Владата јави викендов дека набавила гас кој е двојно понизок во цената од онaa за којa притискаа гласоговорниците на увозниците на електрична и друг вид на енергија, водени од опозицијата, коморџиите и медиумите. Лесно е да се влезе во долг од кој ќе се омастат само увозниците, пред се оние од монополската фела
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Дали се сеќавате на оние повици или поточно отворени критики кои беа упатувани до Владата на РМ, главно кон оние од економската сфера во однос на „спречувањето на катастрофалната зима“. Се тврдеше дека тие одговорни ресори уште пролетоска требале да се снабдат со енергенти. Тоа што енергенти немаше во – условно – складовите, се сметаше за непростлив грев. Се започна уште пролетта, а како што одминуваше и летото тој притисок беше огромен. Медиумите, особено оние јасно поврзани со увозниците на енергенти, беа уште погласни; првиот човек на Комората одеше наокулу со намуртено лице (квалификација за ангажираност), стопанствениците на големите фирми трубеа за затворање на погоните а од Владата велеа дека се работи на случајот и се чекаат поповолни цени.
Почетокот на есента како да навестуваше и излегување на народот на улица, бидејќи, хистеричните гласови стануваа синхронизирани со гласот на челникот на ССМ што притискаа истовремено на касата на државата. Стопанството бараше невидени субвенции од Илинденска број 2, ССМ се полакоми по зголемување на платирте, ама без постојано одложување на реформите кои мора да значат неминовно кусење на бројот на ангажирани работници, пред се во јавниот сектор. Двете барања се контрапродуктивни а и кај обете страни, Комората и Синдикатот немаа доволно општествена одговорност, што мора да постои во секое нормално општество, особено во криза која е како сегашната. На толку забелешки дека истата постои, таа треба да се третира со сериозност која исклучува себичност односно едностраност.
Големите потрошувачи на струја од стопанството, на пример, бараа да добијат струја со цена под 200 евра за мегават а кога тоа стана како опција и можно, почнаа да говорат, без срам и перде за цена од 100 евра по мегават. Како што прокоментира премиерот Ковачевски во една прилика, на ФЕНИ од Кавадарци нема да му помогне ниту да му се обезбеди струја џабе со постојната цена на неговиот производ на светските берзи! Дали е ова доволна илустрација дека намуртеното лице на коморџциите не е баш најадекватен драмски „реквизит“ Произведувачите на прехрамбени производи бараа ваква или онаква цена а ветуваа намалување на цените во продавниците за нивните производи, и за 10 отсто. Кога се дојде до таа цел, тие сега не споменуваат намалување, туку ветуваат само мирување на цените на одреден рок! Какво лицемерие…
Јасно на политичката опозиција и одговара секое „лулање на чунот“. Таа од своите бисаги ги вадеше одамна заборавените експерти (или подобро „експерти“) кои тврдеа дека часот е 12 и пет за снабдување со енергија, изразувајќи скепса кон потенцијалот на домашните извори на енергија да не извлечат од кризата. Увоз, увоз, увоз, итно… Колку беа во право? Јасно, системот на производство на енергија не е најдобар, но тоа се должи на огромната неефикасност која самите експерти ја имаа во претходните години. Да го споменеме само проф. Константин Димитров кој беше советник на Груевски за енергетика и да го запрашаме – а што се изгради или исправи во енергетскиот сектор во тој негов мандат. Ништо, ама не чувме дека истиот се откажал од хонорарот или дека излегол со критика во медиумите во тоа време на владините политики. Каква хипиокризија!
Ова уште повеќе важи за лидерот на опозицијата Мицковски, „професорот на тате“, кој беше советник на премиерот за енергетика, потоа беше дури и прв човек на ЕСМ. И што стори во тоа време – обезбеди поволни услови да изгради за себе четири мини-хидроцентрали во Малешевско, да добие најповолна цена на струјата произведена до овие објекти во однос на другите извори (хидро и термо извори) и секако, да биде дел од режијата на процесот наречен – што помалку киловати дома, се повеќе киловати од увоз, како зналчајно омастување на домашната полит-мафија, на која верно и служеше а и самиот„излижа маст“.
Како стоеле работите говори и фактот дека некогашниот прв човек за економија во Владата на Заев – Анѓушев ги напаѓа во последно време соларните извори на енергија за сметка на струјата од малите хидроцентрали. Ај погодете зошто? Во меѓувреме, со сопствени сили, оние фирми кои не сметаат на спас од намуртеното лице на првиот човек на Комората, си изградија соларни панели кои можат да заменат еден хидроелектрана како Козјак!
Сојузот на синдикатите, без да ги чуеме првите луѓе на гранските синдикати од стопанството (!), што би рекол народот молчат како домазети, не се огласи и не презеде ништо против игрите на менаџерите со отпуштање на работниците, нивни членови, нели, освен со една изјава на претседателот на ССМ за тоа дека таа улога треба да ја презеде, небаре е тоа штафета, самата Влада. Бре, бре. Можеше претседателот на ССМ да застанува на „браникот“ на оние на кои платата „три дена им касне“, додека ја превиде ситуацијата со исплата на плати во економијата. Ајде таму организирај ги работниците, ако си ербап, друже Дарко Димовски – таму имаш цела армија на вработени на кои малку подолго „им касне“?!
Инаку, министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес конференција изјави дека од 1 ноември граѓаните ќе имаат топлинска енергија. Тој на неделната прес-конференција во Владата соопшти дека е склучен договор од страна на ЕСМ за набавка на природен гас за топланите, а за подетелни информации упати на ЕСМ, јави МИА.
„Склучен е договор од страна на ЕСМ за набавка на природен гас. Ќе работи дополнително и ТЕТО која ќе покрива 60-70 проценти од потребите на топлинската енергија. Пропаднаа во вода кажувањата на одредени енергетски екссперти дека требаше уште пред два-три месеца да направиме договори кога цената на природниот гас беше од 3.000 до 4.000 евра за нормален кубен метар“, изјави Бектеши, додавајќи дека цените за набавката на природен гас се сега двојно пониски од овие што постоеле за време на брзите птици итрици своевремено..
Премиерот посочи дека и основните и средните јавни училишта при прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија може да склучат договор за снабдување со ЕСМ Продажба, по цена од 95 евра по мегават/час
Премиерот Димитар Ковачевски, во неделата ги образложи новите владини одлуки, со кои им се овозможува на компаниите што произведуваат основни прехранбени производи, основните и средни јавни училишта, јавните претпријатија за водоснабдување и одведување на отпадни води, да склучат договор со ЕСМ Продажба и да имаат поевтина струја. Тој вели дека ќе се обезбеди поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи.
„Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија. Со овие мерки компаниите, производителите на основни прехранбени производи ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја, што крајно ќе влијае и врз стабилизирање на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании“, рече Ковачевски на прес-конференција по владината седница.
Владата донесе одлука со која на општините и на Градот Скопје им се забранува да основаат јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес-јавно осветлување. Оваа одлука е донесена поради тоа што сознанијата велат дека општините основале јавни претпријатија или дејности јавно осветлување или ја доделиле на постоечките јавни претпријатија“, рече Ковачевски и посочи дека и натаму ќе продолжи субвенционирањето на струјата.
Знаете ли колку известија за овие прес конференции медиумите? Погодувате- одвај и тоа како пост фестум на денот. Беа пленети од „херојството“ на неколку опозициони политичари кои заминаа на отворање на македонски културен дом во Благоевград. Ни трага од хистеријата која ја создадоа со нашата снабденост со енергенти…
Е сега да удриме црта – која е заштедата која Владата со својата проценка и трпение и ја направи на земјата?