БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Се случува да ми влезат во естетската резонанца уште кога се на педесетина матери од мене. Жените или девојките со кои се разминувам
„Ха, еве ја, убава, секси, возбудливо оди, има не многу високо поставени и благо вибрирачки гради, долгите раце и висат и малку заостануваат зад телото…”
Без претензии, се разбира, во тие улични приказни јас сум само стар добар полиграф на убавината.
Како се доближуваат, деталите им се окрупнуваат, како да сум си удрил два тача на менталниот дисплеј, станувам поконцентриран и внесен во анализата, кубистички ја расклопувам и одново составувам сликата, понекогаш ги проектирам жените во различни ситуации: водителка на некоја телевизиска емисија, шефица на некоја агенција или министерка во стегнато армани одело и високи штикли, “прада”, да речеме, љубовница, продавачка на патлиџани, деколтирана баварска носачица на големи кригли пиво…
И тогаш, кога сме на неполн метар растојание, ќе чујам како некоја од нив вика:
„Добар ден, чичко Бранко”.
Понекогаш се будам моментално, зашто во миг го препознавам ликот. Ха, па тоа ми е познато лице, или гласот ми е познат, сум ја сретнувал во маалото, во соседството, во кучкарското друштво или во некое кафуле. Тогаш ме фаќа тешко опислив, просто неверојатен срам. Не ретко ми се случува да ме буди од занесеноста не убавина, туку срдечноста, човечноста, ако сакате, љубезноста, фината комуникација, граѓанскоста на моите “жртви”, при што, особено ме поразува тоа што тие никогаш, во гестот, во треперот на својот глас или на друг начин, не покажуваат дека ја забележале мојата занесеност или дека им пречи, можеби затоа што ништо не им значи или затоа што ми одбиваат на благата отсутност во занесеноста, што е моја проверена одбрамбена поза. Потоа си ветувам дека кога сум во движење низ градот, ќе си гледам само во патиките, но тоа ме држи до првата кривина.
Така завршуваат моите афекти. Но кога ќе седнам да размислувам, поинаку гледам на тие работи. Тие интеракции се нормални, дури мислам дека се пожелни, нашата комуникација со светот околу нас, со убавото посебно. Тоа не се обични вибрации, тоа е, според Гомбробич, начин на меѓусебното создавање на луѓето, на обликувањето на луѓето, кога едни на други си ги даваат и си ги градат формите, кога станува јасно дека човекот постои само преку другите луѓе. Ако нешто треба да загрижува тоа е кога одиме едни покрај други, а не се забележуваме, не само како ликови, туку и како активности, како навики, да не речам и како дела.