Оние со чинови на резервни офицери и првопозивци, како што ги викавме. до вечерта добија наредба да се јават во касарните кои им беа одредени од претходно. Веднаш беа упатени кон границата со Бугарија, некои кон Паланка, некои кон Ниш и Пирот… Подоцна се говореше дека во Армијата владеел хаос, дека повиканите не добиле комплетна опрема, често останале без чизми, па продолжиле со цивилните чевли на нозете. Не мирисаше на добро… Подоцна се дозна дека Тито утрото рекол – „ние сме следните“
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Минатата недела се одбележуваше половина век од денот кога во Чејословачка, денес Чешка и Словачка, влегоа тенковите на Варшавскиот пакт. Медиумите јавија дека тој момент се уште го дели општеството во двете држави во оценките, дрќави кои мирно се разидоа по падот на системот четврт век подоцна. Не разбрав сосема на што се должи тој заклучок, но факт е дека чешкиот премиер имал некои проблеми додека го говорел текстот посветен на половината век од тој настан: во мигот на оддавање на почест на жртвите на вооружжената инвалзија на Пактот во 1968 година, бидејќи манифесацијата која ин мементо се претворила во некаков протет против премиерот!
Имено, стотици луѓе го исвиркале Бабиш при неговото доаѓање на церемонијата, што се одржала пред зградата на чешкото државно радио во Прага, кадешто пред половина век, во првите часови од окупацијата се воделе жестоки улични борби на невооружените цивили со советската армија. Притоа загинале 17 луѓе.
„Срамота, срамота“, извикувале граѓаните додека Бабиш држеше говор, што го попречувале присутните со сирени и свирчиња. Милијардерот Бабиш направил контроверзен потег, кога се здружи со наследниците на Комунистичката партија, а се соочува и со обвиненија за измама.
Војските на Варшавскиот пакт влегоа во Чехословачка на 21 август 1968 година рано утрината, со цел да спречат воведување либерални реформи во државата, кои произлегоа од движењето Прашка пролет. Како резултат на окупацијата, само во 1968 година биле убиени 168 луѓе.
За влезот на Пактот во Чехословачка во мојот дом се дозна уште утрото, бидејќи кај нас радиото секогаш беше пуштено во шест часот наутро. Претходните денови мојот татко постојано на ултра куси бранови ги фаќаше радио станиците, како што е „Гаварит Масква“ или „Радио Гласот на Америка“, ама и чешките станици, бидејќи, одлично го знаеше чешкиот јазик.
Татко ми замина на работа замислен, со велосипед, беше сосема свесен за настаната ситуација. Јас бев повикан од еден мој другар дс однесеме старо железо од подрумот на неговата тетка (во населбата Пролет) до отпадот. Лично, за мене беше поважно што два пати минав крај гимназијата во која ги поминав следните четири години („Цветан Димов“, сместена кај сегашен МКЦ), логично, затворена во тоа време. Овој момент на сеќавање ме оптоварува со мислата дали тоа летно попладне, жешко, кое не измачи до зла бога, ни донесе некој динар (важечка валута во тоа време), дали парите завршија кај тетката на другарот или можеби добивме колку за една боза и индијанка?
Роднините на мојот другар беа шокирани од веста која јас ја ширев тоа претпладне и уживав во шокот што го предизвикував патем кај оние на кои не им беше до пуштање на радиото во утринските веси, навикнати само на свечениот чин на следење на вечерниот тв дневник во 19.30 часот, кој беше следен по дифолт.
Скопје тој ден се готвеше за мсовно правење на јуфки, што значеше чистење на рамните површини во кујните (асталите) со жешка вода, се шиеја платнени вреќички каде ќе се сместеа плодовите на тој масовен домаќински собир (сите роднини, особено во семејствата од западниот дел на Македонија учетвуваа во правење на тестенини за зимата),по дворовите се береа оревите, главно со долги мотки…
Попладнето беше, ако не се лажам одржан голем митинг на Плоштадот Маркс и Енгелс, пред зградата на сојузниот Синдикат, на кој вработените во Белград на враќање одржаа „политички час“. Денес се вели дека биле присутн и 250 илјади граѓани а говорел Мијалко Тодоровиќ, втор човек на партијата. Говорот е оценет како остер, бидејќи Советите се споредени со конквистадорите, згора и како уништувачи на социјалистичката идеја. Наводно имало и многу резерви кон ој говор и во самиот врв на Партијата, пост фестум, пред се заради стравот дека забревтаните тенкови на Пактот секако можат да продолжат и да ја минат југословенската граница.
Оние со чинови на резервни офицери и првопозивци, како што ги викавме. до вечерта добија наредба да се јават во касарните кои им беа одредени од претходно. Веднаш беа упатени кон границата со Бугарија, некои кон Паланка, некои кон Ниш и Пирот… Подоцна се говореше дека во Армијата владеел хаос, дека повиканите не добиле комплетна опрема, често останале без чизми, па продолжиле со цивилните чевли на нозете.
Не мирисаше на добро… Подоцна се дозна дека Тито утрото рекол – „ние сме следните“
(продолжува)