ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ
Според статистиката на Евростат на македонски граѓани во членките на ЕУ им се издадени околу 390.000 дозволи за престој.
Али Ахмети ја повика албанската дијаспора масовно да одговори на пописот, упатувајќи порака дека „сме повеќе кога сме заедно“. Колку повеќе Албанци од дијаспората се попишат, толку посилни ќе бидат, нагласува Ахмети. Во Македонија, се разбира, па и пошироко. „Едно општество за сите“ овојпат ќе причека. Барем додека заврши пописот и додека се пребројат племенските табори.
Колку повеќе попишани Албанци, толку повеќе се зголемува нивната застапеност во државните институции, вели Ахмети, објаснувајќи ја својата пописна математика. За останатите, набројани таксативно во преамбулата на Уставот, нека се грижат други. Секој за своите во мултиетничкото „функционално“ општество, би можело да биде едно послободно толкување на пописната порака на Ахмети, чија партија, ДУИ, веќе две децении се труди да остави привид дека навистина се залага за прогрес, соживот и интеграција во државата, но пред сè преку секојдневно јакнење на правата и влијанието на албанското малцинство во сите сфери од општественото живеење.
Македонските политички лидери често зборуваат дека специфичните решенија врз кои се потпира мултиетничноста на македонското општествено уредување би можеле да бидат пример пошироко во Европа, иако останува недоволно јасно за какви исклучително успешни придобивки станува збор. Сите дискусии на оваа тема завршуваат со заклучок дека не смее да се дозволи оспорување на загарантираната процентуална застапеност на етничките заедници (пред сè, на Албанците). Инаку ништо од развојот и стабилноста на државата.
Но од пораката на Ахмети сепак една констатација посебно боде очи. „Дијаспората, – вели тој, – преку пописот ќе биде голем и директен придонесувач за растот на бројот на Албанците во Република Северна Македонија“. Значи ли тоа дека процентуалната застапеност, онаква каква што се посакува за непречено функционирање на „мултиетничката“ општинска и државна администрација, и на Законот за употреба на јазиците, ќе се загарантира на таков начин што непознатите во равенката на процентуалното пребројување ќе се пополнат се „ревносно и дисциплинирано“ (само)попишување на нерезидентите?
Каков е тој пописен критериум, кој треба да овозможи развојно ориентирана статистика и нови развојни политики во државата, така што како пописен резултат за „уште поголемо зголемување на застапеноста на Албанците во државните институции“ ќе се сметаат и иселеници кои веќе три или четири децении живеат и работат во, на пример, Швајцарија, Данска или Норвешка? Значи ли тоа дека, според бескрупулозната логика на Ахмети, и другите етнички заедници во Македонија, вклучувајќи го и мнозинското македонско население, долгорочниот одржлив развој, инфраструктурата, вработувањата, здравството и образованието, ќе треба да ги проектираат врз база на пописни податоци за домаќинства во дијаспората, кои со тој развој веќе од поодамна немаат никакви посебни допирни точки.
Меѓу македонската дијаспора, која се брои со стотици илјади, е огромен бројот на оние што имаат двојно државјанство. Одамна се попишани и како граѓани на други земји, а учествуваат и на локалните и парламентарните избори во нивните „нови“ земји, па и на изборите за Европскиот парламент. Контактот со Македонија мошне често е само мала трошка која е останата како носталгичен трепет од „родната грутка“.
Македонските пензионери од западните земји донекаде ќе го одржуваат тој контакт, повторно барем како привид – половина година назад во татковината, со пензиичката која и те како обезбедува солиден живот, а потоа назад кај децата и внуците во земјите во кои како „привремено“ иселени го поминале својот работен век, и во кои нивните потомци ја градат својата животна перспектива. Асимилацијата е незапирлив процес во подолгорочна перспектива, особено ако татковината не знае, или не умее да понуди нешто што би можело да се сфати и прифати како каква таква алтернатива. Етничката хомогенизација не е секогаш „шеќерлема“ на која тешеко може да ѝ се одолее.
Интересирањето за дијаспората во последните години посебно беше изразено во врска со гласањето во странство. Тој проект воопшто не се прослави како плод на искачување на повисоки стандарди на скалилото на демократскиот развој, туку едноставно со притисоци и пропаганда дијаспората беше искористена како бонус и мал придонес за засилување на „гласачката машинерија“ на македонските партии од сите политички и етнички провиниенции.
За разлика од Ахмети, кому дијаспората очигледно му е потребна за домашните политички комбинаторики, министерот Бујар Османи има поинакво видување, тврдејќи дека податоците што ќе се добијат од пописот во дијаспората ќе бидат одлична можност за планирање на политиките и услугите што им се потребни на иселениците.
Пописните податоци ќе послужат, смета Османи, и да се видат причините зошто иселениците заминале од државата и „како да ги вратиме“.
Според статистиката на Евростат на македонски граѓани во членките на ЕУ им се издадени околу 390.000 дозволи за престој. Поради хроничниот недостиг на кредибилни статистички податоци за демографските движења во Македонија, актуелната статитиска на Евростат барем делумно ја пополнува таа празнина. Во случајов со издадени дозволи за престој и работа во ЕУ, се разбира, не се опфатени само македонските граѓани кои добиле такви дозволи во последните неколку години, туку и оние кои живеат во ЕУ-членки од поодамна. Но, сепак, овие податоци доволно конкретно зборуваат за карактерот и обемот на емигрирањето од Македонија кон европските земји, и тоа најмногу поради барање работа и семејни причини.
Македонскиот попис, ако биде успешно спроведен, секако ќе даде јасна слика за односот на резиденти и нерезиденти, кој во моментов е во сферата на претпоставки. И тоа не само во стилот на онаа често цитираната „Колку сме, толку сме…“.