Кураторките на оваа несекојдневна изложба имале можност да селектираат 40-тина од севкупната уметничка колекција која брои 249 дела, а со која располага Дојче Телеком. Во депото на овој комуникациски гигант инаку се наоѓаат прогресивни, современи уметнички дела на повеќе од 70 автори од преку 20 земји
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
„Гледај тука сум без простор“ е насловена меѓународната изложба со 40 дела од репрезентативни уметници од Југоисточна Европа, дел од уметничката колекција на Дојче Телеком, што ќе се одржи во периодот од 29 септември до 21 ноември годинава во Музеј на современа уметност – Скопје.
Уметничкиот колектив „Словени и Татари“, Дан Пержовски, Хортенсија Ми Кафчин и Ципријан Мурешан од Романија, Ева Котаткова од Чешка, Петрит Халилај и Флака Халити од Косово, Агњешка Полска од Полска, Србинот Младен Стилиновиќ, Словенката Јасмина Цибиќ, Даница Дакиќ и Шејла Камериќ од Босна и Херцеговина, Игор Грубиќ, Сања Ивековиќ, Марко Тадиќ и Владо Мартек од Хрватска, Лучезар Бојаџиев, Недко Солаков, Мартина Вачева и Правдољуб Иванов од Бугарија; уметничко дуо „Мала Варшава“ од Унгарија; Украинците Алевтина Какиџе и Володимир Кузнецов, Нилбар Гуреш и Бенгу Карадуман од Турција… се некои од уметниците од Југоисточна Европа чии дела се селектирани за меѓународната изложба насловена „Гледај тука сум без простор“ (See me moving placeless), што ќе се одржи во периодот од 29 септември до 21 ноември годинава во Музеј на современа уметност – Скопје.
Кураторки на оваа несекојдневна изложба се Мира Гаќина и Јованка Попова, кои имале можност да селектираат 40-тина од севкупната уметничка колекција која брои 249 дела, а со која располага Дојче Телеком. Во депото на овој комуникациски гигант инаку се наоѓаат прогресивни, современи уметнички дела на повеќе од 70 автори од преку 20 земји од источниот и југоисточниот дел на Стариот континент.
Меѓу современите автори, во колекцијата на Дојче телеком и разбирливо и на изложбата на зад која со својот авторитет застана Музејот на современа уметност – Скопје, се дела и од двајца исклучителни македонски уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска.
Инаку, целта на оваа поставка, како што ќе забележат нејзините потписнички, е да ги осветли политичките пејзажи, социјалните случувања и да најде точка на кохезија во прикажувањето на политиката и уметноста од овој регион.
Миграцијата е суштинско искуство на дваесет и првиот век. Конфликтите предизвикани од новите војни, транзициските неприлики и исклучувачките политики предизвикаа поместување на голем број луѓе на маргините од светот. Прашањето за тоа дали постои нешто во пост транзициските држави што соодветно го третира минатото, за да ја прошири социо-политичката имагинација, да пропагира нови форми на меѓународна солидарност, и да обезбеди основа за продолжување во иднината е повеќе од релевантно. Оттука, претставените дела се политичка критика на „исклучувањето“, овозможувајќи им видливост и културно признавање на оние, кои се наоѓаат вон доменот на политиките, во и надвор од симболичните простори. Делата дозволуваат субверзивни врски, создавање алтернативни системи на ред, револт кон познатите системи и провокација за критичко размислување. Повеќе од кое било друго средство за шпекулација, овозможуваат да патуваме напред и назад од нашата субјективна реалност, до консензус за посакувана, а можна сегашност. Намерата на изложбата е преку поврзување на естетиката и политиката да предложи нов наратив за регионот и да го редефинира начинот на перцепција на некогашните ситуации во нови прилики, кои поставуваат нов контра-распоред во културата“, пишуваат во својата писмена изјава до медиумите Гаќина и Попова.
Од друга страна, она што е особено важно е и тоа што со оваа изложба Музејот на современата уметност – Скопје се најде на картата на светските современи културни центри, кои долгорочно и стратешки, активно и континуирано придонесуваат за вклучување на меѓународните креативни уметници и промовирање на меѓународната културна размена на нашата земја со Европа и пошироко.
Збор – два и како појаснување за уметничката колекција на концернот Дојче Телеком. Збирката на исклучително вредни и ангажирани творби е иницирана во 2010 година со намера да собере дела на современи уметници од Источна и Југоисточна Европа, кои даваат приказ на состојбите, социјалните и политичките промени по падот на Железната завеса. Овие уметници го искусија процесот на општествениот пресврт и преку сопствената биографија. Тие се современи сведоци на драматичните големи и многу мали промени што општествата ги доживеале во последните три децении. Колекцијата се состои од дела кои се разновидни во медиумот во кој се работени, почнувајќи од цртеж до дигитални инсталации.