Народот е растегнат меѓу своето суеверие и одбивање да ја види пандемијата, што ја доживува како дел од светската игра на заверениците и желбата да прими вакцина за да се спаси од многу конкретното зло. Често тие противречности се содржани во дневното мени на едно семејство, што не прави да сме општество со силна шизофренија во своето ткиво
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во Глобус веќе еднаш, на почетокот на пандемијата, објавивме што покажуваат однесувањата на луѓето во време на пандемија. Хрониките бележат пет фази кои настапуваат во одреден регион сукцесивно.
СТАКЛЕН ЅВОНЕЦ Првата фаза е онаа „јас сум недопиролив – не ме интересира – болеста е измислена“. Тоа се типични реакции за себеставање на една личност под стаклен ѕвонец. Фрапантна е силината со која веќе 13 месеци сме сведоци на тоа како е жилава таа заблуда дека ковидот е светска завера, што го има на социјалните мрежи. Ова како аргумент за однесувањето од овој тип жилаво опстојува, дури и кога политичката опозиција – еден дел од нејзините хористи – опоменува дека имаме преголем број човечки жртви во оваа борба со невидливиот непријател. Тие слики кои опстојуваат во пејсажот на секојдневната глупавост, одат од тоа дека сме, нели, прскани со алуминиум од авион, се до некво толкување дека сето ова со пандемијата е измислена ситуација за да се трошат вакцините и некој да профитира.
Еден хотелиер деновиве ми кажува дека тој со месеци живее во еден мал, негов објект за гости близу границата каде смета дека е безбеден и не мисли да се вакцинира, бидејќи, тоа водело кон стерилизација или кон генетски промени! Изборот на причината оди едниот до другиот „аргумент“. Иако господинов е стерилизиран по „природен пат“ (години, нели),тој е само дел од вистинска алка на негови роднини, пријатели и слични кои себе се прикажуваат како искрени верници, ама веруваат во работи кои тешко би издржала било која религија. Тој надреален композит од причини зошто не треба да веруваат во постоењето на сериозен медицински проблем за целото човештво од земјава лесно допрело, како далекуметни стрели на лудоста и примитивизмот до дијаспората, особено онаа во Австралија! Треба ли да кажеме дека се сите тие жонглери на лагата партиски определени и се главно членови и симпатизери на „најпатриотската партија“?! Впрочем, зошто тоа би не чудело кога еден од највисоките партиски функционер во нивната организација, по професија лекар, јавно изјавува дека не верува во постоењето на вирусот.
Не рето тоа се и лицемери. Случајот со уапсените вознемирувачи на јавноста преку социјалните мрежи во Србија, според премиерката Брнабиќ, покажал низ истрагата дека една од неверувачите во постоење на болеста веќе се вакцинирала, но затоа си продолжува да ги убедува своите сограѓани да го одбегнат убодот на иглата во нивното раме.
СЛЕДНА ФАЗА Втората фаза од присуството на пандемијата во една средина е онаа која е во потрага по оние „виновници“ што ни го расипаа раатот и сега не доведуваат во опасност по здравјето и животите. Кај нас тоа беа гурбетчиите, кои се вратија во земјата и го довлечкаа вирусот или подоцна и скијачите од монденските зимски центри кои создадоа кластери. Ова со кластерите беше многу очевидно додека бројот на заразенит ене беше толку голем.
Третоо скалило е лесно видливо во сцените од еден филм на режисерот Горан Марковиќ – „Вариола вера“, инспирирани од настан од животот во екс-татковината Југославија а тоа епидемијата со вариола вера. Организираната држава и специфичниот менталитет на народот, кој значеше пред се постоење на колективна дисциплина ја победија лесно опасната болест, но приказната ја следи судбината на група веќе најтешко заболени, сместени во една инфективна клиника во Белград. Тие индивидуални преживелици се спојуваат во филозофијата „само еднаш се живее“. Дали така не беше во мигот кога летоска дивееја младите во кампот Градиште? Или што да се каже за секојдневните собирања пред фурната кај Архитектонски факултет (Силбо)
или кај фонтаната Цвет кај Градскиот парк во Скопје. Не гледајќи на опасноста која ја шират, младите генерации се дружат без било каква ограда меѓу себе и што е поважно меѓу себе и вирусот, кој во меѓувреме се трансформира во поопасни соеви. Моментното опасното, апокалиптично зголемување на бројот на заболени и починатите треба да се бараат и во чочеците изведувани на маса по повод на Денот на жената, кореографски изблици што се се одвиваа по скопските кафеани. Пресметајте – додадете на овие настани една или две недели и ќе го видите змискиот кожен свлек кој не води кон големи групи на убијци што се сончаат на првото пролетно сонце на островот Голем град!
Да, имаше забрана за работа на кафеаните после 21 часот, ама овие настани шокираа за случајните минувачи – иницијаторите беа високо качени на кафеанските столови, во јавни сцени, со многу сведоци. А потоа, можеби истите актери на тоа гурманско-музичко матине ќе извикуваат пароли во кои стои она „оставка“ на еден или повеќе министри, сосе премиерот, низ сега веќе обврзувачки дневни пароли.
Четвртата фаза е во создавањето на атмосфера на општа депресија, кога народот е дестимулиран за било каква активност против општата опасност а петтата во креирањето на конкретен општествен договор од типот „доста беше“, кога сите фактори ќе се обединат околу сериозноста во третманот на пандемијата.
Четвртата и петтата фаза секако ги немаме. Би се рекло тие модели не дошле на дневниот ред или не ја покажале својата појавност.
ШИЗОФРЕНА СЛИКА И со овој микс на појавности на пандемијата кај нас ние имаме доволно елементи да се видиме себе си како дел од една шизофрена слика, каде се мешаат најразлични фази, често и преку едни те исти актери. Првиот човек надлежен за здравство во ВМРО ДПМНЕ Вело Марковски во настапите во јавноста ја оспоруваше природата на вирусот а потоа ја негираше корисноста од вакџцините . Еден од насловите на интервју со него во магазинот Фактор гласи „Вакцина против вирус не се прави за една година“ (http://eprints.ugd.edu.mk/27792/). Со други зборови – не им верувајте! Во секојдневните прес конференции (поточно изјави за медиумите) на оваа партија, пак најчесто се куди власта што нема вакцини и по тој основ тие треба да заминат од функциите. „Пандемијата спласнува во земјите каде вакцинацијата е во напредна фаза, а кај нас секој ден е нов пик, а вакцини нема“ – се вели во едно од последните соопштенија на врвот од Палачинката (4 април –
www,vmro-dpmne.org.mk/index.php/vesti/soopstenija/6063-со-филипче-на-чело-на-министерство-за-здравство-гробиштата-се-полни,-а-парковите-празни)
Па го признава ли постоењето на пандемијата најголемата опозициона партија? Ако ја признаваат таа реалност црвено-црните дали го тргаат од позицијата „министерот а здравство во сенка“ Марковски и се оградува ли од лидерот кој одеше во кафеана кога тие не смееја да работат? Или кога се забораваше спортската опрема во вежбалните… Има многу такви примери, кои не беа санкционирани а секако влијаеја со манифестација на граѓанска недисциплина за јавноста.
Вчера имаше прес на Владата со донесени мерки. Медиумите одново си беа во филмот на ширење на хистерија. Го повторуваат ехото од Плоштадот на ВМРО ДПМНЕ – „отставка, отставка…“. Власта рече дека нема да поднесе оставка, што значи дека овој фронт одново ќе биде актуелен. Но премиерот рече и дека според податоци што ги има населението го зафаќа депресија! Та не беше ли тоа претпоследното скалило кон постигнувањето на општествениот договор кој би ја победил пандемијата барем на еден помал простор? Да, ама пред нас гледаме народ растегнат во веќе четири разни фази. Како тој би се обединил во слогата која му е нужна? Посебно кога некој постојано ја пумпа хистеријата, вреска „пожар, пожар“ ама не го знае излезот од собата во која сме сите ние.