Илјадници мајки во земјите на екс Југославија се убедени дека бебињата им се одземени, прогласувани за мртви и продавани. Праксата била особено раширена во 1970 и 1980-те години. Потрагата по вистината трае
„Бирај!“- тоа е зборот на лекарот, во собата полна со новороденчиња на Гинеколошката клиника во Клиничкиот болнички центар „Звездара“ во Белград, кој во 1988 година го шокирал Марко Ивиќ. Тој веќе 40 години живее и работи во германскиот град Ландсхуте. Никогаш не успеале да добијат дете со сопругата, и затоа сметале дека посвојувањето може да биде добро решение.
„Сакавме да посвоиме напуштено дете од сиропиталиште. Случајно запознав човек од Бугојно кој ми рече дека има решение за мене во Белград. Отпатувавме во Белград и наместо во сиропиталиште дојдовме во породилиште“, раскажува Ивиќ за ДВ. Откако облекол бел мантил кој му го дала медицинска сестра, со лекарот тргнале во обиколка на породилките, каде со допир на креветот требало да му даде знак на лекарот која од нив е најслична на неговата сопруга за да го посвои токму детето кое најмногу ќе личи на новите родители.
„Ме праша како изгледа мојата жена, а јас одговорив дека е бринета. Потоа ме одведе во бокс со бебиња и ми рече да изберам бебе. Буквално ми рече: „Бирај!“. Ми рече дека по дете се плаќа 10 илјади германски марки, а ако сакам близнаци- 15 илјади марки; и дека сите документи ќе ги среди како да родила мојата жена. Дури и ми рече да им споменам на моите германски пријатели, дека можат да добијат дете ако сакаат. Кога тоа го зборуваше, се претставуваше како голем хуманист, бидејќи тоа, наводно, се деца од сиромашни семејства или студентки кои не знаеле што да прават со нив. Знаев дека тоа не може да биде во ред. Реков дека ќе разговарам со мојата сопруга и си заминав“, се присетува Марко Ивиќ.
ЖРТВИ НА ТРГОВИЈА Но, се вознемирил кога пред две години видел прилог на таа тема на една српска телевизија. Тоа била приказна за жените од Здружението на исчезнати бебиња на Србија. Молеле за вистината за своите исчезнати деца, се сомневале дека станале жртви на трговци со луѓе. „Веднаш се јавив на бројот на екранот“. Потоа, наскоро повторно отпатувал во Белград.
Овојпат во Белград дошол на повик на мајките од Здружението, и тоа како сведок, со снимено видео сведоштво, но и со заверена, писмена изјава која ќе биде доказ на суд.
Според податоците на Републичкиот завод за статистика на Србија, во периодот од 1960 до 1990 година, од вкупно родени 4,660 милиони деца, мртвородени се 22.792, а починале дури 228.006 бебиња на возраст до една година.
„Тоа е енормно висок број, а кој дел е лажно прогласен за мртов, тоа не го знаеме“, вели за ДВ, Ана Пејиќ, секретарка на Здружението на родители на исчезнати бебиња на Војводина, едно од дури пет во Србија. И таа самата, од 1988 година, трага по своето девојче.
Неверојатното сведоштво на Марко Ивиќ сега е сламка надеж за стотици мајки кои се убедени дека нивните деца биле жртви на трговијата со луѓе.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи функционираат повеќе групи од овој тип во кој мајките од повеќе републики на поранешна Југославија се поврзуваат меѓусебни.
СЕ РОДИЛО ЖЕНСКО, ПОЧИНАЛО МАШКО Пејиќ вели дека нејзиното девојчо, исчезнало во 1988 година во Сремска Митровица, но таа дури во 2015 година собрала сили да ја прегледа документацијата. „Дури тогаш почнав да барам затоа што дотогаш им верував на лекарите. Мислев дека навистина починала. Но, случајно открив дека во изводот од матичната книга ми е запишано женското дете кое го родив, но во книгата на умрени е машко. Со различни матични броеви. Прашав во болницата каде ми е детето а тие ме испратија во погребното претпријатие. Откако од погребното претпријатие ме известија дека детето не е погребано таму, поднесов кривична пријава до обвинителството во Сремска Митровица од каде ми одговорија дека моето дете ‘веројатно’ е однесено во крематориум во болница во Нови Сад, иако таа болница никогаш немала крематориум. Немаше никаков доказ дека детето е кремирано“, раскажува за последните четири години агонија Ана Пејиќ.
„Никому не дозволиле да ја види, иако наводно живеелеа 36 часа. Гроб нема. Не е извршена ни обдукција, иако по закон е обврзувачка. Доколку не е закопана, тогаш е жива. Каде е? Приказните на сите родители се слични и многу докази укажуваат на трговија со луѓе“, вели Пејиќ.
ПРАВО НА ВИСТИНА Приказните на овие мајки на многумина им се неверојатни. Но тие не се откажуваат. Нивните Фејсбук групи се се побројни. Се јавуваат жени од цела поранешна Југославија со слични искуства и докази. Но, колкав е бројот на мајки и татковци кои живеат со овој сомнеж никој не знае. Мајките се сомневаат дека децата им биле продавани во странство. Во Србија често одржуваат протести за да ја алармираат јавноста. Но, одговори нема.
Дел од оние кои ги бараат своите корени се и Стела Селвиќ од Зеница и Игор Славковиќ од Скопје. Стела раскажува за ДВ дека е родена во 1975 година. Колку повеќе истражувала за своето потекло, наидувала на поголем хаос.
„Наводно ме нашол полицаец, а кога го побарав него никој не знаеше да ми каже ништо за него. Посвоена сум на 2,5 месеци. Погледнете: дете родено на 15 октомври, за првпат запишано во матична книга на 14 декември, посвоено на 31 декември, а на 14 декември запишано кај своите родители. Матичниот број е доделен во 1989 иако имам пасош на СФРЈ од 1987 година со матичен број“, раскажува Селвиќ.
За разлика од неа, Игор Славковиќ знае дека бил донесен од Србија во Македонија. „Не знам дали сум јас едно од тие украдени бебиња, но знам дека мојот покоен татко кој ме посвои рече дека ‘на некоја жена, бабица, и платил големи пари за да ме земе’. Јас ќе продолжам да ги барам своите биолошки родители“, вели Игор.
ОТВОРАЊЕ НА АРХИВИТЕ Во Србија во 2018 година владата формираше Комисија за испитување на постапките на државните органи во расветлување на пријавените случаи на исчезнати деца.
Членот на таа Комисија, во која освен претставници на државата се и родители, е Радиша Павловиќ, кој за ДВ обелоденува шокантни податоци.
„Засега во обвинителството и полицијата има 1.500 пријави против непознати лица, а наследените кадри прават се за таа афера да се заташка, преку нудење пари на родителите и спасување на сторителите“, вели тој. Павловиќ смета дека е неопходно отворање на архивите на некогашната Служба за државна безбедност и тоа не само во Србија, туку и во сите земји на поранешна Југославија за да се расветли злосторството, и вистината да излезе на виделина.
На Марко Ивиќ и неговата сопруга Ана нешто им говорело да не го посвојуваат детето кое им било понудено во Белград. Тие денес се единствени сведоци на можната организирана трговија со деца во поранешна Југославија.