СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА
Фантом компанијата БЕГ – за која не се знае кој ја претставува, кој зборува во нејзино име, кого да му свртите телефон за интервју, кој стои зад неа како инвестиција, има ли воопшто инвестиција или пак профитира од распарчениот имот и бизнис на екс „Топлификација“ – сега се заканува дека, како „одговорна компанија“, на денот кога ќе се избира новата влада ќе ни ги исклучи радијаторите
Општествено одговорна компанија. Така се нарече себеси БЕГ, снабдувачот на скопјани со централно греење, кога нѐ извести вчера дека има гас само за еден ден и дека баш кога ќе се избира новата влада, ќе ги исклучат радијаторите.
За разлика од Ненадлежна Арсовска, која мисли дека треба да биде само набљудувач на кризите и цел мандат да раскажува за што сѐ нема пари и во каква состојба биле општините, иако само таа очигледно не знаела, БЕГ барем одглуми дека е одговорна, но елегантно побара од Владата да ѝ ја менаџира компанијата сѐ додека има енергетска криза. Тоа е истата одговорна компанија која тужеше илјадници корисници на централно греење затоа што задоцниле некој ден во плаќањето на сметките, истата компанија која имаше повеќе адвокати отколку одржувачи на системот, компанијата заради која со месеци протестираа граѓаните поради безобразна наплата за негреење преку извршителите, истата која кусогледо натера многу скопјани да се исклучуваат од нејзините услуги и на крајот таа што ја спаси екс-градоначалникот Петре Шилегов со мерки кои ја вратија довербата на скопјани во системот.
Тоа е, за жал, истата фантом компанија за која не се знае кој ја претставува, кој зборува во нејзино име, кого да му свртите телефон за интервју, кој стои зад неа како инвестиција, има ли воопшто инвестиција или пак живее на грбот на распарчениот имот и бизнис на екс „Топлификација“, кој со политички и економски притисоци падна во нивно владение. Таа е фантомска ВМРО бизнис филијала која очигледно верува дека се враќа тркалото на историјата и дека може да ѝ се приклучи на Данела Арсовска и на хорот ненадлежни за да ескалира енергетската криза место да се решава, бидејќи така ќе ја разнишаат новата влада пред да биде формирана.
Иако на сите ни е јасно дека енергетската криза има и дека таа не била од олкав размер досега, освен можеби во периодот на грчкото ембарго, наместо сите да се прогласат за одговорни, макар и декларативно, и да помогнат таа да се решава, ние сме сведоци на повеќенеделно системско сеење паника од типот – греење уште денес, не ни бегаат рестрикции на струја, Скопје ќе потоне во мрак и слично. Иако, откако почна ваквото хистерично политичко препукување не е угасена ниту една светилка во државата, не е угасен ниту еден рекламен панел, немаше ниту една препорака за штедење, немаше ниту ден без парно греење надвор од Скопје Север и катаклизмата засега е само политичка.
Очигледно откако се потроши патриотизмот и на таа тема никој не наседнува, откако се потрошија името, јазикот и идентитетот, а граѓаните не гледаат ни причина толку да се брзаме околу преговорите со Бугарија, откако се искористи пандемијата за политичка битка, откако се запираше помошта за справување со здравствената криза, се блокираше работата на парламентот за да не може да функционира државата како што треба, откако се правеше сѐ да се блокира економската помош на компаниите што трпеа огромни штети од пандемијата, сега желбата на ВМРО-ДПМНЕ да предизвика вонредни парламентарни избори (на кои може и да изгуби, како што лошо искалкулира и со гласањето недоверба) сега треба да се оствари со системско застрашување и малтретирање на скопјани. Или поедноставно, по поттикнувањето на здравствената, на политичката и на економската криза, сега е на ред да се искористи енергетската криза, по цена граѓаните да се извадат од памет и да се распадне целиот енергетски систем во главниот град и во државата. Просто кажано, да измрзнеме сите додека власта и опозицијата си докажуваат преку соопштенија чија е одговорноста што снемува греење, откако целиот систем се распадна поради партиското преземање на бизнисите.
Судејќи по овие случувања деновиве, она што можат да очекуваат граѓаните во Македонија наредните шест месеци е политички хорор на повисоко ниво, без надеж дека, и да се случат избори, ќе му дојде крајот, бидејќи единствен политички приоритет стана доаѓањето на власт или уривањето на власта, додека сите ние тонеме во беспарица. И социјалната криза очигледно ќе биде новата карта на која ќе се урива новата влада, бидејќи таа има најголем потенцијал политички да ја радикализира ситуацијата и да го направи живеењето невозможно како до сега.
Иако пред изборите најавуваа големи проекти и се фалеа дека со добар менаџмент ќе ја оправат состојбата во општините низ Македонија, сега сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ се впрегнати само кон оваа цел – да ни го загорчат животот до таа мерка што ќе го впериме прстот во централната власт. Место да работат, повеќето се прогласија за ненадлежни, барајќи во еден глас Владата да им ги реши локалните проблеми, да им плати сметки за струја, да им плати сметки за гас, да им плати штети од земјотреси (иако се испаднати само малтери), да ги реши проблемите на ЈСП, па и проблемот на приватната компанија на Ленин кој немал пари да си го плати горивото оти е поскапено. А, потоа одбиваат помош кога ќе им се понуди, бидејќи идејата е – колку полошо за нас граѓаните, толку подобро за нив. Друго прашање е дали зад игрите на БЕГ и на ТE-ТO стои и некој странски интерес. Она од што се крева косата на глава сепак е леснотијата со која Македонија се остава да потоне заради приватни интереси на групации кои седењето тука секој ден ни го прават – сѐ пострашно.