Електромобилност значи постојните транспортни средства да се заменат со транспортни средства на електрична енергија. Во Македонија има само 80 електрични возила, од кои 47 возила се во Скопје
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев присуствуваше на Форумот „Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилност“ организиран од делегацијата на Германското стопанство во Македонија и Македонско Германското стопанско здружение. На форумот, покрај вицепремиерот за економски прашања, со свои излагања учествуваа и заменик министер за животна средина, Јани Макрадули и градоначалник на град Скопје и претседател на заедница на единици на локална самоуправа, Петре Шилегов
Посочувајќи на потребата од брзо прифаќање и примена на технолошките придобивки што ги користи светот, вицепремиерот Анѓушев ја потенцираше важноста на енергетиката како клучна движечка сила во секојдневното живеење и истакна што Македонија прави во приклучување кон овие глобални текови.
„Определбите на Владата во поглед на транспортниот сектор се преточени во подготовка на Национална стратегија за транспорт, која е во фаза на интеринституционално координирање. Транспортната инфраструктура е предвидена за долг животен век, а одлуките кои ги носиме во оваа област, сега, ќе донесат плод во годините кои следат и ќе ја определат ефикасноста на транспортните услуги“, истакна вицепремиерот.
Тојистакна дека владината политика во областа на транспортот се усогласува со економските, социјалните и потребите за заштита на животната средина, како во поглед на инфраструктурата, така и во поглед на услугите.
„Електромобилност значи како постојните транспортни средства да се заменат со транспортни средства на електрична енергија. Во Македонија има само 80 електрични возила, од кои 47 возила се во Скопје. Не може да ја имате сликата како ќе се развива светот и во кој правец ќе оди, ако ја немате комплетната слика за енергетиката. Македонија е мал дел од тој светот и Македонија има само еден избор, а тоа е да ги следи трендовите и да ги преслика во сопственото секојдневно живеење. Оттука произлегува она што ние како Влада го имаме во план а тоа е во законот за енергетика максимално да ги стимулираме обновливите извори на енергија, затоа што со стимулирање ќе добиеме можност за поголемо домашно производство од незагадувачка индустрија“, истакна вицепремиерот Анѓушев.
Заменик претседателот изнесе дел од целите за електрификацијата на транспортот кои се опфатени во стратегијата, како поддршка за обновување на постојниот возен парк на стари автомобили со стимулации од Владата „На среднорочен план се предвидени 10 милиони евра поддршка за сите оние кои ќе сакаат да употребуваат електричен автомобил, предвидено е 1 милион евра за спроведување на транспортни стандарди во врска со одржливоста на животната средина и климатските промени во согласност со практиките на земјите од ЕУ, промоцијата на електричните возила и подобрувања на регионалниот јавен транспо предвидено е во вредност од 100.000 евра, финансиска поддршка за набавка на хибридни и електрични возила во патниот јавен транспорт во вредност од 5 милиони евра како и промена на стандардите за транспортна инфраструктура во однос на климатските промени. Во следните неколку години се предвидени 16 милиони евра од државниот буџет за електромобилност“, појасни потпретседателот Анѓушев.
Според него овие трендови немаат алтернатива, спротивставувањето на глобалните трендови е исто како спротивставување на природните закони, а и според придобивките нема причина зошто некој би се спротивставил.
„Не смее повеќе да се прават популистички мерки за да се допаднеме на гласачите, со дозволување на увоз на какво било возило, само за да се овозможи граѓаните да дојдат до возило, затоа што после таа популистичка мерка се плаќа многу скапо, односно со цената на сопственото здравје. Затоа што, според анализите, најголем загадувач е греењето, од причина што заради економска немоќ граѓаните се загреваат со што било, потоа сообраќајот заради постоењето премногу возила кои не ги исполнуваат основните еколошки стандарди и процедури и е резултат не таа популистичка мерка и дури на трето место е индустријата. Затоа мора да се отстранат причините и да се создадат услови за граѓаните да можат да ги прифатат промените и да се приклучиме на еколошките текови и трендови“, заклучи во своето обраќање вицепремиерот Анѓушев.
Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули истакна дека за општ интерес, Владата работи на план за постепено воведување на еколошки возила, а предизвик на локалната самоуправа се зелените паркинзи за полнење на електричните возила, бесплатни патарини на автопатот и подготовка на автопатот за оние што минуваат низ нашата земја со електрично возило. „Електромобилноста носи и други придобивки, ова е концепт што носи инвестиции и генерира нови зелени работни позиции, ги стимулира обновливите извори и има е здравствен ефект. Но, за ова да се направи, мора да се има интегративен пристап. Не е доволно само учество на Владата, министерствата и локалната самоуправа, потребни се и другите чинители, науката, медиумите, бизнис секторот, граѓанските здруженија и на крај потребна е промена на навиките, без тоа нема да дојдеме до конечното решение“, потенцираше заменик министерот Макрадули.
Владата работи на тоа да се воведат мерки кои ќе дадат придобивки и сега, но многу поважно ќе бидат почувствувани и на долг рок.
Делегацијата на германското стопанство во Македонија, беше домаќин на форумот кој се одржа на Машинскиот факултет во Скопје. Патрик Мартeнс, директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија го отвори настанот и посочи дека организацијата на еден ваков форум е од особено значење за сите жители на Република Македонија. „јас живеам веќе една година во Македонија и уживам во природните убавини на оваа земја, но штом дојде зимскиот период, земјата, а особено град Скопје како главен град, во кој сообраќајот е најгуст се претвора во сивило каде што најголемиот луксуз е чистиот воздух“ – истакна тој.
Еден од најголемите загадувачи во градот, рече Мартенс, се токму автомобилите, кои делумно се многу стари и поголем дел од нив во Западна Европа имаат забрана за користење.
Прокредит Банка која беше дел од овој настан досега има доделено кредити во висина од 70.000 евра за енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и проекти за заштита на животна средина.