За очекување е дека ова е дел со она што се случува во Европа. Ако ја гледате содржината на дојавата на бомбите многу е јасно дека во Европа постојат две страни – едната која вели дека државите не треба сами да го одредуваат својот демократски пат, како што е Украина, и друга страна на која ние и припаѓаме – демократскиот свет
И владиниот врв стана цел на „играта“ со дојави за бомби – скопскиот хотел „Александар Палас“, каде на настан на Стопанската комора требаше во птокот да се појават премиерот и министрите за финансии и економија, доби предупредување дека во него е поставено експлозивна направа. Ковачевски, Бесими и Бектеши не се појавија, а објектот беше испразнет.
Истото се случи и во најголемиот скопски шопинг центар, на градскиот стадион, во спортската сала „Борис Трајковски“, во десетина училишта…
Дојава доби и меѓународниот аеродром Скопје – објектот беше неколку часа блокиран поради полициските проверки, а сообраќајот беше запрен…
Два часа подоцна, откако беа завршени проверките и се утврди дека се лажни, дојавите за бомби, кои траат со месеци, премиерот Димитар Ковачевски ги карактеризираше како хибридна војна против земјава и директно ги поврза со руската агресија во Украина.
„За очекување е дека ова е дел со она што се случува во Европа. Ако ја гледате содржината на дојавата на бомбите многу е јасно дека во Европа постојат две страни – едната која вели дека државите не треба сами да го одредуваат својот демократски пат, како што е Украина, и друга страна на која ние и припаѓаме – демократскиот свет, членка на НАТО и страна која е составена од држави членки кои се дел од ЕУ, или земји кои ќе станат дел од ЕУ, како нашата“, рече Ковачевски.
Како аргументи дека дојавите не се само изолирани „несолени шеги“ на поединци, Ковачевски ги наведе нивната бројка, опфат, интензитет, цели и, како што рече, примерок на повторување, како и во соседните земји.
Образложението на полицијата дека е многу тешко да се влезе во електронската трага на сторителите, за опозицијата „не држи вода“.
Неможноста да се спречат вакви дојави ги принуди надлежните да алармираат и да се обратат до НАТО. Шефот на дипломатијата, Османи, во петокот обелодени дека земјава стапила во контакт со, како што рече, структурите на НАТО, за „да се види каков хибриден пристап кон регионот може да се случи и која би можела да биде причината“.
Надежите се дека можеби, со асистенција на НАТО, ќе се стави крај на ваквите случаи кои веќе два месеца ја вознемируваат јавноста. Само во четвртокот имаше дојави за бомби во 49 училишта во Скопје и во Куманово. Нов, досега најмасовен бран на имејлови со закани за поставени бомби, тогаш пристигна на електронските адреси на педесетина основни и средни училишта во Скопје и во Куманово. Уште по првиот час учениците ги напуштија училиштата а полициски тимови влегоа во училниците за да ја извршат неопходната проверка.
Како и досега заканите беа лажни.
Речиси два месеца учениците, но и граѓаните се мета на овие закани за поставени експлозивни направи, но МВР засега нема осомниечни ниту пак соопштува детали од истрагата. Министерот Спасовски стои на ставот дека станува збор за хибридни напади и дека се известени Интерпол Европол како и НАТО Алијансата од која досега официјално не е побарно помош во откривање на испраќачите.
МВР има формирано штаб кој работи исклучиво на откривање на испраќачите на заканите а деновиве ќе има и состанок на Советот за координација на разузнавачките служби.
„Сите меѓународни партнери се известуваат во однос на овие дојави кои ги добиваме. Споделуваме информации за да добиеме помош. Станува збор за ВПН конекции и не може да добиете точна ИП адреса од која е испратено тукус е појавуваат стотици адреси од провајдерот. Јас очекувам деновиве да се одржи и Советот за координација на разузнавачките служби на кој ќе треба да ги размениме сите податоци. Значи и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) и Комитетот за борба против тероризмот, се со цел да преземеме низа на мерки не само конкретно во овој случај туку генерално во решавањето на проблемот со тероризмот“, изјави министерот Спасовски.
Претседателот Стево Пендаровски соопшти дека одблиску го следи текот на настаните и дека е во постојана комуникација со МВР. За сега не гледа причина за свикување на Советот за безбедност.
„Нема потреба за свикување на Советот за безбедност поради зачестените дојави за бомби. Заканите доаѓаат од ИП адреси од странство. Сите надлежни органи се максимално ангажирани и не допуштаат никаква шанса некој да постави експлозивна направа во училиштата. Јас сум во постојана комуникација со МВР. До овој момент нема потреба да се крева тоа на такво ниво. Од тоа што го знам, надлежните се постојано на дневна основа активни во однос на тие закани. Постојат два аспекта – кривично правен поради стресот, паниката, стравот што ги предизвикуваат кај децата, родителите, кај сите нас, и таа работа ја тераат надлежните органи. Меѓутоа тоа се ИП адреси кои се најчесто од странство и до кои тешко се доаѓа, како и до луѓето кои ги менаџираат. Сите надлежни органи се максимално ангажирани и не дозволуваат да има каква било шанса некој да постави експлозивна направа во нашите училишта”, изјави претседателот Пендаровски.
Според безбедносните експерти целта е да се предизвика страв и паника кај населението што донекаде веќе е постигнато.
„Дојавите пристигаат се почесто бидејќи модусот за тешко октирвање веќе е познат. Истото се случува и во соседните држави. Се случува нешто што ние барем во оваа фаза не сме во можност да го иднетификуваме од каде доаѓа и кој ги испраќа“, изјави Злате Димовски, професор на Факултетот за безбедност.
Дел од експертите сметаат дека со овие лажни закани се работи на истоштување на оперативните служби, се следи процедурата и постапките на безбедносните служби и во никој случај не смее да се исклучи можност дека може да има напад.
Заканите кои прв пат беа испратени на 26 октомври ескалираа како по бројката така и по институциите каде се испраќаат. Ако во почетокот тоа беа исклучиво училиштата во Скопје, мината недела таргет беа и државни институции. МНР, Народната Банка и полициската станица „Центар“ во Скопје мораа да боидат евакуирани, како и трговските центри „Ист Гејт“, „Сити Мол“ и ГТЦ но и најголемиот станбен комплекс во Скопје „Џевахир“.
МВР засега има само еден осомничен, малолетник кој признал дека од својот компјутер на почетокот на ноември испратил заканувача порака до четири училишта во Скопје.
Токму ваквите ситуации често пати знаат да го изморат оперативецот или оперативниот одговор и да го спуштат ‘гардот’ и кога најмалку се очекува, тогаш да се зададе ударот, смета универзитетскиот професор по безбедност, Методи Хаџи-Јанев
Истоштување на оперативните служби и напад кога најмалку се очекува е една од можните цели на бројните дојави за поставени бомби, како и следење на постапките на безбедносните структури, вели Методи Хаџи-Јанев во разговор за Гласот на Америка.
„Тоа може да биде организирана група, која може да има поразлични авантуристички цели. Но, може да има и политичка задина што ќе биде оркестрирана од страна на државен субјект. Или, пак, недржавна организација којашто има одредена политичка амбиција или политичка цел“, вели универзитетскиот професор. Хаџи-Јанев укажува дека е безбедносните служби треба да бидат внимателни и да останат на нивото на задачата, зашто една од можните цели е нивно истоштување.
„Токму ваквите ситуации честопати знаат да го изморат оперативецот или оперативниот одговор и да го спуштат ‘гардот’ и кога најмалку се очекува, тогаш да се зададе ударот. Од друга страна опасноста е што преку ова тие можат да прават извидување и набљудување на стандардните процедури на оперативната реакција, што исто така може да претставува проблем“, укажува нашиот соговорник.
Хаџи-Јанев смета дека не се сите дојави за бомби од ист извор. Според него целта е да се предизвика верижна реакција, која би поттикнала и други лица да се вклучат во процесот на слични дојави и вознемирување.
Професорот нагласува дека за овој вид напади нема целосно решение, но сепак додава и дека од страна на институциите не се преземени доволно постапки за подобра заштита.
„Мораме да бидеме коректни и да кажеме дека забелешките дека институциите не направиле доволно се во ред. Неминовен е фактот дека тие (институциите) треба да работат на поголема будност, но и на градење на капацитетите“, вели Хаџи-Јанев и прашува колку државата активно вложува во градење добар систем за заштита од кибернетички напади.
Јанев додава и дека секоја институција, како и секој поединец, треба да води сметка за заштита од хибридните напади што се изведуваат во дигиталниот простор и во просторот на електронските комуникации.