НИКИЦА КОРУБИН
Треба да се потсетиме, дека се додека ние нема да сакаме да се занимаваме со политика, некој ќе сака. Ќе сака од свои себечни мотиви, многу различни од општото добро. И ќе го проектира на политиката со која се занимава, а нас не не интересира, својот вредносен систем, својата (не)образованост, својата (при)ученост, својот (не)морал, својата (не)етичност, својата (не)култура, својата (не)цивилизираност. И тоа ќе биде политика
Системот познава правила и се темели на принципи. Најважниот принцип е она што го нарекуваме правна држава. Тоа сигурно не е ригидна непроменливост, но сепак е основа од која произлегува се друго. Организиран, цивилизиран живот. Тоа не е во спротивност со политиката. Бидејќи, политиката во основа е самото општество, свеста на поединецот дека е дел од колективот. Токму затоа, во современата држава граѓанинот е суверенот, а тој својата власт ја предава на своите претставници, пратениците. Едноставна дефиниција за тоа што е сржта на парламентарната демократија, како модел на политичко уредување. Притоа, политиката не е ексклузивност на било кој дел од формалната власт, туку таа во суштина е наменета за секој кој учествува во изборот на истата таа власт. Значи за секој граѓанин. Ако, граѓанинот со чинот на гласањето ја предава својата власт, тогаш како може да биде надвор од политиката? Тој е дел од неа постојано. Но, тогаш зошто, многумина, „политиката не ги интересира“? Дали поради неразбирањето на својата индивидуална моќ или поради нечија узурпација? Кој тоа ја узурпира моќта на секој граѓанин и ја претвора во своја политичка волја?
Ако за момент се вратиме во „лулката на демократијата“ старата Атина, и погледнеме што за нив е граѓанинот, кој патем речено е статус резервиран за многу мал дел од вкупното население, ќе ја видиме неверојатната важност на тоа кој „владее“ односно управува со севкупниот живот. Ќе ја видиме свеста за тоа какво политичко уредување треба да има една држава, за да има најповолно владеење. Свест, многу поголема од нашата сегашна, кои така лежерно, ефемерно и несвесно, својата моќ ја предаваме на политичката волја. Па, иако за Аристотел, демократијата е „само најдобро, но од лошите владеења“ тоа трансферирано денес, 2.500 години подоцна, е сепак најхумано владеење. Ако сме свесни за неговата суштина и моќ. Моќта на поединецот, моќта на граѓанинот. А, тоа се сите полнолетни личности, без било каква дискриминација, која својата индивидуална власт и моќ, само времено, ја префрлаат на своите претставници. Како тогаш, формалната дефиниција и суштинска поставеност, се претвора во политичка волја? Како се претвора во власт на партијата, која е само механизам за трансфер на власта, а не власт сама за себе. Дали константната стигматизација и сатанизација на политиката е всушност несвесно исмевање со нас самите? Затоа што со секоја изречена „мене политиката не ме интересира“ и „сите се исти“ ние всушност доброволно им ја даваме моќта на тие кои политиката ги интересира. До степен на целосна узурпација.
Политичката влја така произлезена и прилично површно прифатена како неминовност, се чини како совршен производ на константниот гнев и незадоволство од последиците. Од константната генерализација. И наместо поединечни виновници, имаме дежурен непријател: политиката. Но, ако политиката сме ние самите, односно нашиот глас, тогаш дали сме ние самите на себе нашиот најголем непријател? Со својот страв за превземање одговорност. Со својот конформизам да се занимаваме со политката во многу области. Со своето калкулантство за лична корист. Со својата индолентност кон туѓиот проблем. Со својата комоција на права без обврски, на напад без решение. Со нашата повредена суета и нереализирана амбиција. Но, при секој мотив и делување од овие, а и многу други, треба да се потсетиме, дека се додека ние нема да сакаме да се занимаваме со политика, некој ќе сака. Ќе сака од свои себечни мотиви, многу различни од општото добро. И ќе го проектира на политиката со која се занимава, а нас не не интересира, својот вредносен систем, својата (не)образованост, својата (при)ученост, својот (не)морал, својата (не)етичност, својата (не)култура, својата (не)цивилизираност. И тоа ќе биде политика. И од тоа ќе се згрозуваме, и над тоа ќе ламентираме. И повторно нема да ја бараме индивидуалната вина, а својата немоќ ќе ја проектираме на сеопштата генерализација, не разбирајќи дека системот добил чиста, проста форма, која станала обична алатка во рацете на фамозната политичка воља. На оние кои политиката ги интересира, во мерка во која целосно ја изгубиле мерката. Држава во држава. Заробена држава. Брутално узурпирана од политичката волја.
Политичката волја на поединецот. Политичката волја на партијата. Политичката волја на олигархијата. Политичката волја на кланот. Политичката волја на добиената позиција. Политичката волја на позицијата поради позиција. Уставното уредување е само параван. Со различни улоги. Собранието гласа, владата владее, ама политичката волја осмислува. Каде? Кога? Со кои овластувања? Со која намера? За чии интереси? За лични, за партиски? Кога законската обврска стана воља? Кога ја предадовме нашата индивидуалност, нашата рационалност, кога престанавме да се бориме? Кога појавноста стана суштина? И кога политичката воља ја презеде власта? И како сме сигурни дека вољата е за сите, а не само за некого? И на крајот кој ја спроведува волјата? Дали во суштина ја спроведуваат поединци кои свесно се откажале од сопственото јас? И станале дел од некаков колектив (партија), ама станале не како поединечни чинители, туку како безгласни послушници?
Никој не вели дека е лесно. Да се смени воспоставената пракса. Да се оди спротивно од текот. Спротивно од узурпацијата на политичката волја. Ама, борбата беше за подобро. Борбата за европска држава беше борба за цивилизираност и култура. За систем и правила. За уставно владеење и правен поредок. И беше во името на сите. Борбата беше за интегритет, професионалност и хуманост. Борбата не беше за политичката воља која сака да владее наместо нас. Која ја сака политиката само за себе. Затоа што само тие правила ги познава. Политика на изигрување и глумење. Глумење систем. Ама, системот многу често функционира и по инерција. А, таа не секогаш е онаа замислената од политичката волја. Затоа што никој не го контролира времето и контекстот. Еднаш секој ќе разбере. Дека единствена воља е онаа на граѓанинот, кој ја предава на системот. А, таму повеќе нема место за ничија воља, туку за обврска. Обврска, конечно да имаме цивилизирано организирано општество. И да ја разбереме сериозната улога што секој од нас ја има. И луксузот кој го нема. Да биде параванот за нечија политичка волја.