ДЕНКО МАЛЕСКИ
Новата гарнитура на националисти и радикали кои се подготвува да ја превземе власта во Македонија нема никакви шанси да води напред кон Европа. Противници на Охридскиот, Преспанскиот и договорот со Бугарија, како и на законот за јазиците, тие ќе произведат не само домашни политички кризи, туку и ќе не судрат со нашите партнери во Вашингтон и Брисел
Што се тркала зад брегот на првиот круг од општетинските избори во земјата? Национализам и радикализам. Национализам, разбран како идентификација со сопствената нација и поддршка за нејзините интереси, на сметка на интересите на други нации. И радикализам, разбран како мислење и поведение кое се залага за екстремни промени особено во управувачките структури на државата а историски се појавил со француската револуција. Премиерот и владеачката коалиција се во невоља.
Во своето брилијантно историско дело „Падот на римското царство“ Едвард Гибон пишува за римски цар кој склучил непопуларен договор со непријателите, спасувајќи ја државата и народот од пропаст. Но, како што минувало времето и како што минувала опасноста од војна, се повеќе растела омразата на народот со повредено достоинство, кон царот кој го спасил Рим. Нешто слично му се случува на премиерот на Македонија со Преспанскиот договор и промената на името на државата.
Советот на Ангела Меркел до Заев дека политиката е како возење точак, мора постојано да се вртат педалите за државата да се движи напред, се однесува на германската политика. Во дебатата за локалните избори некој рече дека Заев мора да биде турнат од точакот за да не го повтори истото предавство со Бугарија како она со Грција, во она што преостанува од неговиот мандат. Ако е точо дека национализмот и радикализмот се во подем во Македонија, може да сме сигурни дека ќе заглавиме на патот кон ЕУ, нашата шанса не само да се европеизираме туку и да напредуваме како држава и како нација . Новата гарнитура на националисти и радикали кои се подготвува да ја превземе власта во Македонија нема никакви шанси да води напред кон Европа. Противници на Охридскиот, Преспанскиот и договорот со Бугарија, како и на законот за јазиците, тие ќе произведат не само домашни политички кризи, туку и ќе не судрат со нашите партнери во Вашингтон и Брисел. Се разбира, сојузниците ќе ја почитуваат демократски изразената воља на народот на Северна Македонија, но вратите на ЕУ ке останат затворени додека не се оладат главите на новата гарнитура националисти и радикали која сака да предизвика предвремени избори за да ја превземе власта. На крајот, како што ќе одлучат гласачите, така и ќе биде.