Очевидно е дека случајот „Рекет“ не треба да се чека да заврши и постои цела група на политички клиенти кои сакаат да ги заборавиме дури и вистинските актери на оваа афера, туку се брза да се направи „сопствена истрага“ и да се најдат по секоја цена, со измислици, конструкции и со јавно нагрдување на поединци пресврти во ситуацијата „трговија со углед“ и да се добие повод за рушење на целата историја на истрагите на СЈО
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Кога во вторникот, 23 јули шефицата на СЈО Катица Јанева даде изјава за медиумите рано попладнето, после една недела отсуство заради боледување, и исто толку време по поднесувањето на ковертирана отставка, порталот „Република“ веднаш донесе грст прилози кои како повод го имаат овој настан. Од насловите, содржината на истите и нивото уредување, како и од просторот што тие го заземаат во порталот, на она што се нарекува насловна страница, веќе имаме јасен сигнал дека се работи за оркестриран напад на една јавна личност.
Толкав број на прилози кои поаѓаат од само една појава на Јанева и наредени наслови секако веднаш укажуваат на една можност уредувањето и пополнувањето на насловната страница на Република да се дел од однапред определена задача за харанга кон оној кој треба да се појави како целна жртва. На ова можеби работи и цела екипа чии автори (текстовите не се потпишани, што стана вообичаено за ваков вид на „литература“) работат експресно и не покажуваат никаква индивуалност во пишувањето, но затоа постои изедначеност во стилот и изборот на фотографиите. Како сето ова да е дело на некаков автомат!
Катица Јанева го имаше своето соочување со медиумите околу 13.30 тој ден а настанот заврши нецел половина час потоа, да заокружиме на 14 часот. Првоанализираниот текст подолу е објавен во 14.19 минути! Навистина експресно. Вториот прилог, кој се наслонува на друг дел од говорот на Јанева се поставува во 14. 48 а само минута подоцна, во 14.49 следува следниот кој претставува текст од пресот на ВМРО ДПМНЕ, кому не му недостасува исто така брзина во реакцијата.
Во меѓувреме се селектираат реакциите на социјалните мреќи, кои инаку, нормално ги има секакви, и оние кои ја подржуваат Јанева и оние кои ја напаѓаат а погодувате какви се поставуваат на порталот?! Па има една од извесен Демир некој минута подоцна од прсот на ВМРО ДПМНЕ, потоа се цитира некоја порака упатена од обвинителката Фатиме Фетаи со коментатиорски наслов кој не ја потврдува содржината ама нејсе – се одржува ефектот кој е посакуван (во 15.59). И саатницата на прилозите секако говори за насочен и на некаков пресметан „водопад“ на наслови и толкувања на изјавата на Јанева, која, се чини, низ изговореното не ги задоволува редакциските очекувања, дури и како повод за слободни „надградби“.
Да појдеме по ред, во објаснување на содржината на прилозите. Централно место има текстот со индикативен наднаслов „Малиот Јанев изнудувач?“ и потоа со наслов кој се надоврзува и одново завршува со прашалник (!) „Катица го мести синот за да си го спаси задникот?“. (https://republika.mk/vesti/makedonija/katica-go-mesti-sinot-za-da-si-go-spasi-zadnikot/). Речникот, се разбира, заслужува внимание, не само на лекторите и комплетно не е достоен за присуство на нешто што може да се нарече јавен простор – на сајт на едно јавно гласило. Поужасно од валканицата во насловот, која е пресметана како додворување на уличниот вакабулар на публиката која го користи, секако е содржината. Технологијата на конструирање на заклучоците е секако ришелеовска. Знаете за изреката на францускиот кардинал (https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%90%D1%80%D0%BC%D0%B0%D0%BD_%D0%96%D0%B0%D0%BD_%D0%B4%D0%B8_%D0%9F%D0%BB%D0%B5%D1%81%D0%B8_%D0%B4%D0%B5_%D0%A0%D0%B8%D1%88%D0%B5%D0%BB%D1%98%D0%B5) – дајте ми една реченица од било кого и кажана или напишана било каде и јас ќе го обесам авторот“.
„Точно е дека мојот син работи во телевизијата на Бојан Јовановски, но тоа не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува мојата службена должност и овластување за евентуално да остварува привилегии и незаконити дејства, рече во своја одбрана специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, со што директно го пушти во оган својот син, Лазар Јованов“.
Овој цитат технички се спојува веднаш со коментар, за да се добие впечаток дека тоа небаре го кажала самата Јанева. Не е јасно како успеале во „Реппублика“ во она „никои други“ односно во оние кои направиле тговија со влијание, да го најдат таму нејзиниот син? По кој основ? Дури и со прашалник крај името?
Но креаторот на овој текст со „задникот“, во насловот сакал да удри во нешто што е базично чувство на читателите – тоа е претставата за мајчинството. Па она што не го пополнува обвинетиот Бојан Јовановски во сферата на уцената, се препушта, со директна редакциска „умешност“ да отвори простор таму да се турне синот на обвинителката Лазар Јанев, што кај читателот создава слика дека мајката го жртвува своето чедо за да се спаси себе си! Ова кај недоволно концентрираниот опсерватор остава многу лош впечаток, и тој потоа не е подготвен во ниту еден случај на идна одбрана на специјалната обвинителка да гледа здраворазумски или да гради евентуална емпатија кон Јанева. Јасно, таков метод обично се гради од профеионалци кои ги анализираат методите на атакување врз личности кои треба да бидат нападнати. А кои ретко кога се само новинари!
Во следниот текст на градење на попладневната насловна страница на Република се поставува ткстот „Катица повлекува со себе“ со поднасловот „Шифрирана порака од специјалната: кој е тој со политичка моќ замешан во „Рекет“?“ (https://www.google.com/search?q=republika+katica+povlece+so+sebe&oq=republika+katica+povlece+so+sebe&aqs=chrome..69i57.12544j0j8&sourceid=chrome&ie=UTF-8). Во основа текстот одново се врзува со изјавата на Јанева, со нејзиниот втор и завршен дел а е напишан по кусо земање на здив и сознание дека на прво слушање настапот не дава повод за „класичен нокаут“. Веројатно е тоа очекувањето Јанева да повлече некого од политиката, пред се од власта и се пристапило кон „требење“ на изговореното. Па најдена е „шифрирана порака“ во делот на изјавата со која Јанева го заврши обраќањето кон новинарите со она „некој се обидува да ја злоупотребува својата политичка моќ и бега од правдата“. Ова треба да асоцира на власта. Белким може да има врска и со опозицијата, која секако има исто така моќ а сигурно и голема одговорност пред се во материјалот со кој располага СЈО!? Оттаму, насловот и поднасловот се доживуваат како насочувачки и од нив се гради една цела теорија на заговор.
Третиот текст е речиси комплетен пренос на пресот во ВМРО ДПМНЕ за изјавата на Јанева (https://republika.mk/vesti/makedonija/janeva-praktichno-prizna-deka-sjo-go-pretvorila-vo-reketarski-biznis/). Неполн час после последните зборови на шефот на СЈО во отставка најголемата опозициона партија си претстави свој политички алиби за сето она што за неа лежи во архивата на Рузвелтова.
Со самиот наслов се дава кодното име на откриената афера „Рекет“. Но не онака како таа е поставена во активностите на обвинителите од ЈО, туку онака како што некој во партијата сакал да биде. Насловот на текстот е „Јанева практично призна дека СЈО го претворила во рекетарски бизнис“, при што она она „практично“ во нејзиното обраќање е прешироко сватено, да не речеме поставено во вселенски димензии па вие одете и барајте од каде излегува тоа признание.
Тезите на партијата и деновиве се јасно видливи – целиот товар на аферата да мине на власта, да се занемари дури и фактот кои се тие лица кои се во притвор и против кои официјално се води постапката (тие не се споменуваат во говорите и во текстовите на од нив контролирание медиуми) а тоа особено важи за второобвинетиот Зоран Кичеец, кој има папочна врска со опозиционата партија повеќе децении а релацијата на рекетирањето да се бара само во контруираната оска Јанева – Заев.
„Јанева практично призна дека СЈО го претворила во рекетарски бизнис и дека таму се сместени најголемите криминалци во државава вклучително со нејзе. Слушнавме дека знае и за други лица кои рекетираат во нејзино име, но Јанева одлучи да ги заштити и да не каже кои се тие, практично уште еднаш покажува и докажува дека она е соучесник и она им дава поддршка на тие лица да рекетираат и да го вршат тој криминал. И практично е виновна за тоа“ – се вели оваа партиска пашквила која нема врска со тоа што таа „признала“. Изјавата на Јанева се користи да се добие неков вид на партиска амнестија за сопсствените бизнис и други кадри, па се вели „ дали Јанева имала контакти со Заев, Кики или Фрики (мистериозни ликови од серијалот на колегата Геровски – н.з.) и за што разговарале со тој телефон? Катица Јанева не кажа дали одлуката да се укине притворот за бизнисменот Камчев е нејзина или одлука на обвинителката Лиле Стефанова? Катица Јанева не почувствува ниту срам, ниту одговорност за ова што се случува во моментов, но тоа што е потрагично во моментов е фактот дека ништо сомнително не гледа ниту обвинителката Русковска, практично се обидува да ги заштити, истакна Арсовски.“
Така доаѓаме до основот на целата оваа кампања на ВМРО ДПМНЕ и медиумите што им се блиски или едноставно се нивни „израстоци“ како „Република“. Така, власта треба да претрпи штета по секоја цена, ама процес против уценувачите и да нема, заради што сега се напаѓа и обвинителката на одделението за организиран криминал Вилма Рускоска, која беше назначена како можен шеф на делот на ЈО по потенцијалниот спој со СЈО , што го навести Заев, држејќи се до словото на законот.
Ниту тој ден а ниту следниот не е објавена ниту една реакција во јавноста која го оспорува идеолошкиот костур на прилозите објавени во Република. Кому му е грижа за фактот дека живееме во плуралистичко општество?
Тоа секако важи и за изборот на мислњата излезени на социјалните мрежи. Согласно со употребениот јазик на насловната актерот Саше Тасевски (https://republika.mk/vesti/makedonija/boki-13-vikash-te-zloupotrebi-toa-e-kako-eliot-nes-faten-vo-reket-da-kaze-vnucheto-od-sestra-na-al-kapone-me-za-ba/) вели „… Боки 13 те злоупотреби, а Като? Тоа е ко Елиот Нес да беше фатен во рекет и да рече дека внучето од сестра на Ал Капоне ме за…ба“ (точките се наши). Пооа следуваат други лица со сличен начин на размислување и вокабулар а за која е поставена и Фатиме Фетаи со истргната изјава од „Фактор“ а насловена како „И Фатиме се опткажува од Катица“, што нели, „става точка“ на оваа институција. Ама истргнатото
https://www.libertas.mk/fetai-za-faktor-soglasna-sum-so-stavot-na-kolegite-od-s%D1%98o/ говори дека таа била на одмор кога колешките давале изјави пред новинарите И потоа следува „ и сега потврдува дека стои зад тие ставови и дека очекува истрагата побрзо да заврши. Дополнителни коментари СЈО заеднички ќе соопштува. Засега не се коментира настапот на Јанева од денеска“. И каква е оваа ужасна конструкција која се прави во „Република“, како ја вмтнаа Фатиме во целиот тој сет на прилози. Насловната страница и со овој метод станува најдобра слика на нашето новинарство кои белким ја мотивираа Владата да покрене мерки за поостро казнување на фејк новинаството.
Во новинарство од најниска категорија влегува и посебна приказна за изборот на фотографиите кои треба да ја кариркираат Јанева а не се врзани за настанот кој е повод за серијата текстови на насловната страница. Тие се додатно докажување на целосно приземната харанга која се врши кон Јанева и институцијата која таа ја претставува. Нема фотографии ни од обвинетите ни од лицата кои биле уценувани, што никако не е дел од нормалниот журналистики приод кон настаните од аферата Рекет! Фотосите едноставно ги приложуваме, вклучувајќо и оној кој беше објавен на пресот за Јанева во ВМРО ДПМНЕ.
Со ова се дополнува методот на уништување на одредена личност со сите инструменти на новинарството, главно низ недозволено употребени инструменти, што би го заокружиле со зборот харанга (во македонскиот речник – подбуцнувачки говор).