Македонија и Словенија биле единствени делови од екс-Југославија каде немало ниту еден заболен од големи испаници. Битолски Транскоп дел од ланецот на преносот на заразата. И пред епидемијата со корона имавме друга која беше совладана со голем ентузијазам на медицинскиот кадар. Оттогаш мина половина век
Дениовиве РТС прикажа едне документарец посветен на епидемијата со вариола вера (големи сипаници) која ја зафати тогаш Југославија. Беше тоа срамен настан за една земја која се сметаше дека за она време има пристоен здравствен систем. Едноставно, зборот епидемија се сретнуваше во земјите од третиот свет, на други континенти. Факт е дека од друга страна вариолата беше совладана релативно бргу – првиот заразен пост фестум е регистриран кон крајот на февруари 1972 година а крајот беше прогласен на крајот на мај таа година. Земјата имаше 18 милиони жители а вакцинирани се 13,5 милиони жители, во една организација која била спроведена н сензационален начин. Вакцините стигнале, според овој документарец вакцини како донации стигнале од СССР, Швајцарија и на крајот од САД а покрај тоа производство постоело во Инстутот Торлак.
Во таа брзина немало сосема братство – единство. Словенија – се кажува во документарецот – која прва добила вакцини не ги дала на другите републики, па ни во симболични бројки. Македонија, која последна добила вакцини се одбранила со поставување на гранични бариери кон Косово и – тоа се чини ја спасило.
Епидемијата започнала во селото Дањане, во близина на Ѓаковица во тогашно САП Косово, а според официјалната верзија, била донесена од страна на Ибрахим Хоти по неговото враќање од аџилак на Мека. Болеста наскоро се проширила и на другите делови на СР Србија – Нови Пазар, Чачак и Белград, а имало и заразени лица во Плав во СР Црна Гора. Во документарециот се тврди дека имало и заразени граѓани и во Хрватска и БиХ.
Првите сомнежи за големи сипаници се појавиле на 14 март 1972 г., по прегледите на пациенти кои се пријавиле во болниците во Призрен и Ѓаковица. По потврдувањето на болеста, започната е вакцинација на здравствените работници и населението во загрозените области, а масовната вакцинација подоцна се проширила на цела Југославија, После заболувањето на работник од Нови Пазар, на 22 март, било утврдено дека неговиот покоен брат, учителот Латиф Мумџиќ (1943-1972) бил првата жртва на големите сипаници, и дека тој ја пренел болеста во болниците во Чачак и Белград, по што во нив бил прогласен карантин. Покрај карантините во болницата, формирани биле и амбулантски карантини, во кои престојувале лица кои биле во контакт со заразените.
За време на борбата против големите сипаници, епидемиолошките служби и здравствените работници покажале голем напор и жртва, спречувајќи епидемија од големи размери, поради што на 21 април добиле признание од Светската здравствена организација, која го испратила д-р Рајнхард Линдер, познат епидемиолог од Австрија, во Југославија.
За време на епидемијата, 184 лица се разболеле – 123 во САП Косово и 32 во Белград, а вкупно 40 починале (смртност 21,7%).[1Меѓу заболените имало шест здравствени работници – тројца лекари и три медицински сестри, од кои две починале – Душица Спасиќ (1951—1972), медицинска сестра од Белград и Милка Ѓурашиќ (1947— 1972), медицинска сестра од Чачак. Епидемијата била официјално објавена дури на 25 март и траела до 23 мај, а карантините постепено биле укинати од 12 до 19 мај.
Како предтекст на епидемијата треба да се знае дека болеста се појавила на Блискиот Исток, Светската здравствена организација во јануари 1970 г. издала предупредување до сите превозници во земјите со муслиманско население да ги заостраат условите под кои аџиите ќе бидат пренесени до нивните одредишта. Ова предупредување било повторено во јануари 1971 и 1972 година, а во согласност со тоа, Сојузниот секретаријат за труд и социјална политика на СФРЈ ги вовел следниве мерки: вакцинација на патници, запознавање на службените лица со списоците на патници, надзор на патниците по враќањето, итн. Приоритет при патување на светите места имал воздушниот сообраќај, а автобускиот превоз биле значително намален. Покрај пасошите и визите, сите патници требало да имаат потврда за задолжителна вакцинација против сипаници, т.н. „жолта книшка“, која содржела датум на вакцинација и датум на контрола.
