Пред половина век Партијата се проширила низ целата држава, а весникот кој го издавале циркулирал помеѓу 250.000 луѓе. Најсилниот огранок во овој период се наоѓал во Чикаго, под водство на харизматичниот Фред Хамптон. Неговата појава на политичката сцена во САД, од страна на ФБИ била оценета како високо ризична, а во самите извештаи е запишано дека мора да се запре „издгигнувањето на месијата“
ЕВГЕНИЈ ЛИТОВСКИ
Хемптон: „Верувам дека ќе умрам како револуционер во меѓународната пролетерска револуција“.
Основачи на Партијата на Црните Пантери за самоодбрана (Black Panthers Party for self-defense), биле младите студенти Хјуи Њутон и Боби Сил. Тие се запознале во 1962 година, на колеџот Мерит во Окланд, од каде започнува нивната политичка инволвираност, пропратена со револуционерна активност. Иако живееле во Оакланд, двајцата потекнувале од семејства кои доаѓале од Југот на САД, каде расната сегрегација била законски одобрена. Поради тоа, нивните семејства се преселиле во Калифорнија, каде општествената положба не била значително подобра за афроамериканците, а тоа најмногу се манифестирало преку полициската бруталност врз афроамериканското население. Во такво опкружување пораснале Њутон и Сил, па токму од таму, нивниот гнев на прво место бил насочен кон полицијата. На улиците на Окланд, секојдневие биле убиствата врз афроамериканци од страна на полицијата, од што доаѓа идејата кај двајцата млади студенти, да формираат милитантна организација која ќе ги надгледува полициските патроли на улиците во Окланд. Таа милитантна револуционерност кај нив потекнувала од влијанието на добро познатиот борец за афроамерикански права, Малком Х.
ПРАВОТО НА ОРУЖЈЕ На 15 октомври 1966 год., Хјуи Њутон и Боби Сил основале организација која ја нарекле Партија на Црните Пантери за самоодбрана. Името го презеле од амблемот на Организацијата за слобода во округот Лаундс во Алабама, чиј симбол бил црниот пантер. Во тој период во САД, постоеле повеќе движења и организации составени од афроамериканци кои се бореле за нивните права, меѓутоа сите тие биле главно засновани на таканаречената „Црна моќ“. Тоа била главната разлика од самиот почеток во Партијата на Црните Пантери, односно влијанието кое Њутон и Сил го имале од комунистичката идеологија. Тие во текот на нивниот развој се имале запознато со делата на Маркс, Ленин, Мао Це Тунг, Фидел Кастро, Че Гевера итн., па од нивните идеи ја изградиле својата идеологија, која ја имплементирале во Партијата на Црните Пантери. Од друга страна, милитантната револуционерност им потекнувала од Малком Х, кој бил убиен во 1965 година.
Хјуи Њутон кој инаку бил студент по правни науки, ги изучувал законите за оружје во Калифорнија, кои дозволувале да се поседува оружје, доколку е јавно истакнато. Токму од таму, потекнувала идејата за вооружено надгледување на полициските патроли. Првото оружје кое успеале да го купат, било со парични средства кои ги стекнале преку продажба на поголем број примероци од „Малата црвена книга“ на Мао Це Тунг, која била објавена во 1964 година. Така до крајот на 1966 година, нивниот план веќе се претворил во акција, односно започнале со вооружено надгледување на полициските патроли во Окланд. Тоа секако дека започнало да го привлекува вниманието на полицијата, но и на останатото население од афроамериканската заедница, кое полека но сигурно започнало да станува дел од Партијата на Црните Пантери. Веќе во првите неколку месеци од 1967 година, иако не многубројни, Црните Пантери биле главна грижа за Окландската полиција. Токму поради тоа, било одлучено да се промени законот за оружје во Калифорнија, со тоа што ќе се направи нелегално. Тоа го предложил Дон Мулфорд кој бил правник од Окланд, и токму по него, законот е наречен „Мулфордов акт“. Изгласувањето на овој закон било на 2 мај 1967 год., во собранието на Калифорнија, сместено во Сакраменто. Меѓутоа, Црните Пантери биле свесни дека овој закон е насочен поради нивната активност, па Боби Сил заедно со 26 членови, се упатил во Сакраменто. Тие упаднале во собраниската сала, вооружени, предизвикувајќи „огромен страв“, кај присутните. Инцидентот завршил со притворање на Боби Сил и сите Црни Пантери кои биле дел од овој настан, со кој Партијата стекнала голема популарност и започнала да се шири низ целата држава.
ПРОГРАМА ВО 10 ТОЧКИ Само десеттина дена подоцна, односно на 15 мај 1967 год., Партијата на Црните Пантери ја објавува првата верзија од својата т.н. „Програма со 10 точки“. Оваа првична програма е пишувана во духот на левичарската идеологија, проткаена со елементи на „Црната моќ“, меѓутоа за кратко време, таа еволуирала во чиста комунистичка програма. На таков начин, веќе за само една година, програмата била проширена и наречена „Што сакаме – што веруваме“, во која се обвинувале капиталистите како ограбувачи на народот, без разлика на нивната боја на кожа. Така на пример, третата точка која гласела „сакаме да се стави крај на грабежот од страна на белите луѓе врз црната заедница“ било заменето со „сакаме да се стави крај на грабежот од страна на капиталистите врз сите опресирани заедници“.
Оваа промена и веќе јасно дефинираната комунистичка идеологија која започнале да ја негуваат и следат Црните Пантери, не била случајна. Имено, за краток период Партијата на Црните Пантери, успеала да се прошири низ целата држава, и добила поддршка од сите лево ориентирани организации низ САД. Таа поддршка, која водела до идна соработка и создавање на широк фронт против капиталистичкиот систем на САД, јасно била видлива за време на протестите и кампањата „Слобода за Хјуи“, кој во октомври 1967 год., бил уапсен и држен во притвор, после една престрелка со полицијата на улиците во Окланд.
АНТИКАПИТАЛИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА Таа кампања која се случувала низ целата држава, во која зеле учество разни лево ориентирани организации, студентски организации, како и познати личности од САД, на пример холивудскиот актер Марлон Брандо, ја поставила Партијата на Црните Пантери на врвот на грижите на ФБИ. Џеј Едгар Хувер, директорот на ФБИ, изјавил дека Партијата на Црните Пантери е најголемата опасност по безбедноста на САД, па поради тоа, била создадена програма за уништување на оваа организација. Програмата е позната под името КОНТЕЛПРО (Counter Inteligence Program), и насловена е против „Црните групи“ (black hate groups). Меѓутоа, во рамките на оваа програма, влегувале сите организации кои се залагале за правата на афроамериканците, и сите оние кои биле антикапиталистички настроени. Така, дел од оваа програма бил и Мартин Лутер Кинг, Џен Себерг која била холивудска актерка, поддржувач и финансиер на Партијата на Црните Пантери, и многу други кои се доведувале во некаква поврзаност со активноста на оваа организација. Всушност, програмата била во духот на Мекартизмот, и не се бирале средства за уништување на Црните Пантери. Биле користени сите начини во таа насока, па така познати се обидите за поттикнување на анимозитет помеѓу многуте организации кои биле активни во тој период. Пример за тоа е, испраќањето на едно писмо од името на Црните Пантери кон организацијата „Црни Ренџери“, кое било полно со закани за ликвидација на лидерот на таа група. Исто така, интересен е случајот со веќе споменатата актерка Џен Себерг, за која јавно е објавен извештајот на ФБИ. Таму пишува дека Џен Себерг мора да се нападни на сите медиуми за тоа дека има афера со член на Црните Пантери, и на тој начин да се омаловажи нејзиното општествено влијание. Џен Себерг поради притисокот заминала во Франција.
Од друга страна, Партијата на Црните Пантери и покрај сите овие притисоци, продолжувала со својата активност. Имено, тие успеале да започнат општествени програми во секојдневниот живот на луѓето од црната заедница. Тие програми опфаќале образование за децата, организиран превоз на семејствата до затворите кои имале член кој се наоѓал во затвор, набавување облека, рехабилитација од алкохол и дрога итн. Секако, најпозната била програмата за бесплатен појадок на децата. Тоа особено било проблем за државата, бидејќи излегувала на површинa сиромаштијата меѓу населението, во време во кое се случувала војната со Виетнам каде се вложувале огромни парични средства. Токму ваквиот начин на дејствување, односно воведувањето на реална промена во секојдневниот живот на афроамериканската заедница била суштината на постоењето на Партијата на Црните Пантери.
ЗЕНИТ Според сведоштвата на членовите, кои се претставувале како „авангарда на револуцијата“, ваквото организирање била „вистинската револуција“. Меѓутоа, секако во Партијата имало и радикални членови, кои се залагале за вооружена борба. Тоа најмногу доаѓа до израз, откако централна личност меѓу Црните Пантери станува Елдриџ Кливер, кој се истакнува за време додека Њутон и Сил се наоаѓале во притвор. Во текот на неговата активност, Партијата на Црните Пантери го достигнува својот зенит, односно во 1968 година. Сепак, поради вооружена престрелка со полицијата во април 1968 година, во која бил убиен седумнаесетгодишниот Боби Хатон, еден од првите членови на Партија, Кливер кој бил учесник во престрелката бил уапсен, а по неговото излегување од притвор пребегнал во Алжир. Таму, Кливер ја продолжил својата активност отворајќи Меѓународна организација на Црните Пантери. Кливер имал план во Алжир да обучува членови, кои потоа ќе бидат испратени во САД, меѓутоа оваа паралелна активност на Кливер во Алжир, ќе биде клучна за подоцнежната поделба на Партијата на Црните Пантери.
Сепак и покрај ваквиот развој на настаните, односно затворањето на нивните лидери, Партијата на Црните Пантери не само што не згаснала туку го живеела својот зенит. Во текот на 1969 година, Партијата се проширила низ целата држава, а весникот кој го издавале циркулирал помеѓу 250.000 луѓе. Најсилниот огранок во овој период се наоѓал во Чикаго, под водство на харизматичниот Фред Хамптон. Неговата појава на политичката сцена во САД, од страна на ФБИ била оценета како високо ризична, а во самите извештаи е запишано дека мора да се запре „издгигнувањето на месијата“. Главното прашање е зошто Фред Хемптон бил сметан за главна закана и централна личност? Имено, Хемптон имал неверојатни лидерски способности и за разлика од останатите истакнати Пантери, тој се залагал за создавање широк антикапиталистички фронт. Во таа насока започнал да соработува со студентски левоориентирани организации, а според ФБИ најголема закана било создавање силна организација на млади луѓе кои би се бореле против капиталистичкиот систем на САД. Поради тоа, на 4 декември 1969 година Хемптон бил брутално егзекутиран од страна на полицијата во Чикаго. Всушност целата ситуација околу неговото убиство е јасен пример за политичка ликвидиција.
(продолжува во следниот број)