Премиерот Зоран Заев, пред официјално да даде оставка заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и со албанскиот премиер Еди Рама неодамна во Тирана потпишаа значајни договори
Како што јавија агенциите во Тирана се потпишани трилатерални и билатерални договори за регионална соработка, чиј резултат меѓу другото треба да биде заеднички пазар на труд на Северна Македонија, Србија и Албанија, кој треба да започне на почетокот на идната година.
Во пресрет на самитот во Тирана, Вучиќ, Рама и Заев во отворено писмо ги повикаа останатите држави од регионот да се приклучат кон иницијативата, нагласувајќи дека тоа не е утешна награда наместо членство во ЕУ, туку голем чекор кон тоа.
Тројцата лидери во авторска статија за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг” (ФАЗ), ја повикаа новата германска влада и ЕУ да ја поддржи иницијативата „Отворен Балкан”.
– Се надеваме дека новата влада во Германија ќе ја прифати и поддржи иницијативата Отворен Балкан како придонес за целосно спроведување на Берлинскиот процес, изјавија тројцата лидери.
Во македонската делегација, што ја предводи Заев, се замениците министри за финансии и за земјоделство, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски и голем број стопанственици.
Зоран Заев по вечерата во Елбасан во објава на Фејсбук информираше дека ќе се потпишат повеќе договори за реалните придобивки и добробит на народите.
– Од првата средба во Скопје во јули до првото потпишување на договорите во Тирана, покажавме дека силната политичка волја може да се трансформира во брзо функционирање на нашите институции. Со тоа, го потврдуваме нашиот капацитет како земји за спроведување брзи, ефикасни и напредни реформи и политики за регионална соработка, – истакна Заев.
Според лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, оваа иницијатива е многу значајна за регионалниот развој на економијата и олеснување на движењето на луѓето, услугите и стоките во регионот.
Заев, Рама и Вучиќ го потпишаа заеднички договор за услови за слободен пристап на пазарот на труд во Западен Балкан, како и договор за поврзување на шемите за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.
Потоа, министрите за земјоделство на Албанија и на Србија, Фрида Крифца, Бранислав Недимовиќ и заменик министерот Трајан Димковски го потпишаа Договорот за соработка во областа на ветеринарството, фитосанитарната и безбедноста на храната и животните.
Исто така, дојде до потпишување на Договорот меѓу Владата на Северна Македонија и Советот на министри на Албанија за взаемно признавање на одобрените овластени деловни субјекти за сигурност и безбедност (АEOС), како и на Договорот меѓу Владата на Србија и Советот на министри на Албанија за заемно признавање на одобрените овластеи деловни субјекти (АЕОС).
На претходните состаноци на „Отворен Балкан” во Скопје во јули годинава и во ноември во Белград, беше објавено дека целта е од јануари 2023 година да се укинат границите за трите земји кога станува збор за слободно движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, како и од 2022 година да стапи на сила единствената работна дозвола.
На средбата во Скопје, кога неформалното име „Мал Шенген“ беше сменето во „Отворен Балкан“, беа потпишани три документи: Договор за соработка во заштитата од катастрофи на Западен Балкан, Меморандум за разбирање за соработка во олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки на ЗБ и Меморандум за разбирање за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан.
На 10 октомври 2019 година, Вучиќ, заедно со Рама и македонскиот премиер Заев, во Нови Сад ја покренаа иницијатива која неформално беше наречена „Мал Шенген“.