ДЕНКО МАЛЕСКИ
Вистината е една од споделените вредности на демократиите. Ако дојде време големите сили директно да се ангажираат во македонско-бугарскиот спор, политичарите ќе побараат помош од своите историчари. Тогаш ќе разбереме колку нашата историска мисла е компатибилна со светската
Вистината треба да стане наша водилка низ минатото, сегашноста и иднината.Од неа отстапување не смее да има. Вистината е една од споделените вредности на демократиите. Ако дојде време големите сили директно да се ангажираат во македонско-бугарскиот спор, политичарите ќе побараат помош од своите историчари. Тогаш ќе разбереме колку нашата историска мисла е компатибилна со светската.Такво време не е дојдено, изјави некни американската амбасадорка во нашата земја и очекувањата се политичарите на Македонија и на Бугарија да најдат решение кое ќе ни ги отвори вратите кон ЕУ.
Наместо да видат до кој степен нивната досегашна работа е во согласност со објективните историски факти, македонските историчари отвораат фронт кон сопствената влада против обидите таа да поведе по европскиот пат на помирување со Бугарија.Нивните стравови дека ќе биде заборавена „отсеченета глава на Невена Георгиевска Дуња, убиството на ваташките младинци или холокаустот на Евреите“ се без никаква основа. Тие историски факти никој не може да ги избрише. Помирувањето меѓу Америка, Велика Британија или Франција со Германија не е на штета на исторската вистина. Доказ за тоа се документарните серии на History Channel , на безброј филмови и на обемна историска литература посветени на нацизмот и на фашизмот. А, сепак, днешните Американци, Британци и Французи се најдобрите пријатели со денешните Германци. Овие народи сега споделуваат исти демократски вредности и ги воспитуваат своите деца во духот на толеранција,простување и незборавање. Незаборавање не толку на она што Германија го сторила на Евреите колку на тоа што може еден народ да му направи на друг ако им се даде слобода на злите духови во луѓето да излезат од шишето.
Во деведесеттите мојата најмала ќерка Владица мина низ искуството да менува училишта – градинка во Њујорк, прво одделение во Христијан Тодоровски Карпош во Скопје, а второ во Riverside School во Принстон. Потоа пак назад во Карпош. Од вредностите кои и ги втисна американскиот школски систем не може да избега ни денес: стремеж кон еднаквост, космополитизам, грижа за човековата околина, да спомнам само некои.Во школото во Скопје, пак, седумосумгодишното девојче беше импресиониранo со бројот на херои кои ги има Македонија и страшниот начин на кој ги завршиле своите млади животи. Не разбираше кој кому што сторил но никогаш не падна во стапицата на гнев и омраза кон други народи. А заклучи дека „сите народи на Балканот меѓусебе се мразат“, па следеше прецизно набројување кој кого мрази. Не и кажав дека почетоците на омразата ги забележав во осумдесеттите, кога попушти стегата на еднопартискиот систем и почна да се руши Југослаавија во која за вербална навреда на национална основа се одеше во затвор. Кога попушти репресијата, бевме слободни да навредуваме па прво што исплива на површина беше гневот и омразите кон другите народи.
Не, нема да се заборави „отсечената глава на Невена Георгиевска – Дуња, на убистото на седумте ваташки младинци и на холокаустот на Евреите“ ако политиката на Македонија го поведе народот кон простување и помирување. Само ќе ги ослободи граѓаните од гнев и омраза и ќе ги направи граѓани на Европа и на светот. Ќе ги направи и помалку податливи на екстремни идеологии кои се закана за мирот и прогресот. Што се однесува до македонската нација, денес таа ги има сите инструменти да се вклучи во широкото поле за културен натпревар меѓу народите. За нејзина афирмација, пак, потребна е само работа и дисциплина.