Стручната јавност разговараше деновиве за спогодбите што обвинителката Русковска ги правела со Мијалков и Камчев. Што беше речено на средбата на правниците?
Правдата не треба да биде само изречена, туку и препознаена од јавноста – порача врховната судијка Мирјана Лазарова-Трајковска околу дилемата – дали беа погрешни спогодбите на јавната обвинителка за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, со Сашо Мијалков и Јордан Камчев и дали е во право јавноста која смета дека си ја купија слободата.
Со оглед на тоа дека се подготвува нов Закон за кривична постапка, беше организирана јавна расправа на која се отворија овие прашања и се бараше решение како овој инструмент на судството треба да се применува и натаму, како јавноста да има доверба дека е задоволена правдата и што е поважно – дека законот важи за сите еднакво.
„Нема да бидам политички коректна, ја споделувам разочараноста со граѓаните кои со право очекуваат правдата да биде еднаква за сите, без разлика дали се сиромашни или богати, дали се политичари или бизнисмени кои што сметаат дека со пари може да се купи сé. Мојата филозофија на работење е дека сите ние ја споделуваме одговорноста за состојбите во државата, секој во својата област. Независноста на институциите, која доаѓа од законите и Уставот треба да биде дополнителна одговорност, а не да се користи како параван за самоволие, без да се води грижа како тоа ќе се рефлектира на целото општество. Уште повеќе сум загрижена како ваквите пораки влијаат врз младите и како тие го доживуваат ваквото однесување“, рече вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.
Според неа, секој што го прекршил законот треба да се соочи со одговорноста за делото, а судиите и обвинителите со одговорноста за пресуденото.
„Јавноста тоа го бара од нас и ние не треба да останеме глуви на овие барања“, додаде таа, оценувајќи дека е нормално да има реакции на ваквата спогодба која беше темпирана точно така за да му овозможи на Мијалков да ја смени адресата.
И министерот за правда Никола Тупанчевски се задржа на перцепцијата на јавноста дека во оваа спогодба има елементи на злоупотреба на институтот спогодување, но не сакаше да дава лична оценка. Тој потсети дека спогодувањето како можност е воведено во 2010 година, а се применува од 2013 година и е преземено од англосаксонскиот правосуден систем. Тој виде можност во новиот кривичен закон да се внесат измени кои ќе помогнат да се расчистат дилемите.
Од расправата потоа произлезе дека спогодувањето е воведено по препорака на Советот на Европа, дека и Судот за човекови права во Стразбур го применува во својата практика, дека само лани биле постигнати 258 спогодби и нивниот број расте, но дека кај обвинителите има несигурност кога го применуваат во високопрофилирани случаи, бидејќи се изложени на критики.
Генерално, од учесниците на расправата никој не сметаше дека спогодувањето треба да се укине како можност да се дојде до правдата, но повеќето сметаа дека откако ќе се постигнат такви спогодби најтранспарентно треба да ѝ се образложат на јавноста и тие да не важат за тешки кривични дела како сега, односно да има јасни одредби кога може да се применуваат. Вака како што е регулирано спогодувањето сега тоа е дозволено прешироко, односно важи за сите кривични дела, што го испровоцира министерот Тупанчевски да реагира и да праша – „дали може да се примени за геноцид, сексуална злоупотреба на деца, трговија со луѓе…?“
Според Гордана Лажетиќ, професорка по кривично право која ја подготви анализата за овој инструмент, погрешен е впечатокот дека е можно спогодување за какво било дело. Според неа, со законот точно се знае кој може да постигне спогодба и за што, односно за казни до пет години затвор спогодба може да склучи основен јавен обвинител, а над пет – виш јавен обвинител. Токму тој контролен механизам беше оценет како несоодветен од судијката Лазарова-Трајковска.
„Главна максима на правдата е таа не само да биде изречена, туку и да биде видлива за јавноста. Ако нејзе не ѝ се јасни причините за постигнатата спогодба, нешто не штима со неа“, рече Лазарова-Трајковска, оценувајќи дека така се урива интегритетот на правосудниот систем, на јавното обвинителство и на судовите кои прифатиле таква спогодба. Според неа, практика во Судот за човекови права е да прифаќа спогодби, но не за предмети кои предизвикуваат силно јавно внимание и во случаи во кои има јасно препознаена вина.
„Мојот став е дека спогодувањето треба да биде ограничено на полесни форми на кривични дела бидејќи остава мачнина во јавноста сознанието дека оној што има средства може да си ја купи слободата“, порача Лазарова-Трајковска. Според неа, едно е да се спогодувате за сообраќајна несреќа, а друго за перење пари, затајување даноци во огромни суми… па препорача спогодувањето да се применува само за санкции до пет години и за парични.
Џемаил Саити, претседател на Здружението на судии и врховен судија, го нарече овој процес договорена правда или, полошо, трговија со правдата, што според него може да се смени ако се обезбедат неколку услови: да се ограничи опсегот на кривични дела за кои е дозволено спогодување, да се зголеми улогата на жртвите во спогодувањето и да се зголеми улогата на судиите, кои сега се ставени во улога на нотари – да заверат тоа што се спогодиле обвинителите. Тој потсети дека неформално спогодување постои во Македонија веќе 30 години, а сега е само официјализирано.
„Ако кривичните пресуди ги одредува судот, со спогодувањето оваа функција на некој начин се дислоцира во јавното обвинителство“, оцени адвокатот Драган Малиновски, напоменувајќи дека сега овој инструмент се применува во распонот од условна казна до 20 години затвор! Тој посочи и на парадоксот ваквите спогодби подоцна да се користат од соизвршителите на кривично дело за подобар исход за нив. Сепак, според него, главен хендикеп на спогодувањето е нетранспарентноста на процесот, кое се прави зад очите на јавноста откако целата судска постапка претходно била јавна.
„Имајќи ги предвид состојбите во судството и недовербата на јавноста во него, ова е сериозен проблем“, рече Малиновски.
Од обвинителствата се бранеа дека има многу спогодби што биле одбиени, дека не секоја од тие што се понудени се прифаќа и дека судот, кој е крајниот филтер, не е обврзан да стави потпис на нив, т.е. да ги одобри, напоменувајќи дека имале и спогодба која вклучувала 20 години затвор.
Јавниот обвинител Гаврил Бубевски ги објаснуваше мотивите на обвинителите да постигнат вакви спогодби имајќи ги предвид сите можни сопки во постапките и колку ќе можат да ги докажат делата во прифатлив рок.
„Да бидеме искрени, Македонија е мала земја, има многу влијанија“, рече тој, посочувајќи дека соочени со можноста од последователни бројни вештачења обвинителите размислуваат дека можеби е подобро да ја ефектуираат побрзо правдата, бидејќи кој знае што ќе се случи за 2-3 години.
„Но, фидбекот на јавноста е катастрофален, а тоа е реален показател дека сме згрешиле“, заклучи Бубевски.
(корсѕен е изештјот во Независен весник, опремата е на Глобус)