Освен дека Македонија како име се споменува во Библијата, таму не се споменува независната Македонска држава. Таа се споменува меѓутоа кај Роберт Бадинтер
ЉУБОМИР Д.ФРЧКОСКИ
Eдно од апсолутните конституенти на националната свест за сувереност и независност е паметењето и акцентот на клучните елементи, историски настани и личности кои ја создале. Освен флоскулата ‚‚народот ја изборил‚‚ која е секогаш точна но не и посебно јасна, тоа е и создавање на политичка одлука како историјата ќе се памети , што од неа е важно да се вгради во знаењето за нашата современа независност и сувереност.
Освен дека Македонија како име се споменува во Библијата, таму не се споменува независната Македонска држава.
Таа се споменува меѓутоа кај Роберт Бадинтер и извештајот на т.н. Бадинтерова Комисија (состав на девет најзначајни уставни судии и уставни теоретичари на Европските земји). Тоа за Македонија беше супер важно, еднакво на политичка тежина на постоењето на нејзиниот Устав на меѓународен план, кога новата држава се соочува со море од непознаници, негирања, зачуденост или воздржување (а да не споменуваме закана за независноста со планови за поделба).
И сега “moment in oblivion”: најголем дел од македонските сајтови, портали и мрежи одбележуваат вест за ‚‚смртта на Бадинтер”‚ со фрапантно незнаење за неговото значење за македонската независност. Заслепени од спектаклот на “смртта на Југославија” а не и од раѓањето на независна Македонија (прв пат во историјата)
Како е тоа можно?
Како е можно Македонецот повторно да има ‚‚паметење на риба” во согласност со познатите стихови од нашата традиционална песна “Македонче, ти не знаеш кој си и што си‚‚.
Попатно, не ја ‚‚прогласил” Бадинтер смртта на Југославија ( ја прогласил нејзината дисолуција). Смртта на Југославија наблиску дефинирана ја почна, изведе и доврши српскиот националистички дискурс за Голема Србија и обидот за насилнa промена на грaниците со крвава војна.
Но Бадинтер, овластен од ЕУ, го прогласи капацитетот и способноста на Македонија (и Словенија) за правен пат во независноста (со анализа дека Уставот и политиките на Македонија целосно ги исполнуваат условите за независност).
Тој даде неколку интервјуа и неколку пати беше во посета на Македонија со истата порака и став. Бадинтер е дел на меѓународната поддршка и темел на легалната постапка на нашата сувереност
Тој е значаен дел од ликовите во Капитолот на македонската независност.
Како може да не се знае тоа за сопствената држава?
Значи, збогум Роберт Бадинтер и thanks buddy!