена во употреба фотоволтаична електрана во училиштето.