Пред половина век Партијата се проширила низ целата држава, а весникот кој го издавале циркулирал помеѓу 250.000 луѓе. Најсилниот огранок во овој период се наоѓал во Чикаго, под водство на харизматичниот Фред Хамптон. Неговата појава на политичката сцена во САД, од страна на ФБИ била оценета како високо ризична, а во самите извештаи е запишано дека мора да се запре „издгигнувањето на месијата“
ЕВГЕНИЈ ЛИТОВСКИ
ФБИ успеала да го уфрли Вилијам О’Нил како инфилтратор во редовите на Партијата на Црните Пантери подолг период пред овој настан. На О’Нил му било ветено дека доколку издава информации за активностите на Партија ќе му биде простена затворската казна која требало да ја одлежи за некаква кражба. Со тек на време, О’Нил бил назначен за лично обезбедување на Хемптон, па така целото негово движење било познато на ФБИ. Вечерта на 4 декември, О’Нил добил наредба да вметне силни седативи во храната на Хемптон, а потоа да даде знак на полицијата за нивно влегување во куќата каде бил сместен Хемптон. Така, во 4 часот наутро, чикашката полиција упаднала во куќата, а Хемптон бил застрелан во главата со два куршуми додека спиел. Веднаш потоа официјалниот извештај на полицијата тврдел дека имало вооружена пресметка со Хемптон и дека двајца полицијаци се тешко ранети. Меѓутоа, по кратка истрага било докажано дека од страна на Црните Пантери бил испукан само еден куршум, додека преку деведесет биле испукани од страна на полицијата, како и тоа дека Хемптон воопшто не успеал да се подигни од креветот во кој спиел. На ваков начин најмаркантната личност во редовите на Партијата на Црните Пантери била ликвидирана. Фред Хемптон имал само дваесет и една година.
Во август 1970 година, од затвор бил ослободен Хјуи Њутон, меѓутоа тој излегол со променет став по прашањето за дејноста на Партијата. Њутон сметал дека мора да се стави крај на радикалните активности и Партијата да се посвети на програмите кои ги организира. Токму поради тоа, се судрил со Елдриџ Кливер кој сè уште бил во Алжир, каде започнал да гради соработка со официјални претставници на Северна Кореја, Северен Виетнам и Кина. Овој судир бил додатно поттикнуван од ФБИ, преку испраќање писма полни со закани помеѓу двете страни. Ваквата нова состојба довела до конечен раскин помеѓу Њутон и Кливер и поделба на Партијата на Црните Пантери. Во оваа насока започнале дури и нарачани убиства, кои го принудиле Њутон да побегне од САД во Куба во 1974 година, откако успеал да ја централизира Партијата во Окланд и да ги затвори сите ограноци во останатите градови. По неговото бегство, на чело на Партијата на Црните Пантери застанала Елејн Браун. Во нејзино време бројот на жени во Партијата се зголемил и тие станале побројни во однос на мажите. Елејн Браун се задржала сè до 1977 година, односно до враќањето на Њутон во САД, кога Браун била принудена од страна на Њутон да ја напушти Партијата на Црните Пантери. Меѓутоа, Њутон во овој период веќе бил замешан со шверц на дрога и партискиот фонд успеал да го искористи во таа насока, сè до 1982 година, кога Партијата на Црните Пантери и официјално престанала да постои.
Иако Партијата на Црните Пантери, својот зенит го доживеала во првите неколку години од нејзиното постоење и не успеала да создаде силна структура која што ќе успее да се задржи на политичката сцена и да направи поголеми промени, нејзината активност е многу значајна за афроамериканското движење, како и за комунистичката идеологија во САД. Со тоа што веднаш била забележана од страна на ФБИ како главна закана по безбедноста на државата, а тоа било така поради изразеноста на комунистичките елементи во нивното движење, уште еднаш го потврдува стравот на капитализмот од развивање на силно комунистичко движење.
(крај)