Заедно со Латинска Америка, Европа би можела да биде ’второто крило’ во меѓународниот процес кој ќе ја оспори доминацијата на слободниот пазар и капитализмот – смнетаат современите марксисти
Лино Вељак предавал марксизам и онтологија на Универзитетот во Згреб до 1990 година, а потоа само онтологија. Тој се сеќава кога некои колеги „ги смениле боите” и усвоиле нова националистичката агенда. „Повеќето тврдокорни марксисти станале анти-комунисти”, вели тој. „А умерените марксисти продолжија да бидат умерени марксисти”.
Најпознатиот хрватски преобратеник од марксизам во национализам е 78-годишниот Здравко Томац, сега интелектуална икона на хрватската десница, во чии книги преовладува анти-комунизмот.
Но, Томац некогаш работел со Едвард Кардељ, креаторот на југословенскиот модел на „социјалистичкото самоуправување”, според кое работниците управувале со државните претпријатија, и најблизок соработник на долгогодишниот југословенски лидер Јосип Броз Тито.
Томац ми призна дека Маркс му бил „откритие” во младоста, особено идејата дека светот не треба само да се протолкува, туку треба да се обидеме и да го промениме.
„Токму затоа решив да пишувам книги за самоуправување”, вели тој. „Имав можност да работам со Кардељ, да слушам визии за еден нов свет”.
Томац сега смета дека најголемата заблуда на марксизмот е дека насилното рушење на капитализмот може да доведе до подобро општество.
„Постои, исто така, уште една неточна претпоставка дека колективното е поважно од индивидуалното, дека Партијата одредува што е добро, а што е лошо”, тврди тој. „Со ова се укинува не само слободата на изразување, туку и слобода на мисла”.
Томац додава дека тој ја видел „моќта на комунистичката идеја”, и разбира зошто, според неговите зборови, многу чесни луѓе ја прифатиле „оваа измама”.
„Бидејќи комунизмот има некои хумани идеи, идеи со кои секоја демократска личност може да се поврзе. Тезата дека, наместо финансиски капитал, оние кои генерираат приходи, исто така, треба да бидат задолжени за управување е заведувачка. Знам многу луѓе кои веруваат дека ова идеја била вредна за да го жртвуваат својот живот”.
ДУХОТ НА СТАЛИН Во секое интервју, духот на Сталин лебдеше над диктафонот. Сите мои марксистички соговорници ја почувствуваа потребата да се дистанцираат од него. Тие ја гледаат Сириза, како прв чекор кон демократски социјализам во Европа, кој ќе биде различен од тоталитарната верзија на 20-от век.
„Заедно со Латинска Америка, Европа би можела да биде ’второто крило’ во меѓународниот процес кој ќе ја оспори доминацијата на слободниот пазар и капитализмот,” изјавува Вељак.
Моите соговорници заклучија дека заживувањето на Карл Маркс се случи бидејќи европските социјалдемократи се свртеле кон десно, оставајќи простор на левата страна. Кога избувна меѓународната економска криза, новата марксистичка генерација го окупираа овој простор.
Еден дел од оваа генерација се собра во Загреб во мај: членот на политичкиот секретаријат на Сириза, Јанис Бурнус, истакнатиот член на Подемос, Антонио Санчез, и шефот на словенечката парламентарната група Обединета левица, Лука Месец. Сите тројца учествуваа на панел дебатата под наслов „Новата интернационала”. Месец и Санчез, и двајцата на 27-годишна возраст, биле бебиња во 1989 година. Само 35-годишниот Бурнус се сеќава на „Крајот на историјата“.
„Се сеќавам јасно на уривањето на Берлинскиот ѕид, симнувањето на знамето на СССР од Кремљ и големиот распад на Грчката комунистичка партија (ККЕ)”, ми кажува по дебатата, додавајќи дека неговите родители биле членови на ККЕ.
ФЕНОМЕНОТ СИРИЗА Овие млади луѓе не учеле марксизам на училиште, а сепак сите отворено го признаваат силното влијание на марксизмот врз нивното размислување.
„Да, ние го користиме марксистичкиот апарат за анализа на капитализмот и за осмислување алтернативи”, потврдува Месец.
„Сириза ги поврзува марксистичките движења со центарот”, додава Бурнус.
„Марксизмот е придружник на Подемос, во комбинација со искуствата на латино-американската левица”, вели Санчез.
Еден истакнат поддржувач на Подемос е Тереза Форкадес, 49-годишна калуѓерка која има докторати по јавно здравство и теологијата и живее во Сент Бенет де Монсерат, манастир во близина на Барселона.
Кога зборува за левицата, таа ја користи заменката „ние”. Таа ја наследила левичарската ориентација од нејзините родители, жестоки противници на фашистичката диктатура на Франко.
„Отсекогаш сум бил левичар, а нова работа во мојот живот е религијата, што ја открив, на возраст од 15 години”, вели Форкадес за време на посетата на Хрватска во мај.
Иако таа инсистира на тоа дека таа не е марксист, бидејќи „марксизмот промовира атеизам”, Форкадес го цени Маркс.
„Кога ќе го прочитате ’Комунистичкиот манифест’, се гледа верата во напредокот на човештвото”, нагласува таа. „Капитализмот не беше донесен од страна на Бога, туку од луѓето и Бог не може да биде одговорен за историјата, туку луѓето. Се согласувам со Маркс за ова”, вели Форкадес. Ние не го создадовме светот, додава таа, но нам ни останува да го комплетираме светот
Сириза дели со неа барем дел од нејзината визија. Во Атина, во седиштето на партијата на плоштадот Елефтеријас, преовладуваат млади луѓе. Освен веселото кафуле на првиот кат, канцелариите се скромни, речиси аскетски.
НЕМА КАПИТАЛИСТИЧКИ БРЕНДОВИ „Да, јас сум марксист”, ми раскажува 40-годишниот член на политичкиот секретаријат на Сириза, Андреас Карицис, во една од ретките простории без компјутери. Има само моторџиски шлем на празната полица.
„Како партија на левицата, ние цврсто веруваме дека логиката на профит и капитализмот ја уништуваат планетата и создаваат широко распространета сиромаштија”, вели Карицис. „Но, ние не веруваме дека можеме да се префрлиме на социјализмот директно од капитализмот, како што верува Комунистичката партија. Да, ние сакаме општество различно од капиталистичкото, но веруваме дека тоа треба да се гради од долу нагоре, а не со политичка одлука од врвот”.
Обид за такво општество веќе постои во Атина. Областа Егзархија понекогаш се нарекува срцето на европскиот отпор спрема капитализмот. Ова е дом на анархисти, тврдокорното крило на грчката левица. Полицијата ретко оди таму, бидејќи ги дочекуваат со молотови коктели. Тука нема капиталистички брендови, а ѕидовите се покриени со антикапиталистички графити. „Иднината не е пишана” гласи еден слоган.
„Не може да платите со картички тука, ние прифаќаме готовина”, ми раскажува 26-годишниот готвач Александар Пападопулос во неговиот ресторан. „Така е во целата област. Ова е нашата форма на отпор кон капитализмот”.
Бетонскиот парк во центарот на областа Егзархија е украсен со транспаренти против капитализмот. Млади луѓе разговараат за општеството и политиката, додека кучињата се шетаат наоколу. Многу мажи имаат бради. Модерна, урбана верзија на Платоновата Академија: поагресивна отколку архетипот, но без робови. Имигрантите се добредојдени тука.
„Егзархија е организирана на таков начин што сите сме еднакви: јас, ти, Ципрас,” вели Пападопулос. „Можеби невозможно е целото општество да се организира на овој начин, но тоа е можно во Егзархија”.
Поминувам две вечери во јуни на протестите на плоштадот Синтагма во центарот на Атина: во средата, демонстрантите се во корист на Сириза, во четвртокот, против. Во средата има повеќе млади луѓе. Тие не знаат дека Сириза ќе капитулира пред Европската унија неколку недели подоцна заради мерките за штедење.
(продолжува)