Годишно речиси 5.000 параглајдеристи доаѓаат во Крушево. Ова носи значаен приход зас оваа мала општина
Околу 4-5.000 пилоти со параглајдери годишно доаѓаат да летаат во Крушево, кое се смета за една од најдобрите светски дестинации за параглајдерство. Домашните клубови бараат изградба на нови полетишта и подобра инфраструктурата, за да се привлечат уште повеќе љубители на овој адреналински спорт
Августовско сонце, топли воздушни струи и долина над која може да се лета со часови. Такви услови имаат бројните параглајдеристи што речиси цело лето полетуваат од локацијата во близината на Мечкин камен, кај Крушево.
„Тука сум веќе три недели. Ова ми е третата недела. Вообичаено луѓето доаѓаат по една недела“, вели Карен, параглајдеристка од Бостон, која денес живее во Лондон.
Дента кога ги снимавме беа педесетина на број, дојдени од повеќе земји. Меѓу нив беше и Карен, која веќе 14 години се занимава со овој спорт. Вели дека летањето кај Крушево нуди многу можности
„Ја има котлината, која е лесна за летање нагоре и надолу, ако сакате да имате релаксирано ‘крос-кантри’ летање. Лесно е да се остане долго во воздух, лесно се совладуваат големи растојанија. Едноставно е да се следи и рутата, иако не сте од овде. Се движите кон едната или кон другата страна“, додава Карен.
Сезоната за летање вообичаено почнува од мај и трае до крајот на септември. Годишно, според сознанија на домашните клубови за параглајдерство, во Крушево доаѓаат од четири до пет илјади, т.н. пилоти со параглајдери.
„Во принцип нè наоѓаат на интернет. Остваруваме контакт, ни кажуваат што точно сакаат и им ја организираме комплетната логистика“, објаснува Игор Тодевски, параглајдерист и инструктор од клубот „Хели“.
Популаризацијата на Крушево како светска дестинација за параглајдерство се случува претежно благодарение на индивидуалци, кои ја увиделе уникатноста на теренот. Еден од нив е Игор Тодевски од клубот Хели. Тој од Скопје, специјално за оваа цел се преселил во Крушево.
„Крушево е можеби најдобро место на планетава Земја и најдобар потенцијал за развивање на овој спорт. Како прво, имаме медитеранска клима, којашто е без медитерански ветрови, што е еден многу битен момент. Ова е место каде што ќе дојдеш десет дена и од ти десет дена, според статистики, имаме седум летачки денови“, објаснува Тодевски.
познавме и Кристоф од Германија. Веќе 12 години се занимава со параглајдерство. Во Крушево беше заедно со неговата партнерка од Австрија.
„Местово е многу познато бидејќи полетувањето е одлично за повеќето од пилотите. Имате и многу места каде што можете да слетате во долината“, објасни германскиот параглајдерист.
Популарноста на овој спорт и на Крушево како светска дестинација за летање постојано расте. Но, бројот на македонски параглајдеристи и натаму е речиси незначителен. Финансиите се најголемата пречка.
„Имаме голем број луѓе коишто сакаат да се занимаваат со овој спорт, но не им е достапно на сите. Во денешно време, некој да купи комплетна опрема, според европските цени, би чинело околу седум, осум или девет илјади евра“, објаснува Тодевски.
Сепак, додаде дека преку клубот, им овозможуваат на љубителите на параглајдерството, да ја набават опремата по пониски цени.
Овој спорт има и свои опасности. Во јули годинава параглајдерист од Германија тешко се повреди при пад во близина на Крушево. Но, пилотите укажуваат.
„Секој спорт е опасен, зарем не. Но, ако внимавате, ако добро се подготвите и ако ги слушате упатствата, тогаш опасностите може и да се избегнат“, ни посочи Брајан од Велика Британија, додека чекаше поволен ветер за полетување.
Познавачите посочуваат дека конфигурацијата на теренот е соодветна за параглајдеристи со различно искуство.
„Огромна предност е што ова место нуди безбедно летање за почетници. Од друга страна, пак, е исто атрактивно за пилоти коишто се навлезени во спортот и бараат нови предизвици“, додава Тодевски.
Домашните ентузијасти и клубови се надеваат дека во скоро време ќе им се овозможи изградба и на ново полетиште. Тоа, како што велат, ќе ги зголеми капацитетите и на Крушево и на целата држава за што поголем број нови туристи што го обожаваат овој адреналински спорт.