Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПОДМИТЕНИОТ МОЖЕ ДА ОДГОВАРА А ПОДМИТУВАЧИТЕ СЕ РААТ

January 27, 2026 Filed Under: Македонија

И да се докаже дека судијата Ристов земал мито за спасување од затвор на обвинети, овие предмети нема да се судат повторно!

НЕ МУ СЕ ПОГОДИЛ ПЛОЧКАРОТ Обвинителката тврди дека немале дојава каде се кријат парите

Апелацискиот судија Ѓоко Ристов, кој неодамна беше притворен, откако во неговиот семеен дом во Неготино беа пронајдени соѕидани 350.000 евра, постапуваше во многу предмети познати за јавноста, а за кои имаше реакции и критики дека не завршиле според словото на законот. Но и во случај дури и да се докаже дека судијата земал мито за некој од нив, за да завршат во корист на обвинетите, овие случаи никогаш повторно нема да можат да се судат.

Како дел од Апелацискиот суд, Ристов судеше во совети и за предметите „Таргет“, за масовното нелегално прислушување во УБК, во „Трезор“, за набавката на британската опрема за следење на електронските комуникации, за „ТНТ“ за рушењето на „Космос“, „Тотал“… и уште неколку други кои завршија во полза на обвинетите или застареа по долгото време поминато во Апелација. Ова значи дека никој од овие премети не може да се врати во живот, односно повторно да се суди, дури и да се докаже дека токму за овие случаи е земено мито за да се пресуди во корист на обвинетите.

Ова е предвидено во Законот за кривична постапка, член 450 „Повторување на постапката на штета на осудениот“. Членот предвидува само една ситуација кога може да се повтори постапка, а да биде на штета на осудениот.

„Кривичната постапка во исклучителни случаи може да се повтори на штета на осудениот ако пресудата со која обвинението се одбива е донесена поради стварна ненадлежност на судот, а јавниот обвинител покренал постапка пред надлежен суд и притоа побарал повторување на постапката“.

Од друга страна пак повторувањето на постапката е лесно возможна доколку пресудата е донесена на штета на обвинетиот, односно некој незаконски бил осуден, и тоа е уредено со член 449 „Повторување на постапката во корист на осудениот“.

Судијата Ристов засега се гони поради сомнеж за две кривични дела и тоа „Противправно стекнување и прикривање имот“ и за „Перење пари“. Тој засега директно не се поврзува со ниту еден случај за примање на мито. Или како што прецизираше предметната обвинителка Искра Хаџи Василева, дел од доказите наведуваат, но засега немаат директен доказ дека судијата Ристов ги примил токму овие пари за конкретен предмет, а потоа ги сокрил.

– Има дел докази кои наведуваат, директен доказ нема дека судијата ги примил парите. Примопредавањата кај високата корупција не одат од рака на рака, туку преку повеќе посредници, појасни обвинителката Хаџи Василева

Таа на брифинг изјави дека пронајдените 350 илјади евра се на  осомничениот судија Ѓоко Ристов, а не на неговите родители. Со ова  возврати обвинителството на тврдењата на неговата одбрана. Соѕиданите илјадници евра се пронајдени во куќата на родителите на Ристов во Неготино, а апелациониот судија се гони за противправно стекнување и прикривање на имот, како и перење на пари.

Обвинителката која го води случајот Искра Хаџи-Василева на брифингот информираше дека најпрвин биле извршени 3 претреси, за потоа во последниот во ѕид со различни плочки, при нивно кршење од дупката почнале да паѓаат парите. На претресот биле присутни членови на семејството, но не и Ристов. Немале дојава дека таму се парите, туку до сомнежот стигнале врз основа на оперативни сознанија.

„Таа одбрана која беше дадена и во обвинителство и во судот не не убеди, ниту се чини кредибилна наспроти  она што ние го имаме како доказ, односно случувањата на самиот претрес, вебралните докази и начинот на кој се најдени и чувани. Одбраната дека парите се од родители и од земјоделие мене не ме убеди. Истрагата продложува“, објаснува обвинителката Искра Хаџи-Василева.

Обвинителката додаде дека парите се уште не се повразни конкретно со некој поткуп, ниту сакаше да шпекулира за колку предмети имаат сомнеж дека судијата бил инволвиран во незаконски дејствија. Првите сознанија за вакво нешто ги добиле пред една година, а контурите почнале да се исцртуваат со апсењето на адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа кој како бранител на бегалецот Љупчо Пецов Ѓаволот му зел 50.000 евра за да му „среди“ и подмити апелационен судија за замена на затворскиот притвор со домашен. Стафа беше фатен со 30 илјади евра во рака, а 20 илјади веќе биле претходно дадени.

 

Filed Under: Македонија

БАЛКАНОТ  И ОДБОРОТ ЗА МИР“ НА ТРАМП: КОЈ Е ПОКАНЕТ, КОЈ ПРИФАТИ, КОЈ ОДБИ
ФИЛИПЧЕ: ЗА ДА ГО ПОБЕДИМЕ ОВА ЗЛО НАДВОР, ТРЕБА ДА БИДЕМЕ ЧЕЛИЧНИ ОДВНАТРЕ
СТРУМИЧАНКАТА ТИНА РУСЕВА Е ПРВА ВО ЕВРОПА – „ТHE VOICE OF EUROPE 2025“ ДОБИ НОВА ЅВЕЗДА
СTРАЗБУР: ИЗБОРНИ РЕФОРМИ БЕЗ ДИЈАЛОГ (3)
ТОКСИЧНАТА ПОЛИТИКА: КОЛКУ ЧИНИ ГРЕНЛАНД?

Најново

  • БАЛКАНОТ И ОДБОРОТ ЗА МИР“ НА ТРАМП: КОЈ Е ПОКАНЕТ, КОЈ ПРИФАТИ, КОЈ ОДБИ
  • ФИЛИПЧЕ: ЗА ДА ГО ПОБЕДИМЕ ОВА ЗЛО НАДВОР, ТРЕБА ДА БИДЕМЕ ЧЕЛИЧНИ ОДВНАТРЕ
  • СТРУМИЧАНКАТА ТИНА РУСЕВА Е ПРВА ВО ЕВРОПА – „ТHE VOICE OF EUROPE 2025“ ДОБИ НОВА ЅВЕЗДА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet