Мира Љубиќ Лоргер верува дека победата на Сириза е најважниот социјален и политички настан во Европа во последните 20 години. „Сириза најверојатно ќе пропадне, но фактот што левичарските влади почнаа да победуваат во Европа е знак на една нова ера
ДАМИР ПИЛИЌ/СПЛИТ,ЗАГРЕБ,АТИНА И ЛОНДОН
Мира Љубиќ Лоргер, која има докторат по социологија, е уште еден марксистички академик за кој падот на комунизмот имал драматични лични последици. До 1990 година таа работела во Истражувачкиот центар за социјални науки во Сплит, универзитетски институт кој во очите на новата анти-комунистичката власт во Хрватска претставувал жариште на марксизмот.
Центарот бил обвинет за верски прогон и брзо бил затворен, иако работел заедно со свештениците, вели Лоргер.
„Иронично, мојот проект беше со наслов ’Дијалог меѓу христијаните и левицата’. Беше запрен на половина пат, бидејќи ме оставија без средства. Толку од дијалогот меѓу христијаните и левицата”, вели таа.
За да преживее, таа мораше да се сврти кон едно старо хоби: астрологијата. Загрепскиот неделник „Национал“ ја повикал да пишува хороскопи за нив.
„Мојот син ми велеше: ’Би сакал еднаш да имаме и месо’. Бидејќи во тоа време јадевме само тесто и тестенини”.
Таа побарала од „Национал“ да пишува под псевдоним, но тие сакале доктор по социологија за нивните хороскопи да имаат кредибилитет.
„Им се јавив на сите мои пријатели и ги замолив да не купуваат Национал. Ми беше срам”, ми раскажува во нејзиниот стан во Сплит. „Беше или тоа или смрт од глад како почитуван дисидент. И не можев да се одлучам за второто, заради моите две деца”.
Сега кога е во пензија, таа внимателно ги следи случувањата во Грција. Таа верува дека победата на Сириза е најважниот социјален и политички настан во Европа во последните 20 години.
„Сириза најверојатно ќе пропадне, но фактот што левичарските влади почнаа да победуваат во Европа е знак на една нова ера. Ова го гледам како моја, приватна победа, како да сум добила трето дете”.
Во 1990 година филозофот Душко Чизмиќ Маровиќ работел во марксистичкиот центар во Сплит, политички и научен институт поддржан од Комунистичката партија, што постоел во поголемите градови на социјалистичка Југославија. По затворањето на центарот, како поранешен новинар и уредник на студентските весници, тој сакал да живее од своето пишување.
Но, се сеќава тој, избувна војната меѓу Хрватска и Србија и тој сфатил дека неговото пишување е „премногу нежно” за политичката клима.
„Така, станав рибар”, вели тој.
Маровиќ позајмил пари, зел хипотека на станот на неговата сопруга и купил брод за риболов. Но, капиталистичката авантура не успеала и во 1996 година тој го загубил станот бидејќи не можел да го отплаќа долгот. Исто така, ја загубил сопругата која се разболела од рак.
„Го изгубив станот, бродот за риболов и мојата работа. Останав со две деца, морав да изнајмувам стан. Ги фрлав сметките. Сам ја приклучив струјата, за да не плаќам. Живеев од непостоечки пари”, се сеќава Маровиќ, кој се вратил на новинарството кога левичарската либерална коалиција ги заменила националистите во владата во 2000 година Сега е уредник на универзитетот месечник „Универзитас“.
Доктор на филозофија станува бездомник, доктор по социологија пишува хороскопи, а новинар станува рибар: ова се судбините на хрватските марксисти по „Крајот на историјата“.
Комунистичка „измама“
За разлика од нивните колеги во училиштата и истражувачките институти, универзитетските професори по марксизам во Хрватска поминале нешто подобро. Овие биле филозофи и социолози, кои можеа, исто така, да предаваат други предмети.
(продолжува)