ФАТМИР БЕСИМИ
Со вториот столб од реформата се делува во насока на зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење, а активностите се насочени кон реално планирање на приходите и расходите на општините
Преку посебна програма на општините ќе се даде поддршка во период на финансиска нестабилност, која сега ќе се прогласува по сила на закон. За надминување на проблемите со доспеаните, а неплатени обврски тие ќе имаат на располагање до 10-годишна структурна обврзница за нивно репрограмирање. Тоа е еден од трите предвидени инструменти. Со законот ќе можат да користат и условен кредит (Stand-by) од Министерство за финансии и да издадат општинска обврзница за познат купувач – Министерство за финансии. Оваа измена ќе стапи на сила од јули 2022 со цел општините да имаат доволно време за приспособување. Исто така, во овој преоден период од денот на донесувањето на измените на законот, општините ќе имаат можност да искористат структурна обврзница за постојните обврски заклучно со 30.09.2021. Целта на ова преодно решение е да се даде можност на општините да ги консолидираат своите буџети и да можат да се фокусираат на развој на општините.
Овој начин на решавање на проблемите со ненамирените обврски е поврзан со исполнување на условите за прогласување финансиска нестабилност, каде што е предвидено и истовремено зајакнување на целата постапка од самиот момент на прогласување до денот на надминување на финансиската нестабилност. Тоа ќе значи дека општините нема да може да ги насочат средствата кон несуштински трошоци. Со други зборови, општините ќе добиваат повеќе пари, но ќе има и поголема контрола на нивното работење со финансиите. Тие ќе имаат обврска на транспарентен начин да објавуваат финансиски податоци на своите веб страни, зголемена отчетност во трошењето на сите средства кои се доделени од страна на државата, а ќе се спроведува и зголемена контрола од страна на Финансиската инспекција за почитување на законските прописи и за рационалното и наменско трошење на средствата и спроведување финансиска инспекција врз основа на пријави за непочитување на Законот за пријавување и евиденција на обврските и пријави
Побрз регионален развој ќе се постигне преку повеќе средства за инфраструктурни проекти коишто ќе бидат достапни преку новоформираната Агенција за регионален и локален развој. Агенцијата ќе има средства од централниот буџет, но и финансиски средства од домашните и меѓународните финансиски институции за финансирање на капиталните инфраструктурни проекти за општините. Покрај ова значајна поддршка во развојот на општините се спроведува и преку проекти на централната власт финансирани преку меѓународни финансиски институции, а значајна е и прекуграничната соработка, финансирана од средства од ЕУ и кофинансирана од буџетот на државата.
Со ангажирање на централната и на локалните власти, како и со поголеми средства за развојни проекти може побрзо да се влијае на промена и подобрување на условите за живеење во сите општини. Повеќе истражувања покажуваат и позитивна корелација помеѓу степенот на фискална децентрализација и нивото на економски развој, односно просечното ниво на фискална децентрализација во развиените земји е повисоко во однос на земјите во развој.
Целиот процес во досегашниот период се спроведуваше со јавни консултации со ЗЕЛС, меѓународни развојни партнери, академската заедница, деловната заедница и други засегнати општествени чинители, а со цел низ еден инклузивен и транспарентен процес да се дојде до оптимални решенија коишто ќе придонесуваат општините да бидат функционални и да испорачуваат квалитетни услуги кон граѓаните.
Неколку години по ратификација на Европската повелба за локална самоуправа, Република Северна Македонија влезе во процес на пренесување на дел од надлежностите на наплатата на јавните приходи и извршување на јавните расходи на едниците на локалната самоуправа со донесување на Законот за локална самоуправа во 2002 година. Процесот на децентрализација се извршуваше во повеќе фази. Во „нултата фаза“ се обезбедија минимум неопходни капацитети за финансиско управување од општините. Во првата фаза следеше преземање на имотот и обврските од децентрализираните надлежности. Во втората фаза општините ги преземаа надлежностите за донесување одлуки во врска со функционирањето на буџетските корисници.
Фискалната децентрализација, исто така, се спроведуваше во неколку фази, а сериозен исчекор е направен во јули 2005 година, со измени на Законот за даноци на имот, Законот за комунални такси и Законот за административни такси.
Фискалната децентрализација е процес кој треба да се надградува и реформира пред се заеднички и преку напорот што општините го даваат за собирање на сопствените приходи, а кои заедно и со централната власт ќе можат да им пружат подобри услуги на своите граѓани.
И сосема на крај, со оглед на тоа што со овој пакет на реформи создаваме повеќе можности за финансирање и развој на општините преку зајакнување на локалната самоуправа и финансиска автономија, а со цел ова да успее, користејќи ја реториката на Пол Харви оваа колумна ќе ја завршам со една негова изрека, а како порака за идните градоначалници на општините: „Самоуправувањето нема да функционира без самодисциплина“.