Лондон е градот на Маркс: „таткото на научниот социјализам” ги поминал последните 34 години од својот живот тука. Ова е местото каде бил отпечатен Комунистичкиот манифест во 1848 година, во просториите на комунистичката организација на улицата „Ливерпул“бр. 46. Ова е местото каде беше напишан „Капиталот“. Духовен центар на оригиналниот марксизам не е Москва, туку Лондон
ДАМИР ПИЛИЌ | Сплит, Загреб, Атина и Лондон
Во петокот, во Лондон, го гледам истиот слоган што го видов два дена порано на плоштадот Синтагма – „Крај на штедењето – сега”. Овој пат, на постер за протест, следниот ден на пладне, пред Банката на Англија во Сити.
Следниот ден, десетици илјади луѓе протестираат во финансиската област. „Дојдовме за да се спаси државата од тоа да биде држава на социјална помош”, ми кажува учителката Енџи. „Јавното образование и здравство се за никаде. Ако ние не се бунтуваме, нема да остане ништо”.
Опкружен со многу антикапиталистички банери, не сум сигурен дали сум на плоштадот Синтагма, во бетонскиот парк во Егзархија или во епицентарот на глобалниот капитализам: постојат огорчени луѓе и, во позадина, духот на Карл Маркс.
Но, Лондон е градот на Маркс: „таткото на научниот социјализам” ги поминал последните 34 години од својот живот тука. Ова е местото каде бил отпечатен Комунистичкиот манифест во 1848 година, во просториите на комунистичката организација на улицата „Ливерпул“бр. 46. Ова е местото каде беше напишан „Капиталот“. Духовен центар на оригиналниот марксизам не е Москва, туку Лондон.
ЛЕНИН ЗА ЛАП ТОП Во вечерните часови, додека се шетаме низ хедонистичкиОТ Сохо, хрватскиот социолог Тони Пруг ми кажува дека живеењето во Лондон го направило марксист.
„Пораснав во Југославија во време на комунизмот, но политиката никогаш не ме интересирала”, вели 43-годишниот Пруг. „Тогаш дојдов во Лондон [1996] и работев на рецепцијата на хотелот „Александра“ во Падингтон една година, по 10 часа дневно за три фунти на час. Имаше две Бугарки кои работеа со мене по 14 часа на ден за две фунти на час: плачеа и праќаа пари дома. Тоа беше дното, кога го купив лаптопот и почнав да ги читам Маркс и Ленин. Ако не станете марксист по такво искуство, тогаш нешто не е во ред со вас”.
Потоа, Пруг работел како компјутерски програмер 10 години, на тој начин плаќајќи ги своите студии по социологија. Тој докторирал на Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон со тезата под наслов „Рамноправното производство и дистрибуцијата на стоки и богатство“. Целта на рамноправното производство не е профит, објаснува тој, туку праведна распределба.
Тој вели дека ова е најважниот придонес на Маркс и го наведува примерот со општествените станови во поранешна Југославија.
„Ако имате уште едно дете, ќе добиете уште една соба. И се разбира бесплатно јавно здравство и образование. А, сепак, оние од Запад сметаат дека државата е злобна. Капитализмот нема никакви научни теории за становите во општествена сопственост, бидејќи никаде не станува збор за профит”.
Според Пруг, „сржта на делото на Маркс”, никогаш не била толку релевантна, но имало премногу импровизација и погрешно толкување на Маркс во минатото.
ВО 21.ВЕК „Сепак, марксизмот постепено влегува во европските парламенти. Веќе е внатре, преку Сириза”, забележува тој. „Ова е доказ дека е можно да им се обратите на луѓето на марксистичка начин, дури и во 21-от век”.
Дали Сириза може да ги претвори марксистичките идеи во реалност, останува да видиме. По краткиот прв мандат во кој доминираше неуспешниот обид да се спротивстави на ЕУ во врска со мерките за штедење, тие повторно беа реизбрани во септември.
Ја заокружуваме приказната за воскреснувањето на Карл Маркс на гробиштата Хајгејт во северен Лондон. Маркс е најпопуларниот „жител” тука: неговата слика е на официјалниот плакат на гробиштата. Многу посетители застануваат крај неговиот споменик, често да си направат „селфи“.
Впишан на врвот на една сива гранитна плоча на која стои голема биста на Маркс е последниот крик од Комунистичкиот манифест: „Работници од сите земји – обединете се”. На дното на плочата, читам: „Филозофите само го толкуваа светот на разни начини – меѓутоа целта е тој да се промени”.
Реченица која сите Југословени, мораа да ја знаат за да положат марксизам на училиште. Мисла која има маѓепсано милиони во нивната младост, дури и марксистот кој стана националист – Здравко Томац, а инспирира и други луѓе до ден денешен. Вклучувајќи и едно момче на гробот кое носи маичка од Че Гевара, со левата рака во црвен гипс украсен со срп и чекан.
„Син ми ме убеди да дојдам овде, тој стана марксист”, се смее мајката на момчето, Џули Гудман-Чрч. „Тие учеа за Студената војна на училиште и требаа да истражуваат што се случувало претходно. А потоа еден ден дојде и ми рече: „Мамо, Карл Маркс е супер човек!“
Момчето се вика Бен, има 14 години. Еден од најмладите европски марксисти. Дали тој има прочитано некоја од книгите на Маркс?
„Комунистичкиот манифест”, вели тој со гордост.
Бен е роден во 21-от век, Маркс почина во 19-от. Се чини дека Фридрих Енгелс не погрешил кога го завршил погребниот говор за неговиот најдобар пријател со зборовите: „Неговото име ќе опстојува низ вековите, а исто и неговата работа”.
На крајот од оваа турнеја низ „марксистичка Европа“, додека на Хајгејт гробиштата се збогував со човекот чии мисли морав да ги научам напамет на училиште, се сеќавам на она што филозофот кој живее во Македонија, Ферид Мухиќ, ми го кажа на почетокот на моето истражување.
Мухиќ е горд марксист, но ми рече:
„Луѓето не се суштества со голема идеали, а марксистите не можат да го разберат тоа. Епикур има кажано: „Неколку пријатели во градината, бокал вино и малку козјо сирење – тоа е смислата на животот”. Мислам дека Епикур имал повеќе право од Маркс. Тоа е трагедијата на марксистичката умови”.
(Оваа сторија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од ЕРСТЕ Фондацијата и Фондациите Отворено општество, во соработка со Балканската истражувачка репортерска мрежа)