Не можете вие да бидете револуционер и демократ истовремено. Не можете да бидете внатре во парламент (како Муковски, Арнаудовски и Василевски) и да и прапаѓате, истоврмено, на вооружена формација со однапред смислена и, што е најлошо, смислено прифатена улога да отворате врати на таква формација која влегува во парламент како во своја омилена кафеана
АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Од ден во ден, а нема ден де без отровно, апокалиптично соопштение на Опозицијата, таа ја повторува својата омилена формула „политичкиот прогон“ на кој биле изложени нејзини видни политички ликови. Во духот на озлогласената Гебелсова пропагандна реторика која вели: „стопати повторена лага станува вистина“, Опозицијата верува дека тој “политички прогон“ ќе стане, еден убав ден, вистина. Треба да се рече дека има и разлика меѓу формулата на Гебелс и онаа што се ја практикува Опозицијата на Христијан Мицковски. Разликата се состои во тоа што формулата „политички прогон“ кој го спроведува судството на РМ „под контрола на Заев“ како што тврди, не е лишена од логика. Се разбира, нејзина логика во која ни најмалку не верува. Ама, сепак логика.
Во што се се состои таа логика? Во првиот дел (ВМРО) од кратенката за името на Опозизиција се кажува недвосмислено дека се работи за револуционерна организација каква што беше онаа на Гоце Делчев од 1893 г. Таа си постави како прва и основна (света) цел да му се спротивстави на еден апсолутистички режим, каков што беше оној на султан Абдул Хамид и, на тој начин, да дојде до слобода и независност. Кога, неодамна, потпретседателот на Опозиција А. Николовски (иако во друг, итар, практичен контекст!) потсети дека, во еден момент, „материјалистите станале побројни од идеалистите“ во ВМРО-ДПМНЕ тој, сакал или не, потсети на таа револуционерна организација која не само што не исклучува употреба на сила за да дојде на власт (примарна цел), големиот услов за „еднаквост, братство и слобода“ (секундарна цел), туку, напротив, употребата на енергична сила ја смета за добро, делотворно и, од таа гледна точка, легитимно средство.
Кога, на ден 27 април 2017 г. упадна во парламентот една добро организирана, вооружена формација составена од тајни агенти, активни офицери, пратеници на Опозицијата и политички активисти (под контрола, директна или индиректна, на ВМРО-ДПМНЕ?) за да спречи, со употреба на груба сила, образување влада на СДСМ и ДУИ кои дојдоа до парламентарно мнозинство, стапија на политичката сцена оние „идеалисти“ за кои зборува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ (сега се „помногубројни“) откако таа партија, под водство на Мицковски, успеала да се “очисти“ и да се “прочисти“ од “материјалистите“ како Мијалков, на пример.
Како и секоја политичка доктрина, било темелно и добро обмислена, било набрзинка склепана и од немајкаде како онаа на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ (прва цел на неговата досетка со „идеалистите“ и „материјалистите“ во редовите на ВМРО-ДПМНЕ беше да го омекне тврдото срце на некогашниот шеф на УБК Мијалков кого го нарече, во наплив на еуфорија – криминалец), не е без своја слаба точка. Слаба точка која се гледа од авион во доктрината на Николовски е една силна контрадиклција за која нема лек.
Имено, револуционерната организација на Делчев беше во длабока илегала. Таа беше под постојан надзор на полицијата и војската на султан Абдул Хамид, додека пак Опозицијата на Мицковски и Николовски е легална политичка партија со сите нишани и салтанати, со своја силна пратеничка група во актуелниот парламент. Таа група жолчно дебатира, опструира и, повремено, апстинира. Или, како што обично се вели кај нас, таа ги користи „сите расположливи, легитимни демократски средства“ за да ги оствари своите „зацртани“ политички цели.
Значи, има моменти кога Опозицијата работи како демократска партија (ДПМНЕ). Од друга стрна, таа не се лишува од употребата на сила за да дојде, поточно, да задржи власт (ВМРО). Ете ја на бело видело таа силна контрадикција меѓу една револуционерна и една – демократска партија.
Не можете вие да бидете револуционер и демократ истовремено. Не можете да бидете внатре во парламент (како Муковски, Арнаудовски и Василевски) и да и прапаѓате, истоврмено, на вооружена формација со однапред смислена и, што е најлошо, смислено прифатена улога да отворате врати на таква формација која влегува во парламент како во своја омилена кафеана. Треба да изберете: или револуционер кој со пиштол и кама доаѓа до своја правда, или дебата во која победува силата на аргументот и така доаѓате до својата политичка цел.
Кажано со “математичкиот јазик“ на водачот на опозицијата, вистиносен исказ е секој што нема видлива или скриена контрадикција. Невистиносен или лажен е секој што содржи таква контрадикција. Потоа, вистината на оние идеалисти со пиштоли и ками под маица според Николовски, нивната или неговата вистина, ни оддалеку не е вистина за – сите! Не е, затоа што мојата вистина не е ниту може да биде вистина ако не е, истоврмено, вистина за другиот Така беше, впрочем, и во времето на Делчев. Тој сметаше дека треба прво слобода, а потоа правда за сите. Мисирков, напротив, сметаше дека прво е тивка, долготрајна просветна дејност (еволуција) за да дојде еден народ до свест и самосвет. Дури потоа помисла на општо востание за слобода. Вистината на Делчев беше тешка, кобна заблуда за Мисирков. Онаа на Мисирков, тешка и кобна заблуда за Делчев.
Останува уште прашањето: свесни ли се Х. Мицковски и А. Николовски за таа силна контрадикција во името на Опозицијата? Свесни или не, тие мора да живеат со таа и во таа силна контрадикција затоа што им дава барем некоја надеж за – опстанок. Кога би се лишиле од името ВМРО кое претходи на ДПМНЕ, име што на свој начин зборува дека е прво силата, а дури потоа демократскиот дијалог, таа партија преку ноќ би се растурила како сарма. Зошто? Затоа што култот кон ВМРО е длабоко врежан во колективната меморија на обичното членство. Тоа членство масовно би кренало раце од водство кое гиба во колективен мит.