Полесно до кредити: новоодобрените со пониски камати, условите ќе “олабавуваат“, побарувачката ќе се зголемува
Само по основ на потрошувачки кредити граѓаните должат скоро 2 милијарди евра. Кредитните услови, пред се преку каматите и провизиите, ќе олеснуваат, пишува Порталб.мк. Со почетокот на оваа економска година банкарите очекуваат зголемен побарувачка на кредити и од страна на фирмите и од граѓаните.
Просечната камата на вкупните кредити на ниво од 5,55%
Минатата година помина во знакот на “поскапи“ кредити поради заострената монетарна политика што ја водеше НБМ, но стартот на банкарската 2024 та покажува забавување на растот на каматите. Банкарите во најновата Анкета на НБМ изјавиле дека очекуваат олеснување на каматите за потрошувачките кредити кои се “најбарани“ од страна на населението.
“Се забележува доста послабо нето-заострување кај каматните стапки на станбените кредити, во споредба со анкетата од претходниот квартал, при мало нето-олеснување на каматните стапки на потрошувачките кредити. Провизиите кај станбените кредити бележат посилно нето-олеснување “ се наведува во Анкетата.
Во првиот месец од годинава просечната камата на вкупните кредити изнесувала 5,55% и била зголемена за само 0,08% во однос на декември лани. Но вкупно, кај новоодобрените кредити се забележуваат “пониски камати“ – просечна стапка од 5,22% која во однос на декември е зголемена за минимални 0,01%. Попрецизно, податоците покажуваат дека во јануари во однос на декември има пад на каматите за новоодобрените кредити за фирмите за кои е регистрирана просечна стапка од 5,21% која е на најниско ниво од јануари 2023 та година.
Вкупни кредити Новоодобрени кредити
Фирми 5,44% 5,21%
Домаќинства 5,65% 5,26%
Освен олеснување кај каматите се забележува и посилно нето-олеснување кај провизиите за станбените кредити кои исто така имаат голем удел во “кредитната задолженост“ на населението.
Според најновите податоци од НБМ, во февруари во однос на јануари вкупните кредити се зголемени за 0,9 % достигнувајќи ниво од скоро 7,3 милијарди евра. Од нив 3,4 милијарди евра должат фирмите а 3,7 милијарди евра домаќинствата.
Кредитна активност ( февруари2024)
Вкупни кредити 7 273 000 000 евра
Корпоративен сектор 3 478 280 000 евра
Население 3 754 334 415 евра
Извор: НБМ
“Потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, бележат месечно и годишно зголемување од 0,7% и 6,3%. Овој месец, станбените кредити остварија месечен раст од 0,6% а автомобилските кредити, во февруари се намалија за 2,1% додека кредитите одобрени на кредитни картички на месечно ниво се пониски за 1,8%“ – соопштија од НБМ. Според податоците, населението и натаму е најзадолжено по основ на потрошувачки кредити чиј износ во февруари достигна скоро 1,94 милијарди евра. Следуваат станбените кредити во износ од 1,37 милијарди евра а на трето место се кредитните картички на кои граѓаните должат 154,7 милиони евра
Кредитна задолженост на население
Потрошувчки кредити 1 938 263 000 евра
Станбени кредити 1 375 146 100 евра
Кредитни картички 154 773 000 евра
Меѓубанкарската конкуренција – главен фактор за олабавување на условите..
И покрај затегнатата монетарна политика што се водеше минатата година, кредитирањето беше во пораст. Трендот на промена на условите за одобрување на кредити за домаќинствата, кој се очекува да влијае врз раст на кредитирањето, пред се, е резултат на меѓубанкарската конкуренција.
“Конкуренцијата од другите банки е главниот фактор којшто придонесува за нето-олеснување на кредитните услови кај станбените и кај потрошувачките кредити, посилно во споредба со претходната анкета (особено кај потрошувачките кредити)“ – се наведува во Анкетата.
Олеснувањето на кредитните услови, според менаџерите на банките се очекува да биде проследено со зголемена побарувачка на кредити.
“Во првиот квартал од 2024 година, банките повторно очекуваат изразено нето-зголемување на побарувачката на вкупните кредити од страна на домаќинствата и посилно нето-зголемување на побарувачката на корпоративните кредити“ – оценуваат банкарите.
Оваа година започна со пониски стапки на инфлација со прогноза таа да се движи во умерени рамки поради што се очекува можно олабавување на политиките на Централните банки што треба да води и кон намалување на каматите за кредитите.