АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Теоријата на БАН дека нашиот јазик е „писмена регионална норма“ на бугарскиот јазик датира од 1978. Таа е изложена и образложена во една статија, „Единството на българския език в миналото и днес,“ објавена во сп. „Български език.“ Значи, во таа далечна 1978 прво се „изјасни“, по тоа прашање, нивната наука, а потоа политиката на бај Тодор Живков
Во духот на „претпазливата логика“ на Вашиот министер за надворешни работи г. Никола Димитров Вие, г. премиер, пред ден-два изјавивте дека „прашањето за македонскиот јазик“ ќе сте го „решевале“ директно со премиерот на бугарската влада г. Бојко Борисов, низ „призма на пријателство“ како што сликовито се изразивте.
Се плашам, почитуван г. премиер, дека тука станува збор за две различни „призми на пријателство“ кои, како што се знае уште од времето на Платон, сепак имаат нешто заедничко. Тоа заедничко е, според филозофијата на учителот на Аристотел, сличноста, „душа на разликите.“ Таа „душа на разликите“ може да се спореди со славното „кривое зеркало“ (криво огледало) на знаменитиот руски писател Антон Павлович Чехов. А зошто?
Тоа „кривое зеркало“ на Чехов имало необична, чудесна способност: сè што било грдо во човекот да го претвора во – убаво и, „разбира се“, обратно: сè што било совршено убаво да го претвора во грдо. Верувам дека Вие, г. премиер како, впрочем, и сите што ги читаат овие редови, секако се прашувате: каква врска имаат „призми на пријателство“ на двајца премиери на две соседни земји со тоа „кривое зеркало“ на Чехов?
„Призмата“ на г. Борисов која е, истовремено, и призма на Парламентот на таа соседна земја, како и на БАН, тоа што е особеност и посебност на нашиот јазик и нација, го гледа како „светотатство“, како „родоотстапништво“ затоа што, на пример, има учени „јазиковеди“ во нашата земја кои направиле литературен јазик од некои „бугарски дијалекти“ со помашта на „српска машина за пишување.“ Или, накусо, тоа што е убаво за нас, тоа што нè разликува и одликува по однос на соседите и кое, ајде да се изразам и јас по малку учено, сето тоа што нè идентификува, за призмата на г. Борисов е, со еден збор, грдо!
Вашата, се осмелувам да речам г. премиер, оптимистичка „призма на пријателство“ верува дека може да го поправи и исправи тоа што го гледа „призмата“ на г. Борисов, на Парламентот на неговата земја и секако на БАН, највисоката учена установа во истата земја. Сакам само да речам со тоа дека Вашата „призма на пријателство“ не е насочена кон бугарската историја, нација и јазик како „призмата“ на г. Борисов која е насочена кон македонската историја, нација и јазик, туку, пред сè и во прв ред, кон неговата „призма на пријателство.“ Од тоа следува, во најмала рака, дека тој треба да се откаже од тоа свое „кривое зеркало,“ а во име на – Вашето! Да се откаже?
Јас не верувам дека е во состојба да го направи тоа од еден куп причини од кои една игра крупна улога. Таа причина е врзана со сломот на Илинденското востание (1903), со периодот пропаганди на соседните држави на теренот на Македонија (1904-1908), со Првата балканска војна (1912) и Тајниот анекс меѓу српската и бугарската влада за поделбата на Македонија, со Букурешкиот мир (1913) кој го потпиша и С. Радев од Ресен, со „втората национална катастрофа“ на таа земја по Првата светска војна, па потоа со нејзината „трета“ откако беше победен хитлеризмот во чија „орбита“ се најде, по некоја зла коб на судбината, пак Бугарија која, според зборовите на г. Борисов, никогаш не била „фашистичка земја.“ Или, ако веќе и била, тогаш била затоа што, во еден период, сите земји на Европа биле, повеќе или помалку, фашистички.
Сега сакам, почитуван г. премиер, да Ве потсетам уште и на следното.
Теоријата на БАН дека нашиот јазик е „писмена регионална норма“ на бугарскиот јазик датира од 1978. Таа е изложена и образложена во една статија, „Единството на българския език в миналото и днес,“ објавена во сп. „Български език.“ Значи, во таа далечна 1978 прво се „изјасни“, по тоа прашање, нивната наука, а потоа политиката на бај Тодор Живков. По тој ред и кај одеа тие, во секој поглед, „чупави и длакави“ работички. Првин, на своја рака и по своја иницијатива, Блаже Конески, во соработка со Тодор Димитровски и Трајко Стаматовски одговори на таа злобна провокација со книгата „За македонскиот јазик“ (1979), а дури потоа се сети нешто да каже, по тоа прашање, и ЦК СКМ на тогашниот претседател Ангел Чемерски.
Јас Ве молам, г премиер, да ја прочитате таа книга пред да ги почнете Вашите разговори/преговори со г. Бојко Борисов. Нема да ви одземе скапоцено време. Можеби два-три часа, зашто има неполни 100 страници. Најдете барем толку време затоа што, по тие прашање, многу подробро е човек да има некој личен увид, отколку да се потпира на увидот на своите советници.