ТЕМЕЛКО РИСТЕСКИ
Ставајќи се отворено на страната на ВМРО-ДПМНЕ, попот се замеша во државната меѓупартиска политика. Таа политика е работа на политичките партии кои се на власт во Републикава и на оние кои се во опозиција и се борат да ја освојат власта. Со тоа попот ја повреди одредбата на член 19, став 3 од Уставот на Републикава, според која, Македонската православна црква и другите верски заедници се одвоени од државата, а со тоа и од државната политика
На вчерашната прослава на денот на лозарите „Св. Трипун“, високодостојник на Македонската православна црква отворено застана на страната на партијата на олигарсите, ВМРО- ДПМНЕ.
За време на единаесет годишното владеење на ова партија, олигарсите од нејзините редови, со помош на механизмите на државата, бездушно не ограбуваа нас граѓаните. За попот оваа партија е најголемата и најсветата партија. Тој изрази уверување дека синот господов Исус Христос со неговата божја мајка ќе му помогнат ана Мицковски да го врати назад сето она што, според него, е национално, македонско. Тоа, со други зборови кажано, е отворена поддршка на партијата ВМРО- ДПМНЕ за враќање на власт. Нејзиното враќање на власт значи повторно воспоставување на режимот на грабеж, насилства и делби на нас граѓаните по национална, верска и политичка основа. Со поделени и раскарани граѓани најлесно се владее и грабежот на нив, со злоупотреби на власта, најлесно се остварува.
Ставајќи се отворено на страната на ВМРО-ДПМНЕ, попот се замеша во државната меѓупартиска политика. Таа политика е работа на политичките партии кои се на власт во Републикава и на оние кои се во опозиција и се борат да ја освојат власта. Со тоа попот ја повреди одредбата на член 19, став 3 од Уставот на Републикава, според која, Македонската православна црква и другите верски заедници се одвоени од државата, а со тоа и од државната политика.
Но, попот не само што го повреди Уставот, туку го повреди и Христовото учење. Според тоа учење, сите луѓе, без оглед на нивната етничка, религиозна, политичка, социјална и друга припадност се божји чеда и еднакви пред бога. Како на божји чеда свештениците треба да им се обраќаат во духот на Светото Евангелие и да ги подучуваат и потсетуваат да се придржуваа на неговото учење. Политиката не е работа на свештениците.
Со отворена поддршка на партијата на олигарсите попот го згази Светото Евангелие. Со тоа тој му го сврте грбот на Исус Христос од чие етичко учење се напојуваат со идеи на доброчинство и човекољубие милијарди луѓе на Планетава.
„Постапувајте со луѓето онака како што сакате да постапуваат тие со вас“, учи Исус. Тоа е општоважечко, милениумско морално правило на кое се придржуваме или настојуваме да се придржуваме сите ние, жителите на нашава убава Планета, верници и атеисти. За попот тоа очигледно не важи. Тој отворено навива за една партија, за партијата на олигарсите, за ВМРО-ДПМНЕ, не водејќи сметка дека божји чеда – православни христијани и други, има и во останатите партии кои неизмерно си ја сакаат својата татковина Република Северна Македонија и се борат за нејзините интереси на цивилизациски, демократси начин и со демократски средства. Тој отворено ствара јаз на раздор меѓу божјите чеда. Со тоа тој отворено го крши Христовото начело на човекољубие искажано со зборовите „Сакај го својот ближен како себеси“ (Евангелие според Матеј 22/39).
(Авторот е професор по право на ФОН)