Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПОЛТРОНСТВОТО КАКО ДРЖАВНА ПОЛИТИКА

January 13, 2026 Filed Under: Колумни

ДЕЈАН ТРАЈКОВСКИ

Подлизуркото ласка, клима со главата и се надева на трошки од господарот. Тој е само смешен, но сепак безопасен. Полтронот, пак, оди чекор понатаму. Тој не само што е понизен пред претпоставените, туку е насилен кон потчинетите

Според македонскиот речник, полтронството е однесување при кое некој е понизен, сервилен и послушен кон посилните, а груб, навредлив и агресивен кон послабите или кон оние што немаат моќ да возвратат.

Да погледнеме како изгледа тоа во македонската пракса на владеење.

Македонското Министерство за надворешни работи, со сериозност својствена за објава на земјотреси и други природни катастрофи, изрази поддршка за американската интервенција во Венецуела. Без дилеми, нијанси, оградувања, без никаква сопствена анализа – како и вообичаено за сé што прават. Навикнале да зборуваат со туѓи зборови кога се работи за поддршка на големата сила. Но, тоа не е никаква дипломатија, туку најмизерно полтронство пред посилниот.

Ова не им е првпат, туку веќе воспоставен образец на однесување. Во Обединетите нации, Македонија во повеќе наврати се најде во обратна позиција од светското мнозинство од 160 и кусур земји, но во линија со Вашингтон:

– дадоа глас против укинување на американските санкции кон Куба, заедно со мал број земји;

– гласаа воздржано или отворено против резолуциите што ја критикуваат политиката на Израел;

– гласаа воздржано или со малцински глас против резолуции за Палестина, за повлекување на Израел од окупираните територии, за решение со две држави, па дури и за правото на самоопределување на палестинскиот народ.

Воздржаноста е само друга форма за наведната глава.

Често се прави грешка и полтроните се мешаат со подлизурковците. Но разликата е суштинска. Подлизуркото ласка, клима со главата и се надева на трошки од господарот. Тој е само смешен, но сепак безопасен.

Полтронот, пак, оди чекор понатаму. Тој не само што е понизен пред претпоставените, туку е насилен кон потчинетите. За да се докаже пред моќниот, мора некого да понижи, како некаква компензација за својата немоќ. Подлизуркото сака само ситна привилегија, но полтронот сака да биде брутален и да владее. Ги сретнуваме во речиси секоја работна организација и институција кај нас.

Од гласањето во ООН, кругот се затвора на домашен терен. Кога, по трагедијата во диското во Кочани, опозицијата постави прашања за одговорност, безбедност и пропусти, одговорот не беше ниту оставка, ниту истрага, ниту сочувство. Одговорот беа етикетите „глодари“, „некрофили“ и „човечки талог“.

Образецот е како по учебник. Кон Венецуела покажуваат отсуство на сочувство и поддршка. Кон САД држат наведната глава. Кон Куба и Палестина гласаат спротивно од светот. Кон Кочани демонстрираат отсуство на сочувство. Кон домашната критика искажуваат навреди.

Полтронството е стратегија за владеење во земја што нема капацитет да спречи трагедија во едно диско, но има став за Венецуела, Куба и Палестина. Трпиме понижувања од посилните, за да покажеме некаква лажна важност и сила над немоќните. Така оваа власт само нé срамоти пред светот. Некој треба да им каже дека и надредените презираат полтрони и дека ги ликвидираат кога повеќе не им требаат.

Има уште една важна разлика меѓу подлизуркото и полтронот. Подлизуркото се срами од себе и се крие, а полтронот без срам ја претставува државата.

Основниот модел е секогаш ист: тиран кон потчинетите, слуга кон надредените. Токму согласно дефиницијата од речникот на странски зборови и изрази.

(ОД Фејсбук статусот на авторот)

Filed Under: Колумни

НА ВМРО ДПМНЕ НЕ МУ СЕ ДОПАЃА ПРЖИНСКИОТ МОДЕЛ ЗА ИЗБОРИ СО ТЕХНИЧКА ВЛАДА
ЕВРОПСКИ СТНДАРДИ И МАНЕВРИТЕ НА МИЦКОСКИ
СТИВЕН МИЛЕР И НЕГОВАТА ДОКТРИНА НА АГРЕСИЈА
ЏУЛИЈА РОБЕРТС: НЕ САКАМ ДА ГО МИНУВАМ ВРЕМЕТО ВО СТРАВ И ВОЗНЕМИРЕНИОСТ
СTРАЗБУР ГИ СПОРИ СМЕНИТЕ И „ИНТЕРПЕЛАЦИИТЕ“ ВО СУДСТВОТО (1)

Најново

  • НА ВМРО ДПМНЕ НЕ МУ СЕ ДОПАЃА ПРЖИНСКИОТ МОДЕЛ ЗА ИЗБОРИ СО ТЕХНИЧКА ВЛАДА
  • ЕВРОПСКИ СТНДАРДИ И МАНЕВРИТЕ НА МИЦКОСКИ
  • СТИВЕН МИЛЕР И НЕГОВАТА ДОКТРИНА НА АГРЕСИЈА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet