Запознајте ги академците, лчија посветеност конмарксизмот ги чинела гибење на работни места во 90-тите и мислителите кои го враќаат Маркс на политичката агенда во Европа денес, во истражување на „Призма“. Заради должината на иустражувањето ќе го објавиме во продолженија
ДАМИР ПИЛИЌ/СПШЛИТ,ЗАГРЕБ,АТИНА И ЛОНДОН
„Јазот што остана со заминувањето на овој силен дух ќе се почувствува во најскоро време..“
(Фридрих Енгелс на погребот на Маркс, гробиштата Хајгејт, Лондон, 17 март 1883 година)
Звонко Шундов, доктор по филозофија, ја добил последната плата пред 24 години. Сепак, 63-годишникот инсистира да плати за двете кафиња. Годините кој ги поминал веројатно како најобразованиот бездомник во Хрватска не го скршиле.
„Реалноста е стапица за секој мислител”, вели тој.
Во 1991 година, Шундов бил отпуштен од Електротехничкиот факултет во Загреб. Тој ги има добиено судските парници против неговото разрешување во Загреб и Стразбур, но никогаш не се вратил во училница, бидејќи неговото работно место повеќе не постои. Тој предавал марксизам.
Во социјалистичка Југославија, марксизмот бил задолжителен предмет во сите средни училишта. Потоа се случил падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година и падот на комунизмот, кога, во својот познат есеј „Крајот на историјата“, американскиот политички научник Френсис Фукујама ја прогласил вечната победа на либералната демократија и капитализмот.
Стотици наставници и професори по марксизам останале без работа. За време на големата промена, тие биле презирани како курири на тоталитаризмот за кој немало место во едно демократско општество.
Но, сега политичкиот пејзаж во Европа се менува: левичарските движења добиваат на сила, поради светската економска криза. На почетокот на 2015 година, Европа ја доби својата прва влада на радикални левичари од „Крајот на историјата“, со победата на грчката Сириза, политичко движење коешто произлезе од Комунистичката партија.
Во Шпанија, Подемос, движење блиско до Сириза, дојде од никаде и стана трета сила во националната политика. Партијата Ди Линке во Германија минатата година ја презеде властаво државата Тирингија со демократски социјалистичка платформа, чиј главен кандидат ја водеше кампањата со голема црвена биста на Карл Маркс.
Во Велика Британија, новиот лидер на Лабуристичката партија Џереми Корбин вели дека Маркс е „фасцинантен лик… од кого можеме многу да научиме”.
Се чини дека марксистичките вредности, кои за Шундов и другите значеле губење на работните места, се враќаат на европската сцена. Дури и Фукујама зборува за проблемите на нееднаквост и доминацијата на финансиите во капиталистичкиот систем.
Имајќи ја предвид оваа позадина, сакав да истражувам што се случило со оние професори по марксизам кои ги загубиле своите работни места и како тие и денешните европски марксисти гледаат на очигледното заживување на социјализмот.
Дали Сириза е продолжение на нивните прекинати соништа? Дали грчкиот премиер и лидер на Сириза, Алексис Ципрас е нивниот демократски Ленин на 21-от век? Што може да се извлече сега од брадата на Маркс за да се изгради иднината на Европа?
„Времето на марксизмот допрва треба да дојде”, тврди Шундов, додека пиеме кафе во едно загрепско кафуле во мај оваа година. Потоа продолжува да цитира една друга социјалистичка икона: „Роза Луксембург рече ’социјализам или варварство’, а денес имаме варварство. Сириза и Подемос се човечки чин на побуна.
Освен марксизмот, капитализмот нема сериозен непријател. Капиталистите знаат… : ако некој може да ги уништи, тоа се марксистите. Тоа е причината зошто Сириза се соочува со многу проблеми во преговорите [со ЕУ]”.
Откако бил отпуштен, признава Шундов, тој се борел да застане на нозе. Неговите студенти го поздравувале на улица, но колегите, сега поранешни пријатели, го избегнувале. Професорот, исто така, се развел. Неговата поранешна сопруга го избркала од нивниот стан по шорцеви и влечки.
„Спиев на клупа на железничката станица, а во текот на зимата, во напуштени вагони заедно со скитниците. Живеев нормален живот, а сега наеднаш бев надвор на улица. И книгите ми беа во станот. И јас останав без никој свој”.
Но, Шундов имал свои филозофски придружници. Тој го цитира Хераклит дека еден човек вреди како десет илјади, ако е извонреден.
„А јас имав два”, објаснува тој. „Хегел и Маркс”.
Конечно, во 1996 година, боговите на добрата судбина му се насмевнале на истоштениот марксист. Ја сретнал својата идна жена во канцеларијата на еден адвокат. Тој го тужел својот стар работодавец, а таа имала оставински предмет. Клучен фактор: адвокатот доцнел.
„Таа ме покани во кафуле на чај, а јас немав ниту денар во џебот. Таа, исто така, зеде сендвичи и ми понуди еден. Немав јадено ништо три, четири дена, но ми беше срам да го земам, бидејќи не можев да платам ниту за чај. Таа ме натера да земам сендвич. И живееме заедно веќе 20 години. Таа ме спаси”.
Шундов наскоро ќе објави книга за Хегел. Тоа ќе биде четврта книга што ја има напишано откако почнал да живее со жената која го поканила на чај.
Оваа сторија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од ЕРСТЕ Фондацијата и Фондациите Отворено општество, во соработка со Балканската истражувачка репортерска мрежа
Дел од фотографиите се на Глобус