Во изборот за најдобар роман за мината година влегоа пет наслови. Попознато име е само ветеранката Оливера Николова. Авторот Драги Михајловски има опус од многу дела и едно време раководел со Оделението за издавачка дејност при Министерството за култура. Билјана Црвенковска е дебитант во ова друштво
Во најтесниот избор за годинашната награда „Роман на годината“ влегоа пет романи: „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков („Или-Или“), „Пагански времиња“ од Драги Михајлоски („Просветно дело“), „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова („Матица македонска“), „Последните денови на Ханс“ од Михајло Свидерски („Или-Или“) и „Приказни за госпоѓица Сит“ од Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“).
Романот кој влезе во финалето „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков, е во издание на „Или-Или“ . Промоцијата ја имаше на крајот на ноември 2019 година. Тогаш промоторката Елизабета Баковска за книгата нагласи дека авторката за својот роман рекла дека „ова е роман за премолчената историја, семејната и личната, и стравот дека сеќавањата би можеле да избледнеат со годините, а никогаш не би требало да бидат заборавени“. Таа своевидна „документација“ на семејните сеќавања, особено оние кои во големата, службена историја ја сместуваат личната, „малата“, интимната приказна се должи и на стравот дека „она што било заборавено никогаш повеќе не можеме да го вратиме целосно назад“, со повик на Валтер Бенјамин. Или, можеби, во одреден период од животот на секој автор (некаде меѓу предците и потомците), смета Баковска, личното (и семејното лично) станува сеопфатната, единствената приказна од која тој не може (или не сака) да побегне. Впрочем, и Снежана оваа книга ја посветила на оној пред себе и на оној по себе, на својот син и на својот татко“.
Калина Малеска, пак, по овој повод напиша дека овој роман заснован на вистинска приказна, а во него се внесени записи од реални документи и досиеја, биографија, страници од весник, магнетоскопски запис. Но приказната е и наративно обликувана во структура која сите овие записи од реалноста ги става во контекст на семејниот живот, даден преку перспективата на повеќе наративни гласови, а во чии рамки сите членови – изложени на животните предизвици со кои се соочуваат – страдаат и созреваат.
Снежана Младеновска Анѓелков (1977, Скопје) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето „Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа“ се стекнува во 2012 година. Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011, „Или-Или“) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, и истата потоа доживеа уште две изданија. Во 2014 година ја издаде филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ („Или-Или“) посветена на филмовите на режисерот Владимир Блажевски. Како автор е застапена во тематската збирка раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press.
Во најтесен круг за избор на роман на годината влезе и ботолчанецот Драги Михајловски (68). Магистрирал на Филолошкиот факултет („Книжевниот лик на Скендербеј кај Прличев и во делата на англиски јазик“), а докторирал исто така во Скопје („Очудување и можни преводни модели врз примери од англиската поезија“). Од 1976 година работи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во моментов е редовен професор пред пензија на Катедрата за англиски јазик и книжевност по предметот Теорија и практика на преведувањето и толкувањето. две години (2007-2008) бил и претседател на Комисијата за издавачка дејност во Министерството за култура на РМ. За романот се вели дека е дело посветено на колебливоста на интелктуалците – само оние кои ништо не читаат не се коелбливи и се сигурни.
Од оние кои влегоа во финалниот избор за наградата на Фондацијата а која може да се смета за доаенка во оваа компетиција е последното дело на Оливера Николовска – „Песот со тажен поглед“. Таа и истиот е автентично сведоштво за човечките судбини во Првата светска војна, кои засолниште наоѓаат во Британската воена болница во Скопје. По својата тематска определба и по својата естетска носивост претставува извонредно сплетен мозаик, кој говори за трагични мигови што се случувале на балканските простори. Во богатата литературна хроника, авторката мајсторски го гради дејствието и на показ изнесува трагични судбини. Вешто ја следи тенката линија меѓу животот и смртта, меѓу заблудата и стремежот, меѓу среќата и тагата, меѓу занесот и искушението – истакнуваат од издавачката куќа.
Романот „Последните денови на Ханс“ на македонскиот автор Михајло Свидерски, кој исто така влезе во потесниот избор, излезе во април минатата година. Романот претставува внатрешна борба и дијалог, тек на свеста на еден немоќен старец Ханс, неважна историска личност што му припаѓа на избришаното минато, а која во своето време, била една од најмаркантните личности на векот. Покрај личните рефлексии, кои се основа на новелата, оваа книга имплицира пошироки теми што во гранични етапи на промена донесуваат вознемиреност, но и преиспитувања на сопствените вредности, но и слабости. Генерализацијата на прашањата за моќта, за партијата, за семејството, за бога, за општествениот контекст се сведува на релативизација на сите етички или хумани аспекти разграничени во односот меѓу доброто поврзано со човечката способност за однос кон другиот човек независно од религијата, етничката припадност или нацијата, но и за злото кога станува збор за понижувањата, страдањата, насилството.
Михајло Свидерски (Битола, 1991) прозаист, поет, преведувач. Автор е на неколку збирки поезија, а за романот „Бело и црвено“ (2014), во издание на „Темплум“, ја добива наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис.
Последна на списокот, составен по азбучен ред на авторите е романот „Девет приказни за госпоѓица Сит“ од Билјана Црвенковска. Нејзината промоција се случи ко крајот на годината. Станува збор за прв роман на Црвенковска, не сметајќи ги нејзините романи за деца, кој жанровски може да се определи како магичен реализам. Девет приказни за госпоѓа Сит“ нуди женски приказни, длабоки и потресни, понекогаш љубовни, тивки или гласни, нежни или моќни. Таа нечујно се движи на работ на сенките, кај што тие едвај видливо се милуваат со месечевите места. А потоа, тивко преде приказни на границата меѓу реалноста и фантазијата, онаму кај што се допираат… стои во предговорот.
Жири-комисијата, во состав: Николина Шопова Андова (претседателка), Весна Мојсова Чепишевска, Милован Стефановски, Славе Ѓорѓо Димовски и Катерина Богоева, ќе го соопшти добитникот на „Романот на годината“ за 2019 година на прес-конференција што ќе се одржи во петок, на 13 март, во просториите на Кинотеката на Република Северна Македонија, со почеток во 11 часот.
Наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава ќе биде врачена по 21 пат. Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои од плакета, оригинална статуетка (дело на Сашо Саздов), како и паричен износ од 150.000 денари.
(Р.Г.)