Многумина тој октомври 2011 година сметаа дека ако пописот којк беше започнат заврши земјава би ги вдвоила бројот на жителите и тоа би било рамно на меѓународен скандал, кој би ја разголил државата на големата лидерска креативност
Кога доцна есента 2011 година во просториите на Стоун Бриџ се сретнав со некогашниот амбасадор на земјава во Софија – Абдурахман Алити, а инаку истакнат албански функционер, на пауза од една трибина, се отвори разговор околу пропаднатиот попис на населението. Политичарот во пензија, инаку жител на Тетово, беше несигурен во причината за брзиот и решителен прекин на пописот. Се потсетивме дека и претходниот попис, направен во 2002 година беше договорен, односно дека крајната резултанта за бројот на Албанците во земјава беше определен со административна одлука, со што се покри вистината за тоа „кој народ колку го има“ во Македонија“. Па така по еден фаличен попис добивме еден „одложен“, кој не се повтори еве седум години!
ПРОБЕН БРОЈ ПОПИШУВАЧИ Го потсетив соговорникот, кој почина неполни две години потоа, дека во неговиот град Тетово на стартот на пописот, на кој му претходеа кавги и отставки, беа пуштени само половината од обучените момчиња и девојки, што укажуваше на нешто како „проба“, бидејќи беше јасно дека пописот би доцнел со таквото користење на „човечкиот материјал“. И вистина, по половината од предвиденото време, по некакв штих проба на резултатите, дојде до она дека премиерот го прекинува процесот на попишување, како и тоа сега да се објаснува.
Јас го истакнав она што се говореше меѓу новинарите – дека пробата покажала дека ако се продолжило со нестандардното попишување, односно со тоа секој од рака да го одредува бројот на населението ќе сме излезеле како држава со можеби 4 место 2 милиони граѓани! Оа, секако, би било скандал, па бидејќи во многу домови попишувачите веќе влегле, немало бришење па едноставно се е ставено под клуч.
Јасно е зошто е ова потсетување – Никола Груевски и Али Ахмети се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувања во врска со пропаднатиот попис во 2011 година. Целта, според доказите кои ги пробавило СЈО, е што сакале да ги сокријат неповолните факти за демографските и економските состојби.
СЈО Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сфатиле, како што појаснија од СЈО, и дека ќе им се нанесе огромна штета ако се спроведе и објават резултатите од пописот, па од лични интереси и за одржување на моќта во општеството се решиле на таков чекор. „За да избегнат одговорност се договориле причините преку соопштенијата и средствата за масовно комуницирање да ги презентираат како проблеми од техничка природа и некадарноста во институциите“ – рече на прес конференцијата обвинителката Фатиме Фетаи.
По договорот да се стопира пописот. Владата до Собранието предложила да се укине законот за попис од 2011. Тоа било изгласано од страна на пратениците. Фетаи рече дека ако не бил прекинат пописот туку само се одложил, парите кои биле потрошени за обуки и материјали ќе се искористеле наместо да пропаднат и да се нанесе штета на буџетот од речиси 180 милиони денари.
Рационалните умови денови се потсетуваат на многу детали околу тоа со што се соочуваше при пописот а за кој секако како држава ние имаме ресурси да се изведе. Проблемот е во тоа што истиот процес се политизира до немајкаде: од бројот на Албанците во одредени места и региони зависи остварувањето на некои права и тие едноставно мора да ја минат црвената линија. Тоа можеби ќе стане уште поактуелно сега, после донесувањето на Законот за јазиците, бидејќи место тој спор или пречка за нормнален попис со законот да се надмине, сега струните се одново затегнати.
Тогаш заедничката точка на Ахмети и на Груевски се најде во фактот дека вистинскиот попис би ги патосирал резултатите од дотогашните избори, бидејќи, би покажал дефицит на гласачи, би ги имало помалку од оние што цело време фигурираат – не може земјава да има 1,85 милион гласачи ако се иселиле толку многу граѓани, особено оние во зрела возраст! Исто така и од авион е видливо дека албанските населби се полупразни и дека и таму одамна е започнат процесот на трајно иселување и тоа на цели семејства. Имено, школувањето на девојките Албанки го скуси периодот на раѓање и ја стави неа во рамки на вообичаеното „западно“ планирање на семејствата (едно до две деца, евентуално три). Потоа таа повеќе не сака да биде само невидлив член на семејните задруги, додека сопругот е на печалба, туку и таа со децата замнинува со патер фамилијата зад границата. Тоа значи трајно отсуство.
Па така, додека и обајцата лидери, Ахмети и Груевски си наоѓаа заедничка калкулација во еден „либерте попис“, во некоја крајна точка и двајцата ги исцрпуваа своите инфлаторни бројки: ако лидерот на ДПМНЕ требаше да ги дува гласачите во тотаал, преферирајќи ги пред се оние од македонска националност, Ахмети требаше да го брка ток резулчтат со неговите 20 отсто. А бидејќи нема начин тој процес стоотстотно да се контролира беше направена, веројатно и таа проба, која укажала на можниот скандал од меѓународни димензии. Значи, пописот треба да се анулира и да се чекаат подобри времиња, кои, нормално никогаш не се создадоа. Процесот на иселување во земјава е силен и со динамика која не укажува на смирување.
Тоа е и причината зошто едниот политичар заминува во историјата а вториот, според некои знаци се готви да му се придружи на патот..