Некои моменти, каков што е празникот Велигден, не се за делби и дека најмалку храмот „Свети Климент Охридски“, кој ја симболизира на свој начин македонската самобитност, не треба да пресликува некои надворешни, световни поделби.
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Стереотипот на телевизискиот пренос од утринската служба во Соборниот храм „Св.Климнт Охридски“ беше разбиен од распоредот на силите во аголот на црквата. Иако поставен како прв, претседателот на државата Иванов со своето кисело лице делуваше како заборавен на крстот на отпорот кон новата власт. Го немаше новиот евентуален ангел кој би го извлекол неговото тело од притисокот кој му дишеше во вратот: таму беа потпретседателката Шеќеринска, министрите Филипче и Николовски, градоначалникот Шилегов … но не и неговите поддржувачи. Се уште битниот Груевски, како што прави последните години, од стартот на „бомбите“, си ја посакува осамата (обично е тоа Дојран а сега беше Охрид), каде заради публицитетот се слика во некаква молитвена но строго осаменичка медитација, без контакт ниту со верниците или свештениците. На тој начин колку-толку ја задржува формата дека е демохистијанин (знали и христијанин!) пред своите гласачи, но ја држи и дистанцата од можните непријатни прашања и ситуации.
Неговиот заменик Мицковски одбра слична форма – во храмот дојде тогаш кога таму завршила главната служба… од аспект на Иванов предоцна за да не делува осамено, од аспект на вмроовците преслично на својот претходник во некои манири. Особено што нечие неприсуство е заслужно за тоа да ги проретчи или помножи политичките јатаци, зависно на која страна се.
Некој би забележал и со право дека тие моменти, каков шпто е празникот, не се за делби и дека најмалку храмот кој ја симболизира на свој начин македонската самобитност, не треба да пресликува некои надворешни, световни поделби.
Но, еве, дали можеше човек да избегне од таа панорама ако му стои пред очите? Подавањето на рака во храмот нема само моментна вредност а за тоа беше свесен кабаетлијата Иванов кој побрза прв да му честита на дедо Стефан и да излезе од црквата, не задржувајќи се и во дворот. ( Да не заборавиме дека Иванов вечерната служба ја следеше во Кавадарци, ден од ретките вмроовски градови!).
Мицковски пак со предлоот за разрешница на власта до Собранието, која можеби се уште му била во џебот од палтото исто така во една духовна смисла би бил неподготвен за такви ракувања кои изнудуваат и етичка потреба за некаква рисјанска соработка. Барем до следниот Велигден.
Добро, најупорните партиски агитпроповски расположени приврзеници на ДПМНЕ овој празничкиот викенд – како пледоаје на расправата во Парламентот белким по повод барањето за интерпелација на Владата – се обидоа да дејствуваат на оние што им се на списокот. Се јавуваа дека „ова е последната пензија која ја зеле, нема да има друга“, дека СДСМ ветил ова или она а после половина година не остварил, небаре се тоа ветувања кои треба да се остварат во некаква експресна постапка. Имаше, слушнав и такви оправдувања дека ВМРО ДПМНЕ „крадел системски“ а овие сега краделе со картички и купувале сендвичи и пиво!
Атмосферата на нов и нов обид за опструкција на „најнародната партија“ ја прикажува комплетната осаменост во пристапот и инвенцијата на нејзините шефови. Како што вели деновиве Најчевска „со ваква интерпелација ВМРО ДПМНЕ не само што не заслужува уште долго да дојде на власт, туку не заслужува да биде ни опозиција“ Таа во нивната хартија која ќе влезе во средата во процедура фледа само нафрлени перцепции, зачинети со фрази и флоскули, спакувани во украдени констатации кои не се поткрепени со никакви анализи и податоци.
„Треба да си навистина ’кецарош’ за да употребуваш зборови на оние кои те критикувале и кои те симнале од власт, без да разбереш што значат, во кој контекст имаат смисла а во кој не“, смета таа..
Всушност, која е основата да се критикува СДСМ заради тоа што за 6 или 9 месеци не успеал да го исправи она што му го оставиле на институционалното буниште токму критичарите Значи кој не успал да го исчисти сметот се уште е повредно од тоа кој го направил?! И можел ли Заев, со сите опструкции што ги правеше некогашната власт, на чело со претседателот Иванов и неговите интерпелации да биде спринтер?
Велигден помина. А дедо Стефан –барем не се чу и виде – не организираше заеднички празничен ручек со политичарите, бидејќи погледот кон присутните на утринската миса во неделата, му даде на знаење дека опозицијата е практично расфрлана во просторот, дали од позицијата да создаде привид за некаква, макар на час компактност меѓу лидерите.