АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Една добро позната вистина на политичката филозофија вели: ако вие сте поминале десет години под власта на автократ, ви требаат уште толку за да ја деконтаминарате државата од таа автократија. Згора на тоа, тие договори со соседни земји се „болни компромиси.“ По правило, оставаат лузни во „колективната душа“ кои зборуват било тивко, било гласно
Откако, по многу незвисности кои доведоа до т.н. „крвав четврток“ од 27 април 2017. по сценарио и режија (длабоко сум убеден во тоа!) на екс-премиерот Н. Груевски, сега азилант во Унгарија, формиравте влада заедно со г. А. Ахмети, Вие направивте, како што се очекуваше, некои смели исчекори чија прва и главна цел беше да се изведе државата од дестгодишната меѓународна изолација. Тие смели исчекори добија своја конкретизација во т.н. „Преспански договор“ со г. Алексис Ципрас, експремиер на грчката влада, и со г. Бојко Борисов, aктуелен премиер на бугарската влада.
Договорите со две соседни земји наидоа на несподелена, дури еуфорична поддршка од меѓународната, и поделена во нашата, домашна јавност, длабоко контаминирана од десетгодишната автократска власт на сегашниот азилант Н. Груевски. И тоа беше (и е!) очекувано затоа што една добро позната вистина на политичката филозофија вели: ако вие сте поминале десет години под власта на автократ, ви требаат уште толку за да ја деконтаминарате државата од таа автократија. Згора на тоа, тие договори со соседни земји се „болни компромиси.“ По правило, оставаат лузни во „колективната душа“ кои зборуват било тивко, било гласно. Тоа е огорчен глас на „колективна душа“ кој, како што е обичај не само кај нас туку и во светот, добива артикулација преку политичка партија што се смета себеси за автентичен израз на „колективна душа.“ Се знае добро која е таа партија кај нас. Затоа нема да трошам зборови на таа тема..
Ќе потсетам само дека таа политичка партија, во времето на автократот Н. Груевски пристапи кон редефиниција на македонскиот национален идентитет преку страшниот и срамен проект истовремено „Скопје 2014., за што потроши околу 660 милиони позајмени евра. Страшен, затоа што тој проект сведочи што сè може да направи еден колку неук и неспособен, толку и искомплексиран човек кога ќе се дограби до власт. Срамен, затоа што нашата јавност не покажа ниту некоја волја, а ниту дораснатост да се спротивстави и да спречи болна замисла на примитивен и насилнички ум кој ја материјализира во проектот „Скопје 2014“ со кој и ден-денес ни се подбива светот, а ќе ни се подбива и натаму ако се однесуваме кон него како да го – нема.
Зошто одбрав да зборувам за тој проект на автократот Груевски? Затоа што Вие, г. Заев, сакале или не, со вашата влада му давате не само легитимитет туку и легалитет на тој страшен и срамен проект. Добро се сеќавам дека уште пред да направите влада вие изјавивте дека имате силни, во прв ред економски мотиви да не го гибате тој страшен и срамен проект. Рековте дека за уривањето на стиропор-архитектурата и за дислокација на шумата споменици треба да се потрошат 70% од оние фрлени во бунар 660 милиони евра или, приближно, нови 396 милони евра. Вие го рековте тоа како економист кој, како и секој економист, верува дека стомакот е поважен од духот; дека, како што учеше марксизмот, на прво место е материјалната храна за човекот, дури потоа онаа друга, „духовна.“ Првата е „база“, а втората, онаа на духот, е „надградба.“ Што значи дека втората е нешто како паразит на првата.
Вие, г. Заев, и по возраст и по образование сте далеку од таа доктрина која, допуштете да потсетам, и ден-денес е жива и делотворна во друг облик и со друго име. Многу угледни авторитети во светот, меѓу нив и економисти- нобловци како, на пр., Ф. Штиглиц, докажаа дека модерната неолиберална мисла во економијата е марксистичка по дух. Ако марксистичката мисла ја издигна „планската економија“ на пиедесталот апсолут кој ќе ги реши, еднаш за секогаш, сите проблеми на човекот, тоа го стори и неолибералната економска мисла; таа направи свој, неолиберален апсолут (= Бог!) од славната „тајна рака на пазарот“ и, по тоа, не се разликува, од екномската мисла laissez-faire, laissez-passé на дивиот капитализам кој денес пустоши во Македонија.
Се плашам, г. Заев, дека Вие, во духот на времето, и дадовте полна доверба на таа неолиберална мисла која не само што легитимира и легализира еден страшен и срамен проект кој и ден-денес му зборува на светот колку сме незрели, недораснати и, со тоа, неспособни да се носиме со предизвици кои се, така да се рече, вграден во системот демократија, тука таа неолиберална мисла на особен начин ја моделира и вашата политичка мисла. Кога го велам тоа мислам, во прв ред, на вашиот вроден оптимизам кој колку што помага да се отворат тешко залостени политички врати, толку и замаглува око на човек кој се занимава со политика. А пак таа политика меѓу вредностите интерес и правда е на страната на – интересот. Не мислам дека тој ваш вроден оптимизам е лоша препорака за политичар. Мислам дека, во комбинација со некритичка доверба во една неолиберлна мисла може да ве доведе и до болни разочарување за кои и самиот кажавте нешто кога отворите душа по француското вето за почеток на нашите преговори за влез во ЕУ. Нека биде толку во ова прво писмо.