Да се очекува дека во кусото време до распуштање на Парламентот ќе се овозможи веројатно тешка расправа околу пријавените кандидати за советите на двете институции – ААВМУ и МРТВ, по толку долго време опструкција на реформските процеси од страна на ВМРО ДПМНЕ е просто незамисливо. Ообено кога го нема странскиот „стап и морков“. А говориме за „пржински избори“, но ја отфрлуваме контролата врз медиумите во предизборниот процес која се надвиснува со својата можеби пресудна улога
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Иако повторувањата во историјата имаат шанса да бидат наречени и фарса, сепак нашите политички елити одлучија после првите парламентарни избори, кои беа дел од т.н. пржински процес, оние во декември 2016 година, да се повторат на наредните парламентарни избори што треба да се одржат во април 2019 година. Истите, имено, ќе се одржат под името на една скопска населба каде долго, дури и предолго се одржуваа политички преговори под силен меѓународен надзор – пржински.
Да се потсетиме дека Пржински договор е потпишан помеѓу лидерите на тогашните четирите најголеми политички партии во земјава за разрешување на политичката криза во Македонија и тоа на 2 јуни 2015 година.
Содржината на овој договор ја обврзуваше актуелната Влада да поднесе отставка на 100 дена пред следните избори, кога ќе биде назначена новата влада во мешовит состав. Беше одреден и следниот датум за избори – 24 април 2016 година, но тие не се одржаа бидејќи СДСМ процени дека нема услови за фер изборен натпревар. Веќе распуштениот Парламент потоа одново се собра (тоа е она искуство за кое се говори од страна на политичките чинители, со резерва само на спикерот на Собранието Џафери).
Во рамки на новата ситуација, во поправителниот термин, на 29 јули 2016 година Собранието со 90 гласови ги донесе измените на Законот за внатрешни работи, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Изборниот законик, Законот за Влада по скратена постапка. Против пакетот измени гласаа само независните пратенички Роза Топузова Кареска и Солза Грчева. Со измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги а заради недоерба во непристрасмиот однос на постојната институција во однос на претставувањето на политичките партии во предизборниот процес, само во тој домен се формираше ад хок тело, чија функција траеше до завршување на изборите.
Се до тука е историја, секако таква и ќе останеше да не беше постојаниот притисок на новата опозиција, претходно владеачка гарнитура, секои наредни парламентарни избори да бидат со ореолот на пржинските заклучоци од пред четири и пол години.
Во атмосферата која во земјава владееше после потпишувањето на Преспанскиот договор а во рамки на договорот за референдумските услови за промени на името на земјата, на 27 јули лани премиерот Заев, во име на лидерите на четирите политички партии што учествуваа во тој, еден вид на обновен пржински процес, за претставниците на медиумите изјави дека се прифаќаат сите услови на Христијан Мицкоски за изборот на ДИК. Имаше и договор околу финансирање со вклучени предлози на опозицијата. „Денес, го прифативме и барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се направат законски измени кои ќе овозможат техничка влада да ги спроведува секои парламентарни избори, со формат идентичен на пржинскиот“. Медиумите во сите тие разговори не се споменаа.
А ова се случуваше додека во надлежното собраниско тело со месеци една од големите опозициони партии посотјано го блокираше донесувањето на новиот Закон за медиуми, кој пак носеше правен основ за реформи во институциите како ААВМУ и Македонската радио и телевизија. Во такви услови, иако тоа никој не го стави на маса, се постави прашање – дали помрднувањето од мртвиот агол на овој закон ќе ја замени потребата од своевидното комплетирање на т.н. пржински процес во сите сегменти, па и во медиумскиот, кога се работи за правилата на следење на медиумските активности за и околу парламентарните избори. Нема белким да се спориме одново дека истите луѓе кои си седат на сегашните позиции во споменатите две институции немаа доверба кај сите политички чинители, но и во јавноста околу својата непристрасност!
И се случи донесувањето на споменатиот Закон, веројатно со претпоставени компромиси, на 28 декември лани, кога Собранието во рамки на 78. седница ги донесе измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги. Со овој чекор се очекуваше да се обезбеди транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиоадифузен сервис и транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизулените медиумски услуги.
Во содржината и суштината на предложената измена и дополнување се интегрирани забелешките на новинарските и медиумските организации, а дополнително се вградени и клучните препораки на експертите на Советот на Европа и на ОБСЕ во врска со намалувањето на политичкото влијание врз медиумите, јавниот сервис и медиумскиот регулатор.
Најмногу измени на Законот се околу зголемување на надлежноста на Советот на Агенцијата, како и промени во однос на работењето на директорот на Агенцијата. Измени има во однос на пропишувањето на начинот на избор на членови на Програмскиот совет на МРТ, околу финансирањето, како и за работното искуство на директорот.
Дамајан Манчевски, министерот за информатичко општество и администрација истакна дека решенијата во законот се квалитетни, иако не се најдобри. Требаше потоа да се распише конкурс за заинтересирни лица за члнови во советите (на ААВМУ и на МРТВ), што се направи со големо задоцнување, речиси од половина година. Комисијата за избори и именувања требаше да ги пушти кандидатите на јавна расправа најдоцна еден месец по нивното пријавување и тоа не се случи. Нивните имиња само се испратени во Антикорупциска за да се утврди дали има судир на интереси и оттогаш минуваат месеци и тука нема никакво помрднување!
И сега сме во некаков цајтнот, бидејќи, кандидатите ниту се минати низ првата селекција (дали нивните кандидатури од формална страна се валидни), ниту имаме јавна расправа за таа тема, а каде се тука усогласувањето во собраниската комисија која треба да обезбеди двотретинско мнозинство за листата на предлози, откако ќе ја „скрои“.
Во овие денови такво мнозинство е многу тешко да се обезбеди дури и ако има многу „партиски мунасипи“. Пред се затоа што кандидатите кои се пријавени во голем дел се одново истите (постојните) во овие тела! Што се доби со тоа повеќегодишно растегнување со носењето на овој Закон?
За седум места во Агенцијата за медиуми се кандидирале 28 новинари, инжењери, правници и економисти и пред се досегашни членови во трка за 7 места во Агенцијата за медиуми. Помал е интересот за членови на програмскиот совет на МРТВ со 18 кандидити за 11 места. И за нив ќе проверува Антикорпуциска. Што и да резонира Антикорпуциска конечниот филтер ќе го направи собраниската комисија. Ова е активност која се очекуваше во јули годинава, кога не беше на повидок одржување на избори, но сепак термините се уште како да не значат ништо, бидејќи, немаме никакво забрзување на процесот. Оттогаш наваму никој не се огласува по ова прашање?
Еве ги некои од кандидатите за членови на советите во споменатите институции.
Од новинарската фела, кандидати членови на Советот на Агенцијата за медиуми се поранешниот претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, уредничката на телевизија Телма, Сања Васиќ, новинарот Љубиша Николовски, уредникот на радиоемисијата Стадион на Канал 77 радио, Стојанче Наумов – Столе, како и уредникот на Алфа ТВ Љупчо Цветановски, некогашниот директор на ТВ Канал 5+ и претседател на поранешното еснафското здружение на национални телевизии АПЕММ, Виктор Грозданов, како и сопственикот на порталот Фактор, Александар Манев. На листата се и поранешни членови на некогашната Лустрациска комисија, Шпенд Винца и Даут Даути. Актуелниот член на Советот на АМВУ, новинарот Зоран Фиданоски повторно се кандидирал, а од моменталниот состав пак се кандидирале и Лазо Петрушевски, електроинженер од Велес и новинарот и уредник од Куманово, Селвер Ајдини. Кандидати се и медиумските експерти Климе Бабунски, Снежана Трпевска и Сефер Тахири.
За Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија (МРТ) има 19 претенденти. Меѓу кандидатите се уредникот на порталот „Сакам да кажам“ и основач на весникот „Вест“, Горан Михајловски, новинарката Јасмина Миронски, Веле Митаноски и Бране Стефановски. Дури шестмина од актуелниот состав на советот повторно се кандидирале за членство во ова тело. Тоа се Смилка Јанеска Саркањац, Ведат Мемедали, Керим Селпин, Ристе Панов, Илир Рамадани и Гајур Рамадани.
Што да се каже сега? Дали – ако имаше такви забелешки за работењето на Ад хок телото од 2016 година – во непосредна иднина ќе имаме помало мешање на политиката? Најпрво, јасно е дека клучот во изборот ќе ги имаат пратениците во Комисијата за избори и именувања, дека тие, кога ќе се усогласат, ќе излезат во собраниската голема сала со список кој веројатно ќе има 80 гласови зад себе. Но, нема услови тој список да биде составен така што предност би имале независни, стручни и борбени кндидати, да речеме за разлика од оние кои се веќе докажани миленици на партиски штабови. Впрочем, целата тактика на ВМРО ДПМНЕ, која веќе може да се прогласи за победничка, беше таква што подолго да го остави постојниот состав во двта совети и раководства да ги одржува во „работна кондиција“; тие членови си се јавиле повторно убедени дека барем еден дел од пратниците секако ќе го валоризира нивниот досегашен труд и дело. А ако има „консезуси“, кои мора да ги има, тие веќе имаат „добри карти“ во раката.
Со Советот на МРТВ речиси е сосема јасно дека промени речиси и нема да има, што сугерира дека власта веројатно и не е задоволна од постојната ситуација, па и не ја стиска папучата за гас по ова прашање а опозицијата си е комотна во ситуација кога ќе го има она што го изгуби во 2016 година а за што зажали веднаш откако ад-хок телото почна да работи. Тоа јасно го кажуваше на партиските митинзи првиот човек на ВМРО ДПМНЕ Груевски.
Молчењето на голем дел на организации – предлагачи на кандидати за членови на советите (а таква поддршка беше барана во конкурсните услови) само покажува дека тие, можеби опортунистички, не сакаат да ги лутат оние кои треба да дигнат два прста во Парламентот?! Особено кога го нема меѓународниот пресинг и надзор над предизборниот процес како во 2016 година!
И конечно да се вратиме на дилемата – можеме ли да имаме пржински избори без да се обезбедат сите предуслови за фер политички натпревар, како основа на тие политички преговори на четирите партии од минатото? Многу е наивно да се прифати дека медиумите треба да се надвор од тие предуслови. Да не правиме „историска грешка“!