Се чини дека политиката стана еден вид „коњичка трка“ при што партиите им служат на политичките лидери како приватна база на фанови, а не како идеолошка матица
Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. Денес, политичарот е шоумен, забавувач, провокатор, жонглер, некој кој не остава никого рамнодушен. Може да се каже дека гласачите, со тек на времето, ја искристализирале паролата: „Кога веќе не можат ништо да сменат, барем нека нè забавуваат“.
Политиката во класична смисла на зборот, долго време беше сместена во форумите, агорите, кафеаните, собранијата, канцелариите. Оваа „уметност на можното“, како што ја нарече Бизмарк, генерално се перцепира(ше) како борба за одредени вредности, идеологии, интереси, моќ, а просечниот политичар во очите на јавноста беше сериозен, малку крут и строг.
ТРАНСФОРМАЦИЈА Меѓутоа, современите политичари и политиката се трансформираа. Не може, а да не се забележи дека сè повеќе неконвенционални личности се во првите политички редови, доаѓајќи претежно од светот на забавата и естрадата. Експертските кругови се подготвени да дискутираат за тоа дека полека, но сигурно влегуваме во ера на своевиден спој на политика и забава (politainment) во кој политичарите сè повеќе наликуваат на шоумени, а забавувачите се претвораат во политичари.
Масовните медиуми играат многу важна улога во трансформацијата на политичката сцена. Ерата на навлегување на забавата во политиката (забавизација) е, всушност, двонасочна улица. Во очите на медиумите, политиката и политичарите изгледаат како тема што треба да се искористи за комерцијални интереси (поголема гледаност/читаност), затоа тие сè почесто ја пакуваат политиката во забавен целофан, при што се добива политичко инфозабавување (infotainment). Од друга страна, политичарите исто така почнуваат да усвојуваат комерцијална медиумска логика, односно збир на пишани и непишани медиумски правила што мора да ги познаваат, за да се изборат за потребниот медиумски простор. Во овој контекст, медиумите и политиката се наоѓаат во еден вид симбиоза во која обете страни имаат корист едни од други. Политичарите обезбедуваат гледаност за медиумите, а самите тие, пак, стекнуваат поголем публицитет.
НОВИ МЕДИУМСКИ ТЕХНОЛОГИИ ВО ФУНКЦИЈА НА ЗАБАВИЗАЦИЈАТА Она што дополнително ги обезбеди условите за раст на ваквиот спој на политика и забава (politainment), покрај целокупната комерцијализација на медиумите, е развојот на нови комуникациски/медиумски технологии. Имено, политичарите сега можат директно да им се обратат на своите гласачи, односно можат многу прецизно да таргетираат поединечни социјални групи, во зависност од темата/проблемот. Бидејќи тие практично можат директно да комуницираат со гласачите, веќе скоро и да не им се потребни инфраструктурите на политичките партии, кои во ерата пред интернетот беа гарант за освојување политички поени. Денес политичките поени сè повеќе се заработуваат преку социјалните мрежи, преносите на настапите во живо преку интернет, со учество во разни забавни ТВ-емисии и реални програми, објавување приватна содржина на социјалните мрежи и сл. Во оваа смисла, се чини дека политиката стана еден вид „коњичка трка“ при што партиите им служат на политичките лидери како приватна база на фанови, а не како идеолошка матица.
(продолжува)