БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
Се увериле сами со себе дека ништо повеќе не може да ги забуричка сеќавањата на маките на македонскиот народ низ столетијата, како што се спомените на имињата на Гоце Делчев и Даме Груев, и, каква случајност, одеднаш се појавува и култната фигура на вмровската клика, крст и кандилото кое се појавува токму пред изборите, Тодор Александров
Да се остане заробен во минатото, да се капитализира од историјата, да се заглави во некои одамна поминати векови – зарем врз тоа не почива уметноста? Бендот „Некс тајм” тоа и го помислил – дека се доволни сеќавањата на една песна – „Нешто ќе те питам, бабо” – за да ги трогнат и збришат сите минати, идни, поинакви времиња на толкувањето и славењето на музиката, но и на историјата.
Се увериле сами со себе дека ништо повеќе не може да ги забуричка сеќавањата на маките на македонскиот народ низ столетијата, како што се спомените на имињата на Гоце Делчев и Даме Груев, и, каква случајност, одеднаш се појавува и култната фигура на вмровската клика, крст и кандилото кое се појавува токму пред изборите, Тодор Александров. Сметале дека уметноста така изгледа- дека може да ни искорне се што имаме запишано во културниот идентитет, за да и се предадеме на една стара, заборавена песна, која мора да се врати.
За тие потреби, сметале дека се доволни два-три певливи реда букви, познат рефрен, расфрлани грст комити со костими кои ги носат за да се поверува во поминатите векови на господството; еден застрашувачки ага; тука е и една копнежлива девојка склона на разоткривање на строгите тајни на комитското друштво, бескрупулозна мома со кодошки манири, која сепак треба да разбуди некакви заспани пулсирања во пределот на граднот кош, покрај се.
Секоја музика не е уметност, ниту пак може секој да верува дека се станува уметник со добро познати тонови, кои можат старите емоции, веќе со годините истрошени, а станале можеби и излитени и закоравени, да ги преобратат и да сторат од нив вистинско чудо.
Мислат дека се лесни чудата какви што може само Влатко Стефановски да ги создаде, мислат дека е доволно само да се сетат на старите стихови, на тактот, на ритамот, на хармонијата, на таа совршена македонска музика. Таа уметност на Влатко Стефановски ги пара срцата, наместо нивнава, на младите луѓе од Некстајм- што ги пара ушите.
И не се работи за тоа дали се совршено или не испеани стиховите или школски, по читанка исвирени нотите, војнички прецизно.
Магијата, талентот, непроспиените ноќи и деновите со децении поминати во работа, страста, љубовта кон музиката, сонот да се создаваат од почеток мали ноти, кои со годините прераснуваат во вистински чуда, тоа не треба да ни го каже Стефановски дека го носи со себе- дека се е тоа потребно за една врвна уметност, тоа се препознава, тоа се подразбира, кога се работи за раѓање на цел еден мал живот на секоја нота, на секој изговорен стих, онака како што тој тоа го прави.
Оттаму, во таквата уметност не може да има национализам, омраза, подбуцкување, тенденциозност, пресметани емоции, лажен патриотизам, хушкање, тоа мора да го дознаат младите луѓе од “Некст тајм”.
Чесните намери и чистото срце создаваат подлога, база за создавање на уметност, така голема, каква што само може да создава Влатко Стефановски, а тоа нам не треба никој да ни го каже за да се знае, за да се сфати и проживее, заедно со него.