Ефикасна саморегулација и медиумски писмени граѓани за одговорно комуницирање онлајн. Многу тешко се добива заштита од државните органи за жртвите на говорот на одмраза
Поттикнување на критичкото размислување и медиумската писменост кај корисниците на социјалните мрежи, подигнување на политичката култура на комуницирање, ефективна и независна саморегулација онлајн и доследна примена на законите се некои од предлозите во однос на решавањето на проблемите во комуникацијата во интернет-просторот, што беа истакнати на конференцијата „Права и обврски при комуницирање на Интернет“. Настанот го организираше МИМ во рамки на заедничкиот проект на Европската Унија и на Советот на Европа, со наслов „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“.
Социјалните мрежи стануваат нов вид јавност со свои позитивни и негативни страни, но човечкиот фактор е пресуден во оваа комуникација, истакна Сеад Џигал, експерт за медиумска писменост и социјални медиуми. „Проблемот е тоа што корисниците на социјалните мрежи имаат неограничени права, но не и обврски, особено во локалниот контекст каде што законската легислатива или не се применува или се применува селективно и недоволно“, вели тој. Според него, треба да се подобрува комуникациската, медиумската и политичката култура во општеството, а решенијата на проблемите треба да се бараат во едукацијата, односно вклучување на овие теми во формалното и во неформалното образование, но и во етичкото лидерство, што подразбира истакнување влијателни поединци и јавни личности како примери за одговорно однесување за помладите генерации.
Надиа Беларди, независна експертка ги претстави стандардите на Советот на Европа и Европската конвенција за човекови права и слободи, што се однесуваат на слободата на изразување, како и почитување на приватниот и семејниот живот и приватноста на информациите, истакнувајќи ја важноста од одржување рамнотежа меѓу нив. Таа се осврна на повеќе релевантни препораки на Комитетот на министри во однос на претставување на насилството во електронските медиуми, новото значење на медиумите, заштитата на човековите права во поглед на социјалните мрежи, слободата на интернет, како и на медиумскиот плурализам и транспаренстноста на медиумската сопственост, со акцент на влијанието на онлајн-платформите.
Според Беларди, дезинформациите и говорот на омраза генерираат корисници колку и вестите или висококвалитетните содржини. Пропагандата побрзо се шири и прави повеќе штета, законите што го регулираат говорот на омраза може лесно да се злоупотребат и да ја ограничат слободата на говорот, додека медиумските организации не можат да направат доволно да ги заштитат новинарите од говорот на омраза. Некои од „лековите“ за овие проблеми, Беларди ги гледа во поттикнување на критичкото мислење и информациската писменост, препознавање на веродостојните извори, разликување на промотивните содржини од фактите, имплементирање високи етички стандарди во новинарството и ефективна и независна саморегулација на социјалните медиуми.
Беше помената индолкенцијата на полицијата, потоа префрлуцањето на топкта меѓу неа и обвинителстото, што на крај води кон неказнивост на прекршителите на медиумските слободи
Новинарот и граѓански активист, Огнен Јанески, кој истакна дека и самиот често бил цел на говор на омраза и навреди на интернет, смета дека законите не ги заштитуваат корисниците на социјалните мрежи во реалноста. Според него, постоењето обврски и права не значи дека сите ги применуваат. Идејата за саморегулација е добра, вели тој, но треба да се најдат креативни начини како да се работи на подобрување на писменоста на корисниците на социјалните мрежи, а особено на младите и на оние кои шират говор на омраза. „Факти, проверени информации, статистики, линкови, контраргументи што ги рушат нивните аргументи и секогаш културен пристап и ниво на однесување“ е начинот што тој го препорачува за справување со оние кои се однесуваат недолично онлајн или, пак, во етерот.
Заеднички заклучок од конференцијата беше дека за говорот на омраза треба отворено да се зборува, со цел да се разобличи овој феномен и последиците од него. Корисниците на социјалните мрежи треба почесто да реагираат до саморегулаторното тело и до надлежните институции, со цел проблемот да стане повидлив и тие да се поттикнат да ги процесираат случаите. Од друга страна, проблемот може ефикасно да се адресира само преку спрега на институциите, односно граѓанскиот сектор, регулаторот, судството и институциите што имаат надлежност да се справуваат со проблемите на интернет.