Ибрахим Хоти (1937), трговец со брашно и жито од селото Дањане, близу Ораховац, планирал да оди на аџилак во Мека, па на 20 декември 1971 година заминал во Скопје за да ја прими задолжителната вакцина, иако бил вакциниран во младоста. Додека чекал вакцинација на Клиниката за инфективни болести во Скопје, Хоти добил информација од еден човек дека по вакцинирањето може да добие реакција во форма на осип на лицето или телото. Со цел да ги избегне несаканите реакции, тој по вакцинацијата го избришал местото на инјектирање со медицински алкохол, со што го поништил дејството на вакцината. Сепак, тој добил сертификат за вакцинација без контрола за нејзиниот успех.
Заедно со уште 24 патници, Хоти заминал на аџилак во средината на јануари 1972 година со автобус на Транскоп од Битола, и покрај вообичаените свети места во Саудиска Арабија (Мека и Медина), автобусот минал и низ некои од светите места во Ирак и Сирија. Автобусот со аџиите се вратил во Југославија на 15 февруари, а Хоти истиот ден пристигнал во неговото село Дањане. Тука, тој бил пречекан од членови на семејството, како и од роднини, пријатели и соседи кои му честитале за аџилакот. Во следните денови, тој ги посетил и примил пријателите, роднините и другите љубопитни луѓе, кои ги слушале неговите приказни за аџилакот, како и за местата што ги посетил..
Една недела по враќањето, Ибрахим Хоти заминал на пазарот во Ѓаковица на 21 февруари, каде се сретнал и се поздравил со наставникот Латиф Мумџиќ. Истиот ден по враќањето од Ѓаковица, Хоти добил треска, а според подоцнежните изјави на сведоците, тој веќе имал чиреви по лицето. Дванаесет дена по средбата со Хоти во Ѓаковица, Мумџиќ почувствувал гадење и болка во грбот и стомакот. Повраќал неколку пати, а потоа следела висока температура и главоболка. Следниот ден, тој отишол во Нови Пазар да побара медицинска помош. Бидејќи првичната терапија не му помогнала, тој отишол кај друг лекар, кој му препишал пеницилин поради болки во грлото. За да може да ја прими новата терапија, Латиф престојувал во Нови Пазар, кај неговиот постар брат Наџиб. Откако добил осип на кожата, Латиф отишол во здравствениот дом со својот брат, од каде бил испратен во болницата во Чачак поради сомневање за алергиска реакција на пеницилин.
На 8 март 1972 година, Латиф Мумџиќ бил сместен во Одделот за кожни и венерични болести на Општата болница во Чачак, каде што бил примен од д-р Добрила Мишовиќ и медицинската сестра Милка Ѓурашиќ. Бидејќи состојбата му се влошувала, тој најпрво бил пренесен на Одделот за трауматологија, а потоа утрото на 9 март бил пренесен со брза помош во Белград, каде бил примен на Клиниката за дермато-венерологија. Бидејќи тој ден на клиниката се одржувале вежби со студенти од четврта година на медицина, директорот на клиниката одлучил да им го покаже пациентот на студентите како „исклучително тежок случај на алергија на пеницилин“. Поради понатамошни компликации, вклучително и повраќање на свежа крв и крварење од анусот, Мумџиќ бил пренесен на Одделот за итна хирургија и трауматологија на Првата хируршка клиника во улицата „Генерал Жданов“, каде што бил примен од д-р Југослав Пантиќ и медицинската сестра Душица Спасиќ. По прегледот во клиниката за прием, пациентот бил сместен во шок-соба, каде лежеле уште 11 пациенти. По релативно мирната ноќ, Латиф Мумџиќ (1943-1972) починал наредната вечер, на неговиот роденден на 10 март во 21:15 часот, откако претходно претрпел пеколни маки. Следниот ден, роднините на Латиф, одбивајќи ја обдукцијата, го презеле неговото тело, по што, според муслиманските обичаи, бил погребан на градските гробишта Газилар во Нови Пазар.
Неколку дена подоцна, братот на Латиф, Неџиб Џибо Мумџиќ, комерцијалист на текстилниот комбинат „Рашка“, добил висока температура. Лут на лекарите, поради смртта на неговиот брат, тој побарал медицинска помош дури на 19 март во здравствената станица во фабриката каде што работел. Дежурниот лекар, д-р Шефкија Спаховиќ од Сјеница, веднаш се посомневал на големи сипаници, затоа што тоа утро прочитал во весникот „Политика“ за појавата на неколку случаи во САП Косово. По проверката, Спаховиќ бил убеден дека станува збор за сипаници, па наредил веднаш да се изолира Мумџиќ.
Во меѓувреме, од болеста на Латиф Мумџиќ до болеста на неговиот брат Неџиб, во болниците во Ѓаковица и Призрен се појавиле осум пациенти за кои постои сомневање дека биле заразени со големи сипаници. Меѓу нив биле шестгодишната Садета, роднина на Ибрахим Хоти и брачна двојка од селото Дањане. Лекарите на одделот за инфективни болести на болницата во Приштина и членовите на покраинскиот завод за здравствена заштита на САП Косово, д-р Светислав Зоњиќ и д-р Комнен Тмушиќ, први утврдиле на 14 март 1972 година дека станува збор за големи сипаници. Тие телефонски ги информирале надлежните здравствени власти во Белград, а во текот на ноќта, за Косово и Метохија заминале инфектолозите проф. д-р Миомир Кецмановиќ и проф. д-р Војислав Шуваковиќ, професори на Медицинскиот факултет во Белград и д-р Марко Борѓошки и д-р Радослав Бошковиќ, од институтот Торлак.
Професорите Кецмановиќ и Шуваковиќ се сретнале со големи сипаници во Индија, каде учествувале во искоренувањето на оваа болест преку Светската здравствена организација. По земањето примероци од осум пациенти од Призрен и Ѓаковица, следниот ден, на 15 март, анализите на Институтот за имунологија и вирусологија „Торлак“ во Белград потврдиле појава на големи сипаници, по што бил прогласен карантин во болниците каде што се наоѓале заразените.
Два дена по регистрацијата на големи сипаници, со одлука на Извршниот совет на Собранието на САП Косово, на 17 март бил оформен Покраинскиот штаб за борба против големи сипаници. Истиот ден завршила вакцинацијата на медицинскиот персонал и започнало вакцинирањето на населението во општините Ораховац, Призрен и Ѓаковица. Покрај карантинот во болниците во Призрен и Ѓаковица, бил формиран и карантин во селото Дањане, а органите на Секретаријатот за внатрешни работи испитувале кој бил во контакт со заразените. Во Белград исто така бил вакциниран медицинскиот персонал, а вакцинацијата на населението започнала со вакцинирање на работници во угостителството, сообраќајот, милицијата, итн.
Првата вест за големите сипаници била објавена во весникот „Политика“ на 18 март, како и за откриените 8 случаи: 6 од селото Дањане, 1 од селото Ратковац и 1 од Ѓаковица. Истиот ден, бил објавен додаток во „Политика“ во кој се зборувало за потеклото на големите сипаници, симптомите, развојот на болеста, компликациите и методите на лекување, напишан од проф. д-р Михаило Николиќ, директор на Клиниката за инфективни болести во Белград.
На 20 март, директорот на Здравствениот дом во Нови Пазар, д-р Властимир Илиќ, го известил Републичкиот санитарен инспектор дека пациентот Неџиб Мумџиќ бил на Интерниот оддел на болницата кога бил осомничен дека е заразен со големи сипаници. Откако го информирале републичкиот секретар за здравство и социјална политика на СР Србија, д-р Ѓорѓе Јаковљевиќ, двајцата епидемиолози од институтот „Торлак“ заминале во Нови Пазар на 21 март, и зеле брис од пациентот. Иако во многу тешка општа состојба, пациентот бил свесен и ориентиран, па лекарите од разговорот со него дознале дека неговиот неодамна починат брат Латиф одел во Ѓаковица неколку пати, околу 20 февруари, кога во него имало заболени од големи сипаници. Веднаш по пристигнувањето во Белград, на „Торлак“ било потврдено дека во земените примероци има голема сипаница, што ја потврдува претпоставката дека вирусот од Ѓаковица и Нови Пазар се проширил во Чачак и Белград. Веднаш по добивањето на веста од „Торлак“, биле формирани карантини во Клиниката за дермато-венерологија и во Одделот за трауматологија на Првата хируршка клиника во Белград, каде престојувал инфицираниот Латиф Мумџиќ. Истиот ден бил прогласен карантин на Клиниката за инфективни болести во Белград, каде биле примани сомнителни случаи, кои по дијагностицирањето биле транспортирани во карантинските објекти на Авала – прво во планинарскиот дом „Чарапиќев брест“, а потоа и во мотелот „Хиљаду руша“.
Ставањето на Првата хируршка клиника со 125 пациенти и 89 членови на персоналот во карантин била сериозна задача, затоа што многу пациенти биле отпуштени од оваа болница по смртта на Латиф Мумџиќ. Состојбата на клиниката за дермато-венерологија била многу полесна, бидејќи од оваа клиника биле отпуштени само тројца пациенти. Бројот на заразени лица на Првата хируршка клиника бил 19 лица – 14 пациенти и пет здравствени работници, од кои петмина починале. Двајца од петте смртни случаи никогаш не биле успешно вакцинирани, додека кај трите смртни случаи од големи сипаници, вакцината само ја забрзала смртта од основната болест. Меѓу починатите на Клиниката за инфективни болести била и медицинската сестра Душица Спасиќ (1949-1972), која починала на 24 март